Извонредниот живот на Пабло Неруда доловен преку илустрации…

Нобеловецот Пабло Неруда (12 јули 1904 – 23 септември 1973) не е само еден од најголемите и најпознатите поети на сите времиња, тој исто така е човек со извонреден увид во човечкиот дух. Во негова чест, Моника Браун објавила книга за неговиот живот со прекрасни илустрации од уметницата Џули Пашкис. Книгата се вика „Пабло Неруда: Поетот на народот“.

Во описот за книгата се вели следното:

„Си беше еднаш едно мало момче Нефтали, кој диво ги сакаше сите диви нешта, а тивките нешта ги сакаше тивко. Од моментот кога тој почна да зборува, тој се опкружуваше себеси со зборови. Нефтали ја откри магијата помеѓу страниците на книгите. Кога имаше 16 години, тој почна да ги објавува своите поеми како Пабло Неруда.

Пабло пишуваше поеми за работите кои ги сакаше – работите кои неговите пријатели ги создаваа во кафулето, работите кои можеле да се најдат на пазарот, работите кои ги гледал во природата. Тој пишувал за луѓето во Чиле и нивните приказни за страдањето и борбата. Затоа што над сите работи и над сите зборови, Неруда ги сакаше луѓето.“

Приказната почнува со раѓањето на Неруда во Чиле во 1904 година. Вистинското име на Неруда е Нефтали Рикардо Елиесер Рејес Басоалто, но за да го избегне неодобрувањето на татко му околу неговата поезија, на 16 години се одлучил за псевдонимот Пабло Неруда. Тоа било во периодот кога почнал да ги издава неговите песни.

Потоа, книгата продолжува да ја раскажува неговата животна историја, го следи неговиот развој како писател, политичкото будење и бидувањето активист и неговата длабока љубов кон луѓето, јазикот и светлината на животот.

„Нефтали не беше многу добар во фудбал, ниту пак во фрлање желади како неговите пријатели, но тој сакаше да чита и да открива магија помеѓу страниците.“

Самата приказна нуди сладок потсетник за тоа што прават книгите за душата и уште еднаш го потврдува фактот дека креативната генијалност не е продукт од прилагодувањето на општоприфатените стандарди за извонредност, туку пронаоѓање на сопствениот елемент.

Книгата го слави животот на Неруда, но истовремено е и љубовно писмо до јазикот самиот по себе. Доколку убаво ги загледате илустрациите ќе забележите еден куп зборови и на англиски и на шпански јазик.

Извор.

Leave a comment