Што читаше Кафе и книги во август?

Верувале или не, започна септември, а наскоро ќе започне и есента. Есен е прекрасно време за читање книги, а овој месец го имаме и Саемот на книга (8 до 14 септември). Стандардно, на почетокот на секој месец објавувам листа со предлози за читање, составена од книгите кои ги прочитав изминатиот месец, па можеби некоја од нив ќе ви фати око и ќе ја ставите на вашата листа со книги за Саемот на книга.

Сите наши тела“ – Георги Господинов

258

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт: Ова е една од најдобрите книги кои ги прочитав во 2020 година. Се чита во еден здив, особено бидејќи се работи за збирка со кратки раскази, формат за кој Господинов е мајстор. Сите збирки со раскази на Господинов имаат посебен шарм, но оваа некако највеќе ми прирасна за срце.

Има прекрасни мисли, кои ве наведуваат да размислувате, многу интересни поенти за различни аспекти од нашето живеење. Има една нишка меланхоличност, но и доза на хумор која секогаш одлично и остроумно пренесува одредена поента.

Уживав во секој ред од оваа книга и ја прочитав на едно седнување. Искрено ви ја препорачувам, откако ќе ја прочитате ќе имате убаво чувство, како да ја гали душата. Една од речениците кои највеќе ми оставија впечаток, можеби и поради околностите кои 2020 ги донесе со себе е следната: „Во сонот и во смртта, секој сам влегува, но до портата добро е да си со некого.“

Чума“ – Албер Ками

806_4_31_16__22__11_2016chuma

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Ками е еден од моите омилени автори, па затоа секогаш ќе бидам субјективна во врска со неговите дела, но ова е едно дело кое морате да го прочитате, особено што е навистина релевантно за сѐ она што поминавме со КОВИД-19 во 2020 година.

Дејството на приказната се врти околу едно гратче во кое се појавува чудна чума која е многу заразна и зема огромен замав. Нараторот ни ги доловува околностите, го анализира однесувањето на властите, на луѓето, како и на влијанието кое чумата го има врз луѓето.

Оваа книга само ја потврдува генијалноста на Ками, неговата способност да навлезе во детали во психолошката состојба на колективот и општеството, но сето тоа го прави со неверојатна човечка емпатија. Не осудува, не исмејува, тој само забележува. Прекрасна книга. На почетокот на кризата и распространувањето на КОВИД-19, на блогот веќе имаше еден текст токму за оваа книга, па така, ако сакате да дознаете нешто повеќе за книгата, кликнете тука.

Една од омилените мисли, кои само ќе ви долови колку прецизно Ками го доловува чувството на изолираност и самотија за време на карантинот:

Тоа навистина беше чувство на прогонство, таа празнина што секогаш ја носевме со себе, онаа одредена емоција, неразумна желба и копнеж за враќање на старото, или пак луда потреба да го забрзаме текот на времето, вжештените стрелки на спомените.“

Нормални луѓе“ – Сали Руни

normalni-luge-korica

Издавачка куќа: КУЛТУРА
Оцена: 5/5
Осврт: Оваа книга стекна огромна популарност благодарејќи на истоимената серија на BBC (која е достапна за гледање и на сервисот „Хулу“) која е направена според книгата.

Доколку сте љубител на книги во кои се прикажуваат двете страни, односно внатрешниот монолог и умствена состојба на двајца луѓе, книги кои се меланхолични и кои прикажуваат развој на еден однос низ текот на годините, ова е книга за вас.

Приказната го следи комплицираниот однос на Мариен и Конел кои започнуваат тајно да се гледаат додека се средношколци, но потоа нивните животи постојано се испреплетуваат на еден или друг начин.

Но, она што мене најмногу ми се допадна кај оваа книга е тоа што прикажува како понекогаш нашите врски се разнишуваат заради недоволна комуникација, заради нашата затвореност и страв да се отвориме, заради работите кои ни се случиле во минатото и затоа што се плашиме да покажеме делови од себе кои мислиме дека ќе им бидат одбивни на другите. Многу убава книга. Исто така мислам дека оваа книга ќе им се допадне на оние на кои им се допаднала книгата „Еден ден“ и истоимениот филм со Ен Хетавеј.

Една од најдобрите мисли од книгата: „Животот е нешто што го носиш со тебе во твојата глава.”

Припитомување на кучката“ – Венко Андоновски

venkoand

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Доколку сте ги читале книгите на Венко Андоновски и доколку сте љубител на неговиот стил на пишување, оваа збирка раскази со сигурност ќе ви се допадне.

Неколку препознатливи тематики се провејуваат во оваа книга, но истовремено во неа има и голема доза свежина и еден нов вид на пристап.

Истовремено, книгата нуди и многу интересна сатира на одредени сегменти од нашето општество, но тоа е направено на многу интересен и суптилен, а сепак јасен начин.

Од овој аспект, сатиризирањето на одредени појави и тип на луѓе е нешто што е потребно во македонската книжевност и Венко Андоновски го прави тоа на многу интересен начин. Овен тоа, со оглед на тоа дека е збирка на раскази, а и стилот на Венко Андоновски е одличен и забавен, ќе ја прочитате книгата за многу брзо време.

Една од омилените мисли од книгата:  „…омразата е само љубов до смрт преплашена од непознатото…“

Види кој се врати“ – Тимур Вернеш

15_42_22_16__1__9_2013vidi-koj-se-vrati

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: Доколку ви е потребна комедија и сатира, оваа книга навистина многу ќе ви се допадне. Јас всушност ја земав оваа книга пред неколку години на Саем, но никако не стасуваше на ред.

Но, навистина многу ми се допадна, имаше многу моменти кога се смеев на глас. Дејството на приказната е уникатно: Хитлер се буди во денешно време и никој не му верува дека е Хитлер (сосема оправдано).

Сите мислат дека тој е некој актер кој само е многу внесен во улогата. По сплет на околностите тој добива улога во една емисија каде што целта е да се прави пародија на Хитлер, но тој го гледа тоа како платформа да се „врати на голема врата“.

Иако е навистина смешно да се чита како Хитлер се справува со најновите модерни технологии (мобилни телефони, компјутер, интернет, и слично), секако, цело време сте свесни дека станува збор за еден од најгрозоморните личности во историјата. Авторот многу вешто се погрижил во ниту еден момент меѓу смеењето да не заборавите дека тој е одговорен за некои од најголемите злосторства во историјата, со тоа што едноставно ги изнесува неговите ставови.

Книгата е комедија, нема збор, но истовремено е и предупредување дека често, опасностите не ги забележуваме додека не е предоцна и дека многу често луѓето не сфаќаат дека нешто е опасно, сѐ додека тоа нешто не преземе контрола. Како што се развива приказната, често гледаме паралели дека тој исто така не бил сфаќан сериозно и на почетокот на неговата политичка кариера и со тоа се влечат паралели со сегашноста.

Секако, невозможно е Хитлер да е жив, но всушност тој е олицетворение на одредени појави кои се сѐ поприсутни во нашето општество. Одлична сатира на денешното општество, но сепак е еден вид предупредување за сите нас, иако на прв поглед делува како да е само обична комедија.

Омилена мисла од книгата: Не многу нешта се потажни од напуштено детско игралиште.“

Марсовските хроники“ – Реј Бредбери

koritsa-marsovskite-hroniki

Издавачка куќа: КОНГРЕСЕН СЕРВИСЕН ЦЕНТАР/ПОЛИЦА
Оцена: 4/5
Осврт: Оваа книга ќе биде одлично освежување за сите љубители на научна фантастика! Но, дури и да не сте љубител на овој жанр (како мене), нема шанси да не ви се допадне прекрасната проза и стилот на раскажување на Бредбери.

Бредбери е најпознат по своето неверојатно дело „Фаренхајт 451“, но и оваа книга е навистина одлична! Она што мене ми беше најинтересно е самиот формат. Можете да ја читате како збирка раскази, но и како роман, бидејќи целиот концепт се надоврзува еден на друг, иако секое поглавје е посебна приказна.

Во книгата Бредбери замислува свет во кој луѓето се толку напредни што успеваат да стигнат на Марс. Најпрво, тоа е само обична експедиција, но како што минуваат годините, луѓето успеваат и да го колонизираат Марс. Многу интересна и необична книга, навлегува во многу интересни теми, ни ја прикажува и перспективата на Марсовците, но и на одреден начин природата на луѓето и нивната судбина. Со оглед на тоа дека неодамна се одбележаа 100 години од раѓањето на Бредбери (22 август 1920), ова е одлична прилика да се прочита оваа книга.

Омилена мисла од книгата: „Секогаш постоеше малцинство луѓе исплашени од нешто и огромно мнозинство луѓе исплашени од мракот, исплашени од иднината, исплашени од минатото, исплашени од сегашноста, исплашени од себеси и својата сенка.

Leave a comment