На денешен ден во 2006 година, овој свет го напушти еден од најголемите македонски книжевници на сите времиња, Петре М. Андреевски. Тој зад себе остави неверојатно книжевно наследство, кое ние мораме да го пренесуваме понатаму и на следните генерации. Кој не знае барем по некој стих од „Дениција“, или пак кој не прочитал барем некоја негова песна од богатото поетско творештво на Петре?

Зарем има некој кој не прочитал барем еден од неговите романи како „Пиреј“, „Небеска Тимјановна“, „Последните селани“, „Тунел“ или „Скакулци“?
Неодамна го прочитав романот „Небеска Тимјановна“, кој е инспириран од вистинската приказна на Уранија Јурукова, една силна жена која минува низ многу перипетија, цврста жена која се бори рамо до рамо во првите борбени редови за слобода, за ослободување на Македонија, за уништување на фашизмот и за тоа плаќа голема цена.
Но, истовремено, Небеска е мултидимензионален лик, жена која е силна, но истовремено и ранлива, која се соочува со неверојатни маки и страдања, но никогаш не го напушта човечкото и женственото во себе. Никогаш не ја напушта идејата за слободна Македонија, без оглед на околностите.

Романот ме воодушеви и длабоко ме погоди и трогна, на повеќе нивоа и од повеќе причини. Затоа, денес, кога одбележуваме годишнина од смртта на Петре М. Андреевски, во продолжение можете да прочитате неколку прекрасни мисли од романот. Ги има несомнено многу и се надевам дека во следниот период ќе ја надополнам оваа објава, но и овие се доволни за останат запомнети, за да бидат споделувани и за да го испочитуваат споменот на Петре!
~ „Ова е само една вистина, зашто вистини има стопати по толку, којзнае колкупати по толку. Вистини има колку што има луѓе. И живи и мртви.”
~ „И да го мените светот, не менувајте го своето минато, вели дедо, никаде не одете без него.”
~ „Но луѓето паметат колку сите наши соседи се единствени дека нема македонски народ и колку не се единствени чиј е тој народ, кому му припаѓа.”
~ „Дедо велеше: „Преку длабока провалија само еднаш се скока.“ Сега знам дека никој немал можност да повтори скокањето.”
~ „На убавиот човек само убавото му се гледа.”
~ „Без ближен човек и среќата не ти е ближна, а камоли несреќата.”
~ „Пеј за слободата! Ќе пеам кога ќе бидам јас слободна. Каде е твојата граѓанска свест?! Нема граѓанска свест без полни граѓански права.”

~ „И во најголемиот очај ти поминува некоја ненадејна искра во душата. И сите темни места, во исто време, ти ги осветлува.”
~ „Зошто нема чистачи на човечки образи?“
~ „Што ќе правиш: откако ќе паднеш, ќе видиш колку си бил на високо.“
~ „Знам дека политиката има некои општи цели и задачи, но зошто од нив е изоставена поединечната човечка болка? Јас болката ја ставам пред политиката…”
~ „Зар само низ солзи се стигнува до среќата, господе?“
~ „Надежта и питачот го прави богат.“
~ „Во несреќата имало повеќе место за смеење. Ако е за право, секоја несреќа е смешна. Сериозна е само среќата, што се вели, оти е многу кратка и ретка. Не знаеш како ќе те затекне, кај ќе те изненади.”
