Кога бил воен заробеник во нацистичка Германија, Курт Вонегат фамозно го има преживеано бомбардирањето на Дрезден во 1945 година, со тоа што се криел во еден сандак за месо во една кланица – вознемирувачко искуство кое влијаело на создавањето на заплетот на неговото неверојатно дело „Кланица пет“, издадено во 1969 година.
За време на неговиот живот, Вонегат опширно зборувал за неговото воено искуство, зборувајќи за уништувањето на „најверојатно најубавиот град во светот“ и опишувајќи ги обврските околу закопувањата на мртвите кои тој и останатите воени заробеници ги преземале на свој грб: и најважно од сѐ, откопувањето на 130.000 тела кои биле заробени во урнатините; задача, која писателот, со својот препознатлив отворен и директен говор, подоцна ја нарекол „ужасно детален лов по Велигденски јајца“.
Извадоци од бележникот на Вонегат, Christie’s Images Ltd. 2018
Лорен Кристенсен за „Њујорк тајмс“ напишала дека пред извесно време се дознало за постоењето на една ризница составена од слики, исечоци од весници и писма собрани од Вонегат и неговото семејство во периодот од 1944 и 1945 година, која сѐ до 2018 година била надвор од досегот на јавноста, внимателно скриена и чувана од сестрата и таткото на Вонегат.
Бележникот од 84 страници, кој на една аукција во 2018 година се продал за 187.500 долари, вклучува 22 писма од Вонегат испратени на неговото семејство, слики кои младиот војник ги направил од разрушениот Дрезден и една телеграма од јануари 1945 година во која пишувало: „Војникот Курт Вонегат Џуниор е пријавен за исчезнат во акција“.
Според компанијата „Christie’s“ која ја спроведувала аукцијата, белешките ги одразуваат „впечатливата сатира и сув хумор“ на Вонегат, дури и во најужасните околности. На 3 јануари 1945 година, две недели по неговото заробување, тој напишал едно писмо во кое кажал: „Ова е една ѓаволско празнична сезона за сите нас“. А во порака напишана два дена по неговото ослободување, тој објавил: „Извонредно задоволство е што можам да објавам дека наскоро ќе добиете прекрасна реликвија од Втората светска војна со која ќе можете да го украсите вашето огниште: имено, јас, во одлично зачувана состојба.“
.jpg)
Christie’s Ltd, 2018
Некои други писма на површина ги изнесуваат траумите кои писателот не можел да ги прикрие со весели шеги. Како што вели во една белешка од 21 мај: „Ова писмо започна како голема шега… но, нема ништо смешно во тоа да гледаш како твоите пријатели изгладнуваат до смрт или да вадиш тело по тело надвор од несоодветни засолништа разрушени од воздушен напад и да ги носиш до масовни керозински погребни клади, а тоа е она што јас го правев во последните шест месеци.“
Џастин Л. Мек од „Индијанаполис стар“ објаснува дека Вонегат, кој бил родум од Индијанаполис, бил регрутиран во армијата на САД во јануари 1943 година, кога студирал хемија на Универзитетот „Корнел“. По краткотрајни излети на Институтот за технологија „Карнеги“ и Универзитетот во Тенеси (каде бил запишан да студира механичко инженерство), тој бил испратен во Европа во 106-та Пешадиска дивизија. Наскоро по пристигнувањето, тој бил заробен од нацистите, кои ја подготвувале својата последна голема офанзива, и така Вонегат бил испратен во Дрезден заедно со другите воени заробеници.
.jpg)
Christie’s Ltd, 2018
Сузан Рага за „Ментал флос“ напишала дека Вонегат ги минувал неговите денови работејќи долги смени во фабрика за сируп. Навечер спиел во кланицата, која на крај му го спасила животот.
Само едно од писмата вклучени во овој бележник било претходно објавено. Тоа ретроспективно писмо, напишано на 29 мај 1945 година, во логор за репатријација во Авр, Франција, ги опишува „садистичките и фанатични чувари“ кои биле одговорни за надгледување на затворениците додека биле во Дрезден. Како единствениот Американец со малку познавање од германскиот јазик, Вонегат станал де факто лидер на групата, позиција која ја изгубил откако им рекол на чуварите „што сѐ ќе им направам кога ќе дојдат Русите.“
Некаде околу празникот св. Валентин, во 1945 година, Американците извршиле дотогаш невидено бомбардирање врз Дрезден и тогаш загинале помеѓу 35.000 и 135.000 луѓе, но како што напишал Вонегат, „не и јас“. Во „Кланица 5“, војник со лоша среќа, на сличен начин ја избегнува смртта, и она што останува од разурнатиот град го нарекува „пуст пејсаж, како Месечината“.
.jpg)
Christie’s Ltd, 2018
Откако бил ослободен, некаде во средината на 1945 година, Вонегат се вратил во Индијанаполис. Тој го објавил неговиот прв роман „Свирачко пијано“ во 1952 година, но неговиот шести роман „Кланица пет“ е романот кој го издигнал во височините. Романот го следи животот на Били Пилгрим, кој лебди и поминува низ целото негово минато. Романот има мрачен заклучок, како што Џонатан Кризи од „Лос Анџелес Ревју оф Букс“ вели: „Масакрите како оној во Дрезден се случиле, тие секогаш се случувале и секогаш ќе се случуваат.“
Самиот Вонегат во една прилика мрачно потенцирал дека бомбардирањата на Дрезден биле толку бесмислени, што е сосема можно дека тој е единствениот кој нешто извлекол од нив. Тој еднаш кажал: „На еден или друг начин, јас добив два или три долари за секој загинат човек. Неверојатен бизнис.“
.jpg)
Christie’s Ltd, 2018
Ако се тргнат настрана поголемите филозофски прашања кои творештвото на Вонегат ги поставува, воениот нотес нуди поглед во растечкиот ум на авторот. Многу од карактеристиките кои се видливи во неговите подоцнежни списи се очигледни во една зародишна форма, но другите квалитети се целосно уникатни, што на овој нотес му дава уникатно место во наследството на Вонегат.
Останува да видиме дали новиот сопственик на нотесот ќе ги објави писмата во целост, а ако тоа не се случи, сѐ уште може да ги читаме извадоците објавени на веб-страницата на компанијата „Christie’s“.
Како што Вонегат славно заклучи во својот роман: „И така ти е тоа.“

