Елена Феранте, Шарлот Бронте и како анонимноста е заштита од стереотипите за жени…

Истражувачкиот новинар Клаудио Гати, во еден напис за „Њујорк Ревју оф Букс“, изјавил дека го открил вистинскиот идентитет на писателката Елена Феранте. Феранте, писателката која е најпозната по книжевниот серијал „Мојата генијална другарка“, сѐ досега беше потполно анонимна, давајќи интервјуа само преку мејл, а нејзиниот вистински идентитет е познат само на нејзиниот издавач.

Во многу аспекти, приказната на Феранте е слична на онаа на Шарлот, Емили и Ен Бронте. Сестрите Бронте ги објавувале своите дела по машките псевдоними Курер, Елис и Актон Бел. Како и Феранте, и тие ги објавувале своите дела под псведоним за да ја заштитат својата приватност и да ја избегнат славата. Во едно интервју, Феранте изјавила дека одбрала да пишува под псевдоним за да може „целосно да се концентрира и да има целосна слобода во своето пишување и стратегиите при пишувањето.“

1wlxaji-ejswcysexrndhyw

Сестрите Бронте објавувале дела под машки псевдоними, затоа што нивните романи истражувале теми кои биле „неженствени“ за нивните рани викторијански читатели: сексуална страст, алкохолизам, семејно насилство и слично. Како и да е, критичарите набргу ги обвиниле „Браќата Бел“ дека се женски писатели или пак некои велеле дека ги користат своите писанија за да потврдат дека сигурно се мажи. Се велело дека сленгот и сексуалните додворувања на господин Рочестер се доказ дека „Џејн Ер“ е дело на маж, додека пак деталната разработка на психологијата и чувствата на Џејн го издавале фактот дека романот е дело на женска рака.

Тивка контроверзна слава

На почетокот, дури и издавачите не го знаеле вистинскиот идентитет на нивните „озогласени“ автори. Кога еден американски издавач кажал дека „Агнес Греј“, романот на Ен, и „Оркански височини“, романот на Емили, се напишани од авторот на „Џејн Ер“, Шарлот и Ен веднаш турбулентно отпатувале за Лондон за да докажат дека се работи за различни идентитети. Шарлот тогаш ја дала познатата изјава: „Ние сме три сестри.“

Иако Шарлот делумно ја прифатила својата слава, Емили била вознемирена, бидејќи сакала да биде позната само како „Елис Бел“, машки автор. Како дело на женски писатели, романите биле прогласени за „груби и брутални“, а самите писателки како „речиси да немаат род“.

pg-26-brontes3-pa

Романсиерката Елизабет Гаскел имала свој придонес во играта на погодување за тоа кои се „Браќата Бел“. Кога ја открила вистината, таа напишала победничко писмо до пријателка: „Курер Бел (Аха! Што ќе ми дадеш во замена за тајна?). Таа е женско.“ Додека ја пишувала книгата „Животот на Шарлот Бронте“, по нејзината рана смрт во 1855 година, Гаскел стратешки ја позиционирала Шарлот како „побожна и пожртвувана ќерка“, исто како и талентирана романсиерка.

Биографијата на Гаскел започнала тренд која сѐ уште ги прогонува сестрите Бронте. Таа го лоцирала „потеклото“ на ликовите и местата во романите на сестрите Бронте и ги поврзала со луѓето и локацијата на нивниот роден Јоркшир. Романите на Бронте оттогаш, па сѐ до денес се читаат низ призмата на писателките и нивните животи и истовремено тие толкувања ги негираат генијалноста, имагинацијата и книжевните вештини на сестрите Бронте.

Исчезната анонимност

Многу критичари и коментатори ги критикуваат истражувањата на Гати, наведувајќи ја желбата на Феранте за анонимност и приватност. Во време на невиден пристап до авторите, преку социјални мрежи и книжевни фестивали, можеби делуваше дека е неизбежно на крај да биде откриен идентитетот на Феранте и се сметаше дека е незамисливо еден писател вечно да се крие и да ја задржи анонимноста.

Сестрите Бронте имале поголема контрола врз тоа кои луѓе ја знаеле нивната тајна отколку Феранте. Критичарот Џорџ Хенри Луес, кој подоцна ќе стане партнер на романсиерката Џорџ Елиот, на хартија го фалел романот „Џејн Ер“ и се допишувал со „Курер Бел“. Но, Луес го стекнал презирот на Шарлот кога го искритикувал нејзинот втор роман „Ширли“, нарекувајќи го „производ на женско пенкало“, откако дознал дека е ќерка на свештеник. Шарлот одговорила со краток, но жесток коментар: „Јас можам да се чувам од своите непријатели, но Бог нека ме чува од моите пријатели!“

jane-eyre-charlotte-bronte-keeping-up-with-the-penguins

Приказната на Феранте отвора важни прашања за тоа како го читаме и вреднуваме женското пишување и авторство. Феранте има изјавено дека делумно сака да ја заштити неаполската заедница за која пишува во своите романи, исто како што Шарлот сакала да пишува за свештениците од Јоркшир, кои таа ги познавала, без стравот од откривање.

Втората не успеа. Мештаните од Хаворт со задоволство ги идентификувале некои од луѓето врз кои се базираат некои од ликовите од романот „Ширли“. Ако биде откриена, со минато подложно на истраги и прашања, романите на Феранте би можеле да бидат подложени на бледите и еднодимензионални биографски читања на делата на сестрите Бронте, кои со векови се подложени на тоа.

Досега, како непозната литературна фигура, Феранте исто така ја избегна опасноста нејзините дела да бидат ставени во кутиите неправедно резервирани за жени писатели – романса и книги за жени. Нејзините длабоки и сеопфатни испитувања за животот на жените и пријателствата се сфатени сериозно. Културната критичарка Лили Лофбуро тврди дека „псевдонимот на Феранте бил подарок за нејзините читатели. Таа нѐ заштити од настојувањето да го сведеме нејзиното творештво само на нејзината женственост, семејство, биографија“.

file-20190628-94704-1a0lreq

Романите на сестрите беа вознемирувачки и иновативни кога првпат биле издадени, но денес, понекогаш се сметаат само како полу-автобиографски романси, делумно како резултат на холивудските филмски екранизации.

Меѓутоа, откако Санда М. Гилберт и Сузан Губар ја објавија книгата „Лудата жена на таванот“ во 1979 година, романите на сестрите беа ревидирани и почнаа да бидат сметани за феминистички критики и за дела на книжевни генијалци – иако за тоа беа потребни повеќе од 100 години по првичното објавување на нивното творештво.

Не се знае како делата на Феранте ќе бидат примени од читателската публика, сега кога нејзиниот идентитет можеби е откриен, но за тоа времето ќе покаже. Приказната на сестрите Бронте може да послужи како предупредување никогаш да не се изгуби погледот и вниманието од делото и творештвото само по себе и само за себе.

Извор.

Leave a comment