Колку пати сте се запрашале дали можеби најсимптоматичниот духовен проблем на модерниот човек е неговата неспособност да биде сам со себе и да не прави ништо?
Еден од најголемите интелектуалци на 20 век, Бертранд Расел, го поставил ова прашање во своето познато дело „Освојување на среќата“ и се обидел од аспект на научник, филозоф и писател да ги проучи луѓето од својата генерација и нивната манична потрага по возбудувања.
„За разлика од нашите предци, ние сме многу помалку изложени на досада, а повеќе се плашиме од неа. Дојдовме до сознанието, или барем уверувањето, дека досадата не е природен дел од човековата суштина и дека со доволно енергична потрага по возбуда може да се избега од неа.“

Нашиот хедонизам, како и нашата потрошувачка манија, се само еден од многуте обиди да се избега од досадата.
„Како што се искачуваме на општествената скала, копнежот кон возбудувања станува сѐ посилен. Оние кои можат да си го дозволат тоа, патуваат од едно на друго место, носејќи со себе добро расположение, танцување и опивање, но од некоја причина секогаш очекуваат дека во сето тоа повеќе ќе уживаат на некое ново место.
Оние кои се принудени да заработуваат за живот ја добиваат својата доза на досада во работните часови, но оние кои се ослободени од потребата да работат, имаат цел да создадат живот целосно лишен од досада. Тоа е племенит идеал и далеку од тоа дека сакам да го оцрнам, само се плашам дека, како и сите други идеали, е потешко остварлив отколку што им се чини на идеалистите. На крајот на краиштата, утрата се досадни исто онолку колку што претходните вечери биле возбудливи. Ќе дојде средното доба, веројатно и старото доба.
На 20 години, човек верува дека животот завршува на 30 години. Поеднакво е глупаво рано да се потроши својот витален, исто како и финансискиот капитал. Малку досада можеби е неоппходен дел од сечиј живот. Желбата да се побегне од досадата е природна, а луѓето дури и кавгите со соседите би биле подобри од ништо. Затоа досадата е клучен проблем на сите моралисти: затоа што барем половина од сите зла на светот се случуваат како последица на стравот од досада.“

Меѓутоа, според Расел, не постои само еден вид досада, и тој во досадата ја препознава и нејзината витална сила:
„Досадата, наспроти сѐ, не треба да се смета за целосно лоша работа. Постојат два вида досада, едната е делотворна, а другата е заглупувачка. Делотворната настанува во недостаток од опијати, заглупувачката во недостаток на витални активности. Она што е карактеристично за опијатите е карактеристично за секој вид возбуда. Животот кој е преполн со возбудувања е исцрпувачки живот, во кој секогаш е потребна поголема доза стимуланси за да создаде возбуда за чувство на задоволство. Личноста која е навикната на премногу возбудувања е идентична на личноста која толку многу сака лут вкус, што на крај станува и имуна на лутината до степен што не ја ни забележува сѐ додека не почне да се гуши од неа… Одредената способност да се поднесе досадата е неопходна за среќен живот и тоа е една од работите која треба да им се пренесува на младите луѓе.
Способноста да се поднесе повеќе или помалку монотон живот би требало да се стекне уште во младоста. Модерните родители тука грешат: Тие на своите деца им овозможуваат премногу пасивна забава и не сфаќаат колку е важно да го научат детето да живее ден за ден, на ист начин.“
