На 7 септември 2020 година, со почеток од 21 часот, во кафулето „Шортбас“ (поранешно „Љубов“), ќе се одржи промоцијата на „Лето во кое те нема“, новиот роман на Петар Андоновски, во издание на издавачката куќа „Или – Или“.
Петар Андоновски неодамна ја доби Европската награда за литература за неговиот трет роман „Страв од варвари“, кој доби позитивни критики од различни страни и претставува огромен успех за македонската книжевност. Освен Европската награда за литература, Андоновски за својот роман „Телото во кое треба да се живее“ (2015) ја доби наградата „Роман на годината“ на Утрински весник.

Промоцијата е отворена за јавноста, а промоторки на романот ќе бидат Ирена Цветковиќ и Румена Бужаровска.
На официјалниот настан на Фејсбук, издавачката куќа „Или – Или“ постави неколку интересни мислења за книгата на Андоновски, па истите можете да ги прочитате и подолу, како и на самиот линк погоре, од каде и се преземени мислењата, како и сликата која е погоре поставена:
„Во однос на универзалните книжевни текови, Андоновски со своите романи го носи големиот свет во македонскиот јазик, промислувајќи го естетски релевантно и актуелно. Она што од една страна е врзаност на авторот со поднебјето, од друга страна се претвора во сензитивна мембрана преку која продираат големите нешта во малата книжевност. Андоновски зафаќа теми кои одамна (или никогаш) не се пишувани кај нас. Другоста, траумите, сексуалноста, престапите, осамите… како ореоли на луѓето од секојдневието.
Просторот на делата на Андоновски најчесто не е или само делумно е наш, неговите романи речиси секогаш се населуваат или се поврзуваат со далечното, неодреденото,.. со морето и синиот бескрај и во оваа негова карактеристика се препознава отскокнување од локалното, но само во поетолошко-филозофска смисла. На тој начин, најнашето станува најсветско или обратното – најсветското станува најнаше. Токму во овој спој на нештата е неговата вистинска вредност и посебност во домашната книжевност.“
~ Оливера Ќорвезироска
„Во најновиот роман „Лето во кое те нема“ Андоновски повторно ни говори за борбата да бидеш свој, а не она што другите го очекувале од тебе или оној/онаа што си мислел дека треба да бидеш. Да бидеш ти – ти, пред себе, пред оние кои ги љубиш, пред оние кои те љубат, пред оние кои не те разбираат, пред целиот свет, тоа е предизвик за секој кој се обидува да ја осознае својата мисија во светот, но и секој кој упорно си го поставува прашањето ‘Кој сум јас?’.“
~ Ана Мартиновска
„’Лето во кое те нема’ е искрен, интимен и храбар роман која проникнува во најмрачните и досега неискажаните понори на нашето општество. Оваа моќна приказна, раскажана со препознатливиот питок јазик на еден од нашите најбитни современи писатели, Петар Андоновски, отвора ново, ослободувачко поглавје во македонската книжевна традиција.“
~ Румена Бужаровска
