„Минатото не е мртво. Всушност, тоа не е ни минато.“
Вилијам Фокнер е роден на 25 септември 1897 година и се смета за дедо на јужначката готска книжевност. Се работи за еден од најнаградуваните американски писатели (има Нобелова награда, два Пулицери и две Национални книжевни награди).
Романите и кратките приказни на Фокнер, чии дејства најчесто се случуваат во измислена околија, се легендарни заради церебралниот, „тек на свеста“ стил и мрачните, честопати гротескни настани. Неговите измислени ликови се духовно осиромашени јужнаци: уморни робови и нивните борбени потомци, очајни бели разбојници, морално распаднати аристократи, горчливи семејства со закопани тајни.

Во чест на неодамнешната годишнина од неговото раѓање, подолу можете да прочитате избор од неколку од класичните осврти на некои од неговите најпознати дела од неговиот озогласено тежок психолошки опус, „Врева и бес“ (1929) и ремек-делото со повеќе различни гласови, „Додека лежев умирајќи“ (1930), сѐ до христијанската алегорија сместена во Втората светска војна, „Бајка“ (1954).
„Врева и бес“ (1929)
„Часовниците го убиваат времето… времето е мртво сè додека отчукува од малите тркала; само кога часовникот ќе запре, тогаш времето оживува.“
„Вообичаено е да се нарекуваат експериментални оние романи што не се прилагодуваат на традиционалните модели на пишување, но традициите во последно време толку многу се прекршуваат, што ова етикетирање повеќе не е соодветно. „Врева и бес“ на Вилијам Фокнер, е последниот роман кој се спротиставува на класификацијата. За многумина ќе биде некохерентен како Џејмс Џојс, но овој писател е човек со зрел талент, а приказната, ако се чита со трпение, дава моќна светлина на реалноста, што многу лесно ги зграпчува емоциите на читателот.
Книгата ја раскажува приказната за едно гнило јужначко семејство од гледната точка, во најголем дел, на еден идиот, чија сегашност и минато се безнадежно измешани. Искривувањето во неговите очи е толку големо, што како човек од 33 години, тој сè уште ги гледа настаните од своето детство како одново да се случуваат. Авторот, настојувајќи да ја запише психолошката реакција на Бенџи и другите членови на ова чудно домаќинство во однос на нивната сопствена неможност да размислуваат логично, се обидува да го пренесе тоа во стил речиси исто толку идиотски каков што е и мислителниот процес на идиотот. Оттука и тешкотијата на читателот.“
…
„Но, не можеме да ја отфрлиме книгата само затоа што некои пасуси се тешки. Има зачудувачка доблест да го натера читателот да сака да ги разбере сите ѓаволски однесувања и умот на овие суштества. На површина, ова е семејство што не заслужува уметничко внимание. А сепак, глупавото страдање на Бенџи; полната, несебична посветеност на неговата сестра, Кеди, која станува играчка на околностите; суровата бруталност на Џејсон; чувствителниот, самоизмачен очај на Квентин, единствениот од семејството кој е образован; и едноставноста на Дилси, семејниот слуга; во комбинација со поглед кон скршените животи на мајката и таткото, предизвикуваат сочувство за овие кутри играчи што е доказ за талентот на авторот “.
~ Хари Хансен, „Детроит Фри Прес“, 17 ноември 1929

„Додека лежев умирајќи“ (1930)
„Мајка ми е риба.“
„Ова е семејство на беспомошници врзани за земјата, кои се подложни на влијанието на елементите, годишните времиња и природните непогоди. Во нивниот живот има целосно отсуство од култура, образование или пари. Се чини дека универзумот што ги притиска е создаден од нив самите.
Фокнер прави голем број работи во овој роман, кои кога ќе се соберат заедно се доказ за неговите необични димензии. Ништо не е објаснето, сцените не се поставени, информациите за околностите не се дадени, биографијата на ликовите не ни е дадена.Уште од првиот ред, книгата е во „medias res” (како да почнува од средина, м.з): „Џуел и јас излеговме од полето, следејќи ја патеката…“
Информациите околу тоа кои се овие луѓе и ситуацијата со која се соочуваат, е нешто што читателот ќе го дознава во текот на читањето: Луѓето во книгата секогаш ќе знаат повеќе од читателот, кој е зависен од она што тие ќе изберат да откријат.
И во моменти на криза и претстојна катастрофа, она што се случува е нецелосно опишано од различни ликови, на начин наменет во читателот да создаде состојба на истовремено знаење и незнаење: потпукнување на искуството кое има неверојатен ефект врз потврдување на нејзината реалност.“
…
„Освен техничкото достигнување и описната моќ, како и во сите поголеми дела на Фокнер, „Додека лежев умирајќи“ може да се чита како дело напишано во исчекување на културното опаѓање на Југот и како симболичен лик на Големата депресија. Некој што го познавал Југот, како Фокнер, не би се придржувал до тој вид редукционизам. Во овој роман нема некаква голема анализа на општествената нееднаквост; има едвај момент или два на сочувство. Страдањето не се смета за морален данок, ниту пак, сиромаштијата се смета за облагородување.“
…
„Фокнер сакал да создаде триумфално дело и тој го сторил тоа. Неговата позната изјава е дека успеал да го направи тоа за шест недели. Неговиот биограф, Џозеф Блотнер, вели дека поточна проценка е дека биле околу осум. Книгата би била запрепастувачка доколку го напишал делото за 80 недели. Се работи за виртуозно дело, прикажувајќи сè што Фокнер имал на располагање, започнувајќи со неговото беспрекорно уво за народниот дијалект и говор од Југот.“
~ E. Л. Доктороу, „Њујорк Ревју оф Букс“, 24 мај 2012

„Светлина во август“ (1932)
„Драги Боже, те молам остави ме малку подолго да бидам проколнат, барем уште малку.“
„Со овој нов роман, г-дин Фокнер направи неверојатен чекор напред. Да се каже дека „Светлина во август“ е неверојатна изведба, не е збор кој така лесно се користи. Оваа донекаде сурова и севкупно брутална моќ која се појавува во неговото претходно творештво, во оваа книга е сосредоточена и скротена да има поголема ефикасност отколку што човек би поверувал дека е возможно за толку кратко време.
Сè уште има моменти кога г-дин Фокнер се чини дека пишува чисто од запрепастувачката желба да ги шокира читателите или затоа што тој има некаква фасцинација од која не може да избега. Сè уште има моменти кога неговиот бесен презир кон човечкиот род се чини малку наивен.
Но, ниту еден читател кој го следел неговото творештво не може да не биде воодушевен од трансформацијата. Фокнер не само што излегува од својата книга како стилист со впечатлива сила и убавина; тој им дозволува на некои од своите луѓе, ако не и неговиот главен протагонист, понекогаш да постапуваат од мотиви поттикнати од човечка пристојност; тој му дозволува на отецот Гејл Хајтауер да го живее својот живот според тоа.
Со еден збор, Фокнер вметна правда и сочувство во неговата вообичаена шема на работите. Имаше навестување дека ова ќе се случи преку односот кон Бенбоу во „Светилиште“. Талентите што тој секако ги имаше уште од самиот почеток, се зајакнати, како на пример талентот за живописен наратив. Неговото око за недостојното во човечката природа е сѐ уште остро, но неговата визија е исто така помалку ограничена.
Во оваа книга има две или три сцени кои се повеќе привлечни од сѐ што Фокнер има досега напишано, но тие исто така се подобро интегрирани. Иако образецот на „Светлината во август“ е обвиткан во црвена боја, тука има мешавина од бои кои истовремено се поскротени и посјајни од оние што беа вообичаени за неговата палета. Дејството е повторно во „длабокиот Југ“; а меѓу ликовите повторно го вметнува „белото ѓубре“, ликови од кои тој често влечеше вакви немилосрдни портрети, обичен, но подобар народ, белци со повисок статус Црнци, а тема на неговото детално внимание е сиромашнот белец со голема веројатност дека има и црнечка крв.
„Светлината во август“ е моќен роман, книга која на г-дин Фокнер му обезбедува место во повисокиот ранг на американските писатели. Тој дефинитивно го отстрани приговорот кој претходно му беше даван, а тоа беше дека не може да ги крене очите над ѓубриштето.
Постојат моменти кога господинот Фокнер не е свесен за ѕвездите. Човек се двоуми да направи претпоставки за внатрешниот живот на оние што пишуваат за животите на другите, но творештвото на г-дин Фокнер се чинеше дека е на човекот кој, некое време, бил очајно повреден; човек, кого животот во одреден момент лошо го измамил. Постојат индикации дека тој ја има вратено својата рамнотежа“.
~ Џ. Доналд Адамс, „Њујорк Тајмс“, 9 октомври 1932 година

„Абсалом, Абсалом!“ (1936)
„Кажувај за Југот. Како е таму? Што прават таму? Зошто живеат таму? Зошто воопшто живеат?“
„Новиот роман на Вилијам Фокнер вреди за сите напори што се потребни за да го прочитате. Тоа не е лесна пофалба. Всушност, тоа е речиси неизбежна примарна изјава. Зашто г-дин Фокнер повторно пишува, со зборовите на Олдос Хаксли, како кучињата да му се намерени и трчаат по него.
Првите неколку страници на „Абсалом, Абсалом!“ оставаат впечаток дека е почетокот на бегство од ѓаволскиот остров. Читателот ќе го има истото чувство како да се втурнува во џунгла, низ која нема патеки, од потребата за напорен лет низ злобна, непозната земја погодена од треска. Тоа е земја на тропски пораст. Речениците добиваат огромни должини и се извртуваат и извиваат како свесно да го блокираат движењето. Кошмарните емоции се креваат како духови од навидум незначајни причини. Фразите се шират, туркајќи ги нивните широки должини надолу за половина страница.“
…
„Сепак, немаше поедноставен начин на кој тој можеше да ја раскаже приказната. Супстанцијата не може да биде разнесена со сенка – сè додека мажите и жените не станат огромни и важни, создадени масовни преку расположение – со директна, едноставна изјава.
Тој ја раскажа својата приказна како што треба да биде раскажана за да се задоволи себеси, и иако е сосема замисливо дека оваа книга може да ја стесни публиката којашто многу се зголеми по „Светилиштето“, оние што ќе го завршат читањето на овој роман ќе откријат дека истиот е уште поголемо достигнување, подобар роман од „Светлината во август“, неговиот најдобар роман пред овој роман“.
~ Роберт ван Гелдер, „Њујорк Тајмс“, 26 октомври 1936

„Бајка“ (1954)
„Војната е епизода, криза, треска чија цел е да го ослободи телото од треската. Па така, целта на војната е да се заврши војната.“
„Модерна алегорија на која секој читател ќе додаде своја симболика, свое сопствено толкување. Ова е наменето за широко прифаќање на привлечноста за интелектуалните снобови, но повеќето искрени читатели ќе признаат дека имаат некои потешкотии при доаѓањето до и прифаќањето на нејзиното суштинско значење. Зачната во време кога Втората светска војна се приближуваше до последната година, приказната го предвидува крајот на Првата светска војна, во рововите во Франција, која завршува по побуната на војниците.
Инспирацијата за масовното движење е фигура која го симболизира Исус Христос. Дејството влече паралела со развојот на настаните за време на Светата недела – со триумфалниот влез, Последната вечера, Распетието, Воскресението. Јуда е таму, а Петар, апостолите, Пилат и Ирод, Мариите и така натаму – се препознатливи, но искривени, иако никогаш со непочитување. Креативно, се работи за извонредно достигнување со своите главни коментари за неподготвениот свет. Практично, тешко е да се чита и често е нејасно.“
~ „Киркус Ревјуз“, 1 август 1954 година
