Полека, но сигурно навлеговме во есента. Ова е еден од најубавите периоди за читање, дефинитивно! Како и секогаш, на почетокот на месецот можете да ја прочитате листата со предлози составена од книгите кои ги читав изминатиот месец. Со оглед на тоа дека денес е петок, одлична можност да си најдете четиво за читање за викендот.
„Џентлмен во Москва“ – Ејмор Тоулс

Издавачка куќа: КУЛТУРА
Оцена: 5/5
Осврт: Прекрасна книга! Прекрасна! Една од поубавите книги кои сум ги прочитала во последно време, а да не е класик, туку поново издадена книга. Тоулс така прекрасно ја развива приказната, што на крај, вие едноставно живеете со ликовите и целосно се соживувате со целата приказна, како вие лично да сведочите на сите настани.
Младиот гроф Александар Ростов издава една песна која тогашните болшевици сметаат дека е сериозен прекршок и поради тоа решаваат да му го поштедат животот, но го осудуваат на доживотен домашен притвор во хотелот „Метропол“ во Русија. Доколку направи еден чекор надвор од хотелот, тој веднаш би бил стрелан.
И така, младиот човек, навикнат на убав и удобен живот, одеднаш мора да си го преорганизира целиот живот и да најде смисла во живеењето во хотел. Тој поминува децении во тој хотел, а ние како читатели заедно со него ги живееме тие години. Прекрасна книга, има толку многу топлина, сериозни размислувања, пријателство, љубов, има од сè по малку. Она што дава уште повеќе убавина на книгата, е интересниот хумор и сарказам, кој дури и во тешките делови ќе направи да се насмевнувате. Топло ви ја препорачувам!
„Небеска Тимјановна“ – Петре М. Андреевски

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Ах, што да кажам за оваа книга, без да се повторувам или да биде клише. Петре М. Андреевски со причина се смета за еден од најдобрите македонски книжевници, а оваа книга е одличен доказ за тоа!
Начинот на кој е структурирана приказната ќе направи веднаш да навлезете во приказната, особено од емотивен аспект. Можеби и заради локалниот и национален контекст кој ни е познат на сите, тоа ја прави оваа книга уште повредна, поемотивна и поинтимна на одреден начин. За мене Небеска е можеби и најпрекрасниот женски лик во македонската книжевност. Книгата е заснована на вистинската приказна на Уранија Јурукова, жена која жестоко се борела против фашизмот и за слободна Македонија.
Во оваа книга ја следиме Небеска низ сите перипетија низ кои поминува, како се бори во први борбени редови, како поминува неверојатни измачувања и страдања, страдања кои ретко кој ги издржува така стоечки. Она што мене ми беше посебно впечатливо е начинот на кој е изграден и опишан ликот.
Од една страна имаме една прекрасна, силна и храбра жена, но истовремено ја гледаме и во нејзините најкревки и најранливи моменти, има толку едноставна човечност среде сиот тој пекол низ кој поминуваа таа. Ако не сте ја прочитале досега, навистина морате да ја прочитате, се работи за извонредно четиво, важно и за македонската историја, но и за самиот лик на Небеска!
„Гаргара“ – Игор Станојоски

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: Игор Станојоски според мене е во топ 3 современи македонски писатели. Има нешто во неговиот стил на пишување кој ве тера целосно да се поврзете со приказната која ви ја раскажува.
„Гаргара“ е книга која се чита во еден здив. Има од сè по нешто. Приказната почнува со опис како авторот дошол до еден мистериозен ракопис кој авторот го замолил да го објави како свој.
Уште од самиот почеток ве копка што има толку посебно и тајно во тој ракопис кој така итно и мистериозно е предаден на некој друг. Но, потоа почнува приказната и едноставно мора да дознаете што се случува. Дејството на приказната се случува во западноукраинскиот град Лавов (или Лемберг како што е наведено во книгата) и тоа околу периодот на Портокаловата револуција во 2004 година.
Орест е главниот лик кој случајно дознава за мистеријата околу кафулето „Гаргара“ кое постоело во 1963 година и уште помистериозната Книга за пофалби и поплаки наменета за гостите во кафулето, која содржи многу интересни написи. Орест се фасцинира од приказната и за кафулето и за книгата, особено поради тоа што сопственикот на кафулето мистериозно исчезнува и никогаш не се дознало дали е жив или мртов. Тој решава да отвори кафуле со истото име, на истата локација. Но, кога го прави тоа, нема поим до каде ќе го одведе неговото кафуле и неговата потрага по двајца луѓе кои оставиле свои записи во оригиналната Книга за пофалби и поплаки од 1963 година.
Неверојатна книга! Искрено ви ја препорачувам. Мислам дека е важно да ја поддржуваме македонската книжевност, но во овој случај се работи и за исклучително интересно дело. Како што вели Станојоски во книгата: „Се изнаслушав од Генадиј дека пишувањето е гаргара на душата. Јас би додал: и читањето исто така.”
„Побунетиот човек“ – Албер Ками

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Доколку сте заинтересирани за филозофија и филозофски теории ова е дефинитивно книга за вас. Доколку не сте многу по филозофските теории, но го сакате Ками, дефинитивно ова е книга за вас.
Уживав во деталната разработка и анализите на Ками на повеќе теми и конкретно на коренот на бунтот и револуциите, анализирајќи различни моменти од историјата, но и различни филозофски теории кои се залагале за револуција, промени и бунт. Конкретно Ками критички пристапува на нихилизмот и аргументира зошто нихилизмот е противречен и ги изложува главните рационални аргументи на различни филозофи и филозофски правци и дава свои видувања, анализи и нуди контра-аргументи. Секако не ја изоставува и острата критика на нацизмот и фашизмот, нудејќи многу интересни поенти и заклучоци.
Јас секогаш ќе бидам пристрасна за Ками, бидејќи ми е еден од омилените мислители и писатели, но верувам дека оваа книга ќе биде многу поучна за вас и значително ќе ви ги прошири видиците или барем ќе ве натера да размислувате на одредени теми.
„Коскени часовници“ – Дејвид Мичел

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Доколку често го читате блогот или барем месечните предлози, сигурно веќе знаете дека јас сум голема обожавателка на Дејвид Мичел и неговите романи (види тука и тука).
Оваа книга воопшто не е исклучок од правилото, напротив! Оваа книга веројатно ми е омилена по „Атлас на облаците“. Иако јас не сум голема обожавателка на надреални и фантастични книги каде има ликови со натприродни моќи, пишувањето на Мичел е толку фантастично, што едноставно не можев да ја оставам книгата ниту за миг.
Тука повторно ја гледаме неверојатната способност на Дејвид Мичел да комбинира ликови, времиња, да раскажува една приказна која се развива од период од околу 40 години. Главниот лик е Холи Сајкс, односно сите патишта во книгата водат кон неа, без оглед на тоа кој раскажува во моментот. Приказната почнува во 1984 година кога Холи е бунтовна тинејџерка која сака да побегне од дома и заедно со неа (директно или индиректно) ја следиме нејзината невообичаена приказна.
Холи уште од рани години се чини дека има можност да гледа и да доживува невообичаени работи, но како што расте и се развива, сфаќа дека работите кои ни изгледаат неверојатни може да се сосема реални. Во ова патешествие се запознаваме со многу ликови и она што е маестрално кај Мичел е што тој на неколку наврати пишува од различна гледна точка, односно со глас на повеќе ликови и фасцинантно е како сето тоа е поврзано.
И доколку ги имате читано другите романи на Мичел, некои познати лица скокнуваат и го покажуваат своето лице, на невообичаен начин се разбира, бидејќи тоа е магијата на Дејвид Мичел. Навистина ви ја препорачувам оваа книга. Дури и ако не сте обожавател на приказни со натприродни моќи, ве молам да ѝ дадете шанса, затоа што овој свет е навистина неверојатно изграден.
„Немата пациентка“ – Алекс Мајклидис

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт: Ова е одлична книга за сите љубители на трилери! Одлично напишана, со детална психолошка разработка, но и одличен развој на приказна, а сепак успева да ве држи заинтересирани и во поголем да ги избегнува оние класични клишеа во трилерите.
Алисија е жена која навидум има сè. Одлична сликарка, одличен маж, среден живот. Но, кога полицијата ќе пристигне во нивниот дом и ќе го пронајде мажот мртов, додека таа го држи оружјето во рака, сè се руши како кула од карти. Од тој момент таа останува нема и со години не прозборува ниту еден единствен збор. Судот наредува да биде префрлена во ментална институција, но и тоа не помага, бидејќи таа одбива да зборува. Но, еден психотерапевт го гледа нејзиниот случај како предизвик и решава да се обиде да ѝ помогне на Алисија, додека истовремено се мачи и со свои проблеми.
Се работи за навистина интересна приказна, јас на почетокот бев малку сомничава, но сите сомнежи ми се распрснаа уште на самиот почеток.
