Дали и вашите полици се полни со повеќе книги отколку што имате време да читате? Или непрочитаните книги ви предизвикуваат грижа на совест? Ако тоа е случајот, вие целосно би се пронашле во дефиницијата за јапонскиот збор „цундоку“ (за кој веќе пишував на блогот), што накратко значи купување повеќе книги отколку што можете да прочитате. A со оглед на тоа дека се наближува Саемот на книга, сите знаеме дека ќе се вратиме дома со еден куп книги. 😀
Брајан Колинс за „Форбс“ има напишано една статија со совети кои би можеле да ви помогнат да ја ставите под контрола желбата за постојано купување нови книги и да се фокусирате на вашата листа за читање. Во продолжение прочитајте ги советите.

Препознајте го читањето како извор на учење
Нема ништо лошо во тоа да се читаат т.н „лимонади“ или лесни трилери за сопствено задоволство. Добра научна/економска/општествена/психолошка книга одвреме-навреме може да биде добар извор за учење и да ви помогне да решите некој проблем. Во едно интервју за „Њујорк Тајмс“, Бил Гејтс има кажано:
„Овие денови, имам можност да посетам интересни места, да се среќавам со научници и да гледам многу онлајн предавања. Но, читањето сѐ уште е главниот начин преку кој учам нови работи и го тестирам моето разбирање.“
Гејтс не е сам во ова. Кога бил запрашан за неговиот успех, Ворен Бафет го изјавил ова пред група дипломци:
„Секој ден читајте по 500 страници. Така функционира знаењето. Се гради. Се собира, како каматна стапка. Сите можете да го правите ова, но гарантирам дека малкумина од вас навистина ќе го направат тоа.“
Но, како човек да помине низ 50 страници, а да не пак 500 страници дневно?

Читајте повеќе од една книга одеднаш
Јас сакам да имам две или три книги на дофат. Оваа тактика ми помага да преминам од една на друга книга без да ми стане здодевно. Читање на неколку книги одеднаш значи дека идеите од првата книга на чудни начини се мешаат со идеите од втората книга.
Финтата е да не читате толку многу книги што ќе ви биде тешко да ги завршите. Но, ако читате повеќе од една книга одеднаш, секогаш ќе имате нешто на кое ќе му се радувате.
Слушајте аудио книги
Аудио книгите се фантастичен начин да поминете низ повеќе книги (особено ако се научни/општествени/психолошки) кои се наоѓаат на вашата листа. Можете да слушате книги додека одите на работа, додека патувате или вежбате. Откако ќе ви легне овој формат, зголемете го обемот и брзината на слушање.
Јас конкретно ја сакам „Висперсинк“ технологијата на Амазон која ми овозможува да слушам аудиокнига на телефонот, а подоцнам да можам да продолжам да ја читам на мојот Киндл.
Баталете ги лошите книги
Опра своевремено славно препорача да ја оставите книгата после 50 страници доколку не уживате во неа. Јас ќе ја надополнам таа препорака со „Ако не уживате во неа… и ако не е корисна.“ Ако се мачите со ова, не грижете се. Бил Гејтс исто така има проблем со баталување книги. Гејтс во интервју за списанието „Тајм“ има кажано дека тој поминува повеќе време со книгите кои не му се допаѓаат, затоа што пишува тези и контра-аргументи на маргините на книгата.

Барајте препораки
Во едно интервју за „Тајм“, Гејтс ја има именувано „Бизнис авантури“ од Џон Брукс како едно од неговите омилени четива. Тој рекол:
„’Бизнис авантури’ е збирка од есеи на Брукс објавени во „Њујоркер“ за тоа зошто одредени компании успеале или пропаднале. Есејот наречен: „Xerox Xerox Xerox Xerox“ треба да добие награда за најпроникливо име на поглавје, а лекциите во книгата се уште подобри. Јас се инспирирав од неа додека раководев со Мајкрософт.“
Сигурно нема да може да се посоветувате со славни личности пред да купите одредена книга, но можете да барате препораки од луѓето околу вас или да пребарувате јавни листи со препораки од познати личности, автори и различни страници.
Создадете ваша „антибиблиотека“
Либанско-американскиот инвеститор и писател Насим Талеб, верува дека книгите кои не сте ги прочитале содржат повеќе вредност околку оние кои не сте ги прочитале. (За ова веќе пишував на блогот, повеќе на оваа тема – тука)
Во „Црниот лебед“ тој вели: „Антибиблиотеката треба да содржи што е можно повеќе работи кои не ги знаете (се разбира онолку колку што ви дозволуваат финансиските услови)“.
Со други зборови, на крајот на краиштата, нема ништо лошо во „цундоку“.
Целосната и оригиналната верзија на статијата на Брајан Колинс можете да ја прочитате – тука
