Најголемата мистерија на Едгар Алан По е неговата смрт…

На 3 октомври 1849 година, во Балтимор врнело многу дожд, но тоа не го спречило Џозеф Ф. Вокер, новинар на весникот „Балтимор Сан“, да отиде до „Ганер хал“, јавна зграда која во моментот била полна со луѓе. Токму тој ден се одржувале избори и „Ганер хал“ било избирачко место.

Кога Вокер пристигнал таму, тој пронашол еден маж што лежел во канализацијата. Мажот бил во делириум и облечен во парталава облека. Тој бил наполу свесен и не можел да се помрдне, но кога Вокер се доближил до човекот открил нешто шокантно: човекот бил Едгар Алан По.

(извор на сликата: Sci-Fi Radio)

Загрижен за здравјето на поетот, Вокер го прашал дали има познаници во Балтимор кои би можеле да му помогнат. По му го дал името на Џозеф Е. Снодграс, уредник на едно списание, кој имал познавања од областата на медицината. Во истиот момент, Вокер му напишал писмо на Снодграс во кое ја бара неговата помош.

Балтимор сити,

3 октомври, 1849 година

Драг господине,

Има еден господин, кој многу лошо изгледа, на избирачкото место „Рајанс 4 Ворд“ кој е познат како Едгар А. По и кој е во многу лоша состојба и вели дека се познавате и потребна му е итна помош.

Ваш, во многу брзање,

Џоз. В. Вокер

За д-р Џ.Е. Снодграс

Снодграс веднаш изреагирал и се потрудил да убеди некои од роднините на По во Балтимор да се грижат за него. Откако не успеал, тој средил да биде примен во болницата „Вашингтон Колеџ“.

Дополнителна мистериозна околност е тоа што кога бил примен во болницата, докторот го прашал По каде му е багажот, но тој не се сеќавал. Неколку недели подоцна, неговиот братучед нашол еден сандак со неговите работи во Балтимор, а подоцна бил пронајден уште еден сандак во Римонд. Ракописите што таму биле откриени биле испратени на неговиот книжевен уредник, но сестрата на По и мајката на неговата жена се бореле кој да го добие сандакот.

(Сандакот на По, кој денес е во музеј)

На 27 септември, речиси една седмица пред да заврши во болница, По заминал од Ричмонд, Вирџинија и требало да отпатува за Филаделфија за да уреди една стихозбирка за госпоѓата Ст. Леон Лауд, која во тоа време била релативно непозната личност во американската поезија. Всушност, едно од последните писма што воопшто ги напишал било писмо до г-ѓата Лауд во кое тој се договара да се сретне со неа во Филаделфија за да ја уреди нејзината книга.

Она што исто така е интересен факт е што вечерта пред да замине на пат, неговата свршеница Елмира Шелтон искоментирала дека тој воопшто не изгледа добро, па затоа По отишол кај Џон Картер, доктор кој му бил и пријател, а докторот го советувал да остане уште неколку дена во Ричмонд. Кога По си заминал од неговата куќа, тој го земал бастумот на Картер и го оставил својот во неговата куќа.

Кога Вокер го нашол По во делириум пред избирачкото место, тоа било првпат некој да го види откако заминал од Ричмонд. По никогаш не стигнал во Филаделфија за да го заврши она за кое бил најмен. Ниту пак успеал да се врати во Њујорк каде живеел во моментот, за да ја придружува неговата тетка назад до Ричмонд за неговата претстојна венчавка.

(Писмото до г-ѓа Лауд, едно од последните писма што ги напишал)

По никогаш повторно не си заминал од Балтимор, местото каде што ја започнал неговата кариера, и во тие четири дена од моментот кога Вокер го пронашол па сè до неговата смрт на 7 октомври, тој никогаш не ја повратил свеста доволно за да објасни што му се случило и како дошло до тоа да биде пронајден изгубен низ улицие, облечен во валкани алишта што не биле негови.

Наместо тоа, По ги поминал неговите последни денови лутајќи помеѓу напади на делирум, придружени со визуелни халуцинации. Ноќта пред да почине, според неговиот доктор д-р Џон Џ. Моран, По постојано викал по „Рејнолдс“, личност, која и до ден денешен останува мистерија.

Смртта на По, целата обвиена во мистерија, звучи како да е преземена директно од страниците на некое од неговите дела. Тој со години внимателно градел репутација на маж инспириран од авантури и кој бил фасциниран од енигми: поет, детектив, автор, светски патувач кој се борел во Грчката војна за независност и бил заробеник во Русија.

Но, иако на неговата посмртница пишува дека починал од „френитис“, т.е воспаление на мозокот, мистериозните околности околу неговата смрт предизвикале многу шпекулации за тоа која е вистинската причина за неговата смрт. Крис Семтнер, куратор во музејот на По во Ричмонд, вели: „Со оглед на тоа дека тој ги измислил детективските приказни, можеби е сосема соодветно тоа што нè напуштил и ни оставил реална и вистинска животна мистерија.“

Има неколку различни теории околу тоа што всушност се случило, а денес на блогот можете да прочитате неколку од нив.

Физички напад

Во 1867 година, една од првите теории кои се разликувале од теориите за воспаление на мозокот или алкохол, била објавена од биографката Е. Оукс Смит во нејзината статија: „Автобиографски забелешки: Едгар Алан По.“ Таа пишува: „На иницијатива на една жена, која сметала дека тој ја повредил и навредил, тој бил сурово претепан, удар по удар, од насилник кој не знаел за подобар начин да ги одмазди наводните навреди. Добро е познато дека потоа следела мозочна грозница…“

Други статии исто така спомнуваат „криминалци“ кои безмилосно го претепале По пред неговата смрт. Јуџин Дидие во неговата статија „Гробот на По“ од 1872 година, напишал дека додека бил во Балтимор, По налетал на некои пријатели од воената академија „Вест Поинт“ кои го убедиле да им се придружи на неколку пијачки. По, не бил баш човек кој добро поднесувал алкохол, се опил од една чаша шамппањ, а потоа ги напуштил пријателите за да се прошета низ улиците. Во таква пијана состојба, тој бил „ограбен и претепан од насилници, и цела вечер бил оставен во несвесна состојба.“

„Купинг“

Други луѓе веруваат дека По бил жртва на една пракса позната и како „купинг“, еден вид гласачка измама која бандите во 19 век често ја користеле. Методата се состоела од неколку чекори: Најпрво тие ја киднапирале жртвата, ја преоблекувале и маскирале, а потоа ја приморувале личноста неколку пати да гласа за одреден кандидат со неколку различни идентитети.

Гласачките измами биле неверојатно честа појава во Балтимор во 19 век, а избирачкото место каде што Вокер го пронашол По било познато како место каде измамниците ги носеле своите жртви. Во тој случај, фактот дека По бил пронајден во делириум на самиот изборен ден, не е никаква случајност.

Низ текот на годините, оваа теорија станала една од најраспространетите и најприфатените објаснувања за чудното однесување и чудниот изглед на По пред неговата смрт. Пред Прохибицијата, на гласачите им бил даван алкохол по гласањето како еден вид награда. Доколку По бил приморан да гласа неколку пати, како дел од оваа измама, тоа би ја објаснило неговата полусвесна состојба и бунило.

Некаде при крајот на 70-тите години на 19 век, Џ.Х.Инграм, биографот на По, добил неколку писма кои тврделе дека смртта на По е резултат на „купинг“. Едно писмо од Вилијам Хенд Браун, кој работел на „Џон Хопкинс“, вели дека „тука, општото верување е дека По бил грабнат од некоја од овие банди (неговата смрт е баш околу времето на изборите, изборите за шериф биле на 3 октомври), бил „купиран“, зашеметен со алкохол, одвлечкан до избирачкото место да гласа и потоа бил оставен дезориентиран за да умре.“

Дури и неговиот пријател Џон Рубен Томпсон, десет години по смртта на По, напишал еден есеј во кој тврдел дека ова сигурно било една од причините што довеле до неговата смрт.

Алкохол

Семтнер вели: „Голем дел од теориите што се појавувале низ текот на годините се вртеле околу фактот дека По не поднесувал алкохол. Има документирани сведоштва дека тој се опивал од една чаша вино. Неговата сестра го имала истиот проблем: сосема е веројатно дека се работело за нешто наследно.“

Неколку месеци пред неговата смрт, По станал гласен член на „движењето за умереност“, одрекувајќи се од алкохол, нешто со кое се борел целиот негов живот. Биографката Сузан Арчер Тали Вајс во книгата „Последните денови на Едгар А. По“ се сеќава на еден настан кратко пред По да замине од Ричмонд, што може да е релевантно за оние што се наклонети кон теоријата „смрт од алкохол“.

По се разболел и откако се случило некое чудесно опоравување, докторот му рекол дека „уште еден таков напад ќе биде фатален за него“. Според Вајс, По одговорил дека „ако луѓето не го искушуваат, тој не би потклекнувал“, наговестувајќи дека првата болест му се случила заради пиењето.

Оние кои биле околу По за време на неговите последни денови се чини дека биле убедени дека тој всушност навистина потклекнал на искушението и се опил до смрт. Како што неговиот близок пријател Џ. П. Кенеди напишал на 10 октомври 1849 година: „Минатиот вторник Едгар А. По почина тука во градот во болницата, како последица на разврат… Тој се здружил со екипа која го завела и навела да се фати за шишето, за кое велеше дека го оставил уште пред некое време. Последиците од тоа биле треска, делириум и лудило и за неколку дена завршила неговата тажна кариера во болницата. Кутриот По!… Сјајна, но нестабилна светлина ужасно згасна.“

Иако теоријата дека пиењето го одвело во неговата смрт не го објаснува неговото исчезнување од цели пет дена, ниту пак неговите чудни и парталави алишта во кои бил пронајден на 3 октомври, сепак ова било теорија која Снодграс насекаде ја ширел и раскажувал по смртта на По. Снодграс, кој исто така бил член на „движењето на умереноста“, држел предавања ширум Америка и тврдел дека По умрел поради непрекинато пиење.

Сепак, модерната наука фрла сериозна дамка врз аргументите на Снодграс: примероците што биле земени од косата на По по неговата смрт покажале ниско ниво на олово, што е показател дека По останал доследен на неговиот завет за трезвеност.

Освен тоа, и самиот Џон Моран, докторот што се грижел за По во последните негови денови, ги отфрлил овие озборувања. Тој пишувал статии за тоа, дури и напишал книга „Едгар Алан По: Одбрана“, со цел да ги отфрли овие озборувања и да ја раскаже неговата приказна за последните денови на По, раскажани од „прва рака“. За жал, тој често бил контрадикторен сам на себе, па затоа и луѓето не биле баш убедени во вистинитоста на исказите.

Труење од јаглерод моноксид

Во 1999 година, еден истражувач за јавно здравје, Алберт Донај, тврдел дека смртта на По била резултат на труење од јаглерод моноксид од јаглено гориво што било користено за внатрешно осветлување во 19 век. Дoнај земал примероци од косата на По и ги тестирал за одредени тешки метали кои би можеле да откријат присуство на јаглено гориво. Тестот не дал уверливи податоци, што водело кон тоа експертите и биографите во најголема мера да ја отфрлат оваа теорија.

Труење од тешки метали

Иако тестот на Донај не открил нивоа на тешки метали што би укажале на труење од јаглерод моноксид, тестовите откриле дека имало зголемено ниво на жива во неговиот организам и тоа месеци пред неговата смрт. Според Семтнер, нивоата на жива во неговото тело најверојатно биле зголемени како резултат на епидемијата на колера на која бил изложен во јули 1849 година, додека бил во Филаделфија.

Докторот на По му препишал лек кој содржел жива. Семтнер вели дека оваа теорија би можела да објасни дел од неговите халуцинации и делириумот пред смртта. Но, нивото на жива што било пронајдено во неговата коса, било триесет пати пониско од нивото што е потребно за труење од жива.

Беснило

Во 1996 година, д-р Р. Мајкл Бенитес учествувал во една конференција за клиничка патологија каде на докторите им биле давани пациенти и листа на симптоми, а потоа им биле дадени насоки на основа на симптомите да ги дијагностицираат пациентите и потоа да ги споредат белешките со докторите и со запишаните податоци.

Симптомите на анонимниот пациент Е.П., „писател од Ричмонд“ биле јасни: Е. П подлегнал на беснило. Според докторот што бил задолжен за Е.П, д-р Џ.Џ. Моран, Е.П бил примен во болницата поради „летаргија и бунило“. Откако бил примен, состојбата на Е.П започнала значително и забрзано да се влошува: накратко, пациентот имал делириум, визуелни халуцинации, многу големи варијации во пулсот и брзо и плитко дишење. Во период од четири дена – просечното време за преживување откако ќе се појават сериозни симптоми на беснило – Е.П починал.

Бенитес наскоро открил дека Е.П не бил кој било автор од Ричмонд. Кардиологот од Мериленд всушност ја анализирал смртта на еден од најпознатите американски автори. Тој дијагностицирал јасен и чист случај на беснило, прилично чест вирус во 19 век. Одејќи наспроти сите познати теории во тоа време, дијагнозата на Бенитес во септември 1996 година се појавила во медицинското списание „Мериленд Медикал Журнал“. Бенитес во статијата напишал дека без ДНК, невозможно е со 100% сигурност да се потврди дека тој подлегнал на овој вирус.

Освен тоа, во оваа теорија има неколку недоследности, вклучувајќи и тоа што нема докази за хидрофобија (оние што имаат беснило развиваат страв од вода, а според сите сведоштва и извештаи, По пиел вода сè до неговата смрт), ниту пак какви било докази дека некое животно го гризнало (иако има пациенти со беснило што воопшто не помнат дека биле гризнати од животно). Сепак, во периодот кога излегла статијата, Џеф Џером, куратор во Музејот на По во Балтимор, се сложувал со дијагнозата на Бенитес.

Џером дал изјава за весникот „Чикаго Трибјун“ во октомври 1996 година: „Ова е првпат по смртта на По, едно медицинско лице да ја разгледува смртта на По без некакви однапред дадени информации што би влијаеле на неговот мислење. Ако знаел дека е Едгар Алан По, тој би си помислил: „А да, дрога, алкохол“ и тоа би влијаело на неговата одлука. Д-р Бенитес немал агенда.“

Мозочен тумор

Една од последните теории за неговата смрт наговестува дека авторот боледувал од тумор на мозокот, што значително влијаело на неговото однесување пред да умре. Кога По умрел, тој бил закопан, и тоа без некакви церемонии, во необележан гроб на гробишта во Балтимор. 26 години подоцна, била подигната статуа во чест на По и тоа во близина на влезот на гробиштата. Неговиот ковчег бил откопан, а неговите остатоци биле ексхумирани, со цел да бидат преместени на неговото ново вечно почивалиште.

Но, двете децении не биле нежни кон ковчегот на По, ниту кон телото внатре, самиот ковчег се распаднал кога работниците се обиделе да го преместат од едно на друго место на гробиштата. Малку останало од телото на По, но еден работник забележал нешто чудно на черепот на По, нешто како грутка во внатрешноста на черепот. Весниците веднаш напишале дека тоа ткиво било мозокот на По, смален, но недопрен по 26 години во земјата.

Денес знаеме дека невозможно е тоа ткиво да било неговиот мозок, бидејќи тоа е еден од првите органи кој се распаѓа по смртта. Но, Метју Прл, американски автор кој има напишано роман за смртта на По, сепак бил заинтригиран од оваa грутка ткиво. Тој контактирал форензички патолог, кој му кажал дека иако таа грутка не може да е мозок, има веројатност да е мозочен тумор, кој може да калцифицира по смртта и да се претвори во тврда грутка.

Според Семтнер, Прл не е единствениот што верува во теоријата за мозочен тумор. Еден доктор од Њујорк еднаш му кажал на По дека има лезија на мозокот која всушност е причина за неговата лоша реакција на алкохол.

Грип

Ова не е толку злокобна и мистериозна теорија, но сепак тврди дека По едноставно починал од грип, кој се претворил во смртоносна пневмонија. Како што објаснува Семтнер, деновите пред да замине од Ричмонд, писателот посетил доктор, жалејќи се дека не му е добро. Семтнер вели: „При неговата последна ноќ во градот тој бил многу болен и неговата идна сопруга забележала дека има слаб пулс, треска и му рекла дека не треба да оди во Филаделфија. Тој посетил доктор и докторот исто така му рекол да не патува и дека навистина е болен.“

Според записите од весниците во тоа време, тие денови многу врнело во Балтимор, и Семтнер мисли дека тоа може да го објасни фактот што тој не бил облечен во неговите алишта. Тој додава: „Ладното време и дождот само го засилиле грипот кој веќе го имал и можеби тоа водело кон пневмонија. Високата треска може да ги објасни халуцинациите и бунилото.“

Убиство

Во 2000 година, авторот Џон Евангелист Волш издал книга наречена „Полноќен мрак: Мистериозната смрт на Едгар Алан По“. Во оваа книга тој изнесува уште една теорија за смртта на По, а тоа е декa тој бил убиен од браќата на неговата богата свршеница, Елмира Шелтон. Користејќи докази од весници, писма и мемоари, Волш тврди дека По стигнал во Филаделфија, каде бил фатен во заседа од трите браќа на Волш кои го предупредиле да не се жени со нивната сестра.

Исплашен од тоа искуство, По се преоблекол во други алишта и цела недела се криел во Филаделфија, пред да се врати во Ричмон за да се ожени со Шелтон. Но, нејзините браќа го пресретнале во Балтимор, според видувањето на Волш, го претепале, го терале на сила да пие виски, затоа што знаеле дека тоа ќе води кон сериозно нарушување на неговото здравје.

Теоријата на Волш не била баш добро прифатена, ниту од критичарите, ниту од историчарите. Едвин Џ. Бартон, во еден осврт во журналот „Американска книжевност“ ја нарекол оваа теорија „само бледо веројатна, но воопшто не е убедлива. Оваа книга е интересна и забавна, но вредноста за книжевните истражувачи е ограниченa и секундарна“.

Според Семтнер, ниту една од овие теории целосно не ја објаснува мистериозната смрт на По. Тој вели: „Никогаш не бев целосно убеден во ниту една теорија и верувам дека причината за смртта е резултат на комбинација од неколку фактори. Неговиот лекар е најдобриот извор на докази. Ако запишал во посмртницата дека По умрел од френитис, најверојатно страдал од енцефалитис или менингитис, кое било од двете може да ги објасни неговите симптоми.“

Дефинитивно може да се согласиме дека целата ситуација е достојна за расказ на По и веројатноста е дека ќе остане мистерија што се случувало во тие неколку дена. Но, она што е сигурност дека По останува да биде едно од најголемите имиња во светската книжевност.

Пред да го завршиме овој текст, прочитајте уште неколку факти поврзани со неговата смрт:

Само седум луѓе присуствувале на погребот

Неговите братучеди набрзина го погребале уште следниот ден. Еден набљудувач кажал дека церемонијата била „ладнокрвна“ и „нехристијанска“. Еден од присутните, Хенри Херинг, подоцна бил цитиран дека кажал: „Јас немав никаква врска со него додека беше жив и не сакам да имам ништо со него и по неговата смрт.“

Неговиот непријател го напишал неговиот некролог

Еден од професионалните и приватни ривали на По бил Руфус Вилмот Гризволд, кој напишал долг некролог за неговиот непријател кој бил толку злонамерен и клеветнички што го издал под псевдоним. Статијата велела дека тој бил луд, пијан женкарош, зависник од опиум кој ги напишал своите најтемни приказни врз основа на своето лично искуство“. Гризволд овие описи ги проширил и ги претворил во мемоар за писателот и оваа извртена слика на По во текот на еден век многу влијаела на јавното мислење за По.

(Руфус Вилмот Гризволд)

Неговата мачка умрела од тага по него.

Сопругата на По била закопана до него дури по 40 години од нивната смрт

Сопругата на По починала две години пред него и таа била закопана во семејната гробница на човекот кому По плаќал кирија. Откако тој бил одново закопан под новиот споменик, еден од неговите обожаватели решил да ја премести до него. Проблемот бил во тоа што некои луѓе што граделе во таа област ја срушиле гробницата и ги преместиле телата. За среќа, еден од ексцентричните биографи на По, Вилијам Џил ги спасил нејзините коски. Но, за жал, тој ги земал со себе и ги чувал во кутија под неговиот кревет и така седеле со години пред да ги испрати во Балтимор за да бидат сместени до гробот на нејзиниот сопруг.

Извор 1.
Извор 2.

Дополнето на 5 октомври 2025:

Во продолжение погледнете и едно одлично и забавно видео на Buzzfeed Unsolved Network во кое исто така се дискутира мистеријата на смртта на Едгар Алан По, во голем дел ги опфаќа и работите кои се споменати и погоре, но кондензирани и интересни за оние кои сакаат видео формат.

Leave a comment