Како бил разоткриен псевдонимот на Стивен Кинг?

За време на еден пролетен ден во 1985 година, Стив Браун бил на смена во книжарницата „Олсонс“ во Вашингтон кога го слушнал своето име на интеркомот, наводно, некој го барал на телефон. Кога Браун ја кренал слушалката, тој слушнал глас од другата страна: „Стив Браун? Овде е Стивен Кинг. Океј, ти знаеш дека сум Бахман, јас знам дека сум Бахман. Што ќе направиме во врска со тоа? Ајде да зборуваме.“

Кинг мислел на Ричард Бахман, псевдонимот кој почнал да го користи осум години пред тој повик да се случи и под тој псевдоним издал четири книги („Бес“, „Долгата прошетка“, „Работа на пат“ и „Тркачот“). Овие наслови лебделе низ книжевниот маркет со релативна непознатост, привлекувајќи само бледо сомневање дека нивниот вистински автор е еден од најпознатите и најуспешните писатели во 20 век. Луѓето од „New American Library”, издавачката куќа на Бахман, ги побивале сите тврдења дека авторот е измислен.

Но, Браун, продавач во книжарница, писател и издавач на обожавателски списанија, прочитал доволно романи на Кинг за да препознае дека последната книга на Бахман, „Потенко“, несомнено е дело на Кинг. По дополнително истражување, Браун му напишал писмо на агентот на Кинг во кое го споделил своето откритие и го прашал како сакаат да продолжат со ова откритие. Ова го одбележало почетокот на крајот за Бахман, кој наскоро ќе исчезне, како што напишал Кинг, поради „рак на псевдонимот“.

До 1977 година, Кинг ја комплетирал неговата преобразба од сиромашен професор по англиски јазик во културен феномен. Неговите први три книги „Кери“, „Толпата во Салем“ и „Сјаење“ биле бестселери, а „Стојалиште“ била пред завршување. Екранизациите и авторските права биле додадени на неговото новостекнато богатство.

Професионалниот проблем со кој се соочувал Кинг е тоа што постојано пишувал и постојано излегувале зборови од него. Неговите романи биле огромни, првото објавување на „Стојалиште“ било скратено од 1152 на 752 страници и тој имал желба да објавува повеќе од она што во тоа време било стандард во книжевната индустрија – една книга годишно. Уредниците се бунеле: Повеќе изданија би го заглавиле и преплавиле пазарот и би го разводениле брендот на Кинг и би ја искасапиле продажбата на книгите.

Уморен од тоа да се расправа околу ова, Кинг решил да испрати еден од неговите рани ракописи на еден од неговите издавачи, со белешка дека делото би било објавено под псевдоник. Уредничката Илејн Костер се согласила сѐ тоа да се случува под невиден вел на тајност, а тоа значело дека ќе ја чува тајната дури и од вработените во издавачката куќа, како и од директорот.

Уште една причина за прибегнување кон псевдоним било тоа што Кинг долго се прашувал дали неговите дела би биле успешни надвор од славата која ја стекнал низ годините. „Фрлајќи се на работа“, книга за еден студент кој ги држи своите соученици како заложници добила сосема малку внимание и на крај била оставена самата да успее или да исчезне. Кинг за „Вашингтон пост“ во 1985 година изјавил: „Сакав да се обидам и или да најдам публика или тивко да исчезнам.“

Првата пречка за Кинг бил псевдонимот кој му се допаѓал: Гај Пилсбери. Пилсбери било презимето на дедото на Кинг од страната на мајка му, но кога првиот роман почнал да циркулира во издавачката куќа, неколкумина вработени веднаш ја сфатиле врската со Кинг. Тој го повлекол ракописот, го сменил името во „Бес“ и имал подобра среќа во зачувување на анонимноста.

(Извор: Leemage/Corbis via Getty Images)

Кога дошло време да се издава книгата, Кинг добил повик и го прашале кој псевдоним ќе го употребува. Во моментот свирела плоча од Бахман Турнер Овердрајв, а на неговото биро имало роман од Ричард Старк. Старк бил псевдонимот на писателот Доналд Е. Вестлејк, па така настанал псевдонимот Ричард Бахман.

По објавувањето на „Бес“ во 1977 година, следувало објавувањето на „Долгата прошетка“ во 1979 година, „Работа на патот“ во 1981 година и „Тркачот“ во 1982 година. Продажбата била скромна, а реакцијата на читателите била млака. Кинг се сеќава дека во тоа време тој месечно добивал околу 50 или 60 писма од обожаватели, додека Бахман добивал по две најмногу.

Сепак, во тоа време тој уживал во тоа што имал алтер-его и му било интересно да смислува морбидна биографија за Бахман. Во неговиот ум, Бахман бил земјоделец кој чувал кокошки во Њу Хемпшир, кој навечер пишувал романи, бил среќно оженет, но лицето му било деформирано како последица од прележана болест, па затоа кутриот Бахман бил недостапен за интервјуа.

Кинг успеал долго време да остане неоткриен. Но, објавувањето на „Потенко“ во 1985 година поттикнало нови, свежи сомневања за Бахман. За разлика од другите романи, овој роман го следел стилот на пишување кој Кинг го имал во тоа време, а на корицата пишувало дека е „книга на Бахман“, и некако било преочигледно било дека се работело за обид за прикривање и пренасочување на вниманието од вистинскиот автор.

И за разлика од претходните дела на Бахман, кои често вклучувале нихилистички, но приземјени сценарија: шетачки маратон кој завршува со смрт или игра каде што затворениците мораат да си ја заработат слободата, „Потенко“ повеќе личело на хорор приказна, со крупен адвокат кој бил проколнат да губи тежина сѐ додека не стане коска и кожа.

Кога Стив Браун земал примерок од книжарницата во којашто работел, тој имал некакво цврсто чувство дека чита роман на Кинг. За да ги потврди своите сомнежи, тој ја посетил Конгресната библиотека за да ги истражи авторските права на секоја книга на Бахман. Сите, освен една книга, биле регистрирани на име на Кирби МекКали, агентот на Кинг. Преостанатата книга била книгата „Бес“, чии авторски права се воделе на име на самиот Кинг. Тоа бил последниот доказ кој ја потврдил теоријата.

Браун му напишал писмо на МекКали во кое ги изнел доказите и побарал совет што да прави со информациите кои ги собрал. Тој не планирал да го издаде Кинг, но во овој период веќе почнале да се наталожуваат сомневања и многу новинари веќе почнале да се распрашуваат и да им поставуваат прашања и на Кинг и на луѓето од издавачката куќа. И тогаш, Кинг решил да му се јави директно на Браун и да му понуди ексклузивно интервју во кое самиот ќе си го разоткрие алтер-егото.

Со дозвола на Кинг, издавачката куќа „НАЛ“ почнала да пушта примероци од „Потенко“, на кои пишувало: „Стивен Кинг пишува како Ричард Бахман“. Следната година, тие повторно ги објавиле сите претходни дела на Бахман во еден том наречен „Книгите на Бахман“, а продажбата на тоа издание била многу поблиска до она што се очекувало од наслов на Кинг. Филмските продуценти кои ги откупиле филмските права за „Тркачот“ биле пресреќни, затоа што тие добиле релативно ниска цена како за калибар од типот на Бахман (непознат автор), за производ на Стивен Кинг.

Единствената личност која била несреќна со сето ова бил самиот автор. Кинг сметал дека Бахман бил речиси на раб да започне да добива свои сопствени следачи и свој сопствен идентитет и тој планирал да продолжи да објавува под тој псевдоним. (Тој планирал „Мизерија“ да биде дело на Бахман.)

Но, „Потенко“ било роман кој премногу личел на книга на Кинг и изгледало како самиот Кинг да продолжува да го врзува јажето кое на крај ќе го обеси неговото алтер-его. Еден од ликовите во „Потенко“ вели: „Едно време почна да звучиш како роман на Стивен Кинг.“

Во воведот на „Бахмановите книги“, Кинг наговестил дека можно е да постојат повеќе „неоткриени“ ракописи на Бахман. Во 1996 година, тој го објавил делото „Регулатори“ како „постхумно“ дело на Бахман и истото го направил и со „Пожар“, роман објавен во 2007 година, кој оригинално бил напишан во 70-тите години на 20 век. Романот „Темната половина“ од 1991 година го посветил на својот псевдоним. Се работи за автор со псевдоним, кој самиот си добива свој живот.

На крајот, самиот Бахман можеби и ја изгубил својата корисност. Во 80-тите години на 20 век, издавачите се опуштиле и ја напуштиле својата строгост во поглед на тоа колку дела треба да се издаваат годишно, па на крај се случило Кинг под свое име да објави дури четири книги во една календарска година.

Дали Бахман би можел да му конкурира на Кинг во поглед на популарноста е прашање кое вечно ќе остане неодговорено. За време на неговото кратко време на објавување романи, тој повремено добивал позитивни критики кои наговестувале дека го чека светла иднина. Своевремено, еден критичар напишал: „Ова е нешто што Стивен Кинг би го напишал кога Стивен Кинг би знаел навистина да пишува.“ Иронија.

Извор.

Leave a comment