Шопенхауер за убавината и суштината на едноставноста…

Во филозофијата на Артур Шопенхауер, волјата, како двигател на сѐ, се наоѓа во основата на светот и неговата суштина. Од неа произлегува секое наше свесно и несвесно делување, секое чувство и психолошки процес и затоа основниот проблем на метафизиката на убавото гласи: „Како е возможно да ни се допаѓа некој предмет и во нас да предизвикува чувство на убавина, а да нема врска со нашата волја?

Волјата може да се сфати и како цел и како копнеж, па ова прашање може да се формулира и на поинаков начин: Зошто нешто само по себе во нас би предизвикувало пријатно чувство, ако зад тоа не лежи некаква цел?

arthur-schopenhauer

Во убавите уметности, важи принципот ex nihilo nihil fit, „ништо се создава од ништо“. Ова значи дека вистинските, големи уметници ги бараат инспирациите за своите дела во реалниот живот, што секако не значи дека не можат да менуваат, надоградуваат, прилагодуваат – важно е суштината да остане иста.

Според Шопенхаеровото решение на главниот проблем на естетиката, убавото го толкуваме онаму каде што ги пронаоѓаме суштинските облици на природата, односно идеите на Платон. Услов за ова сфаќање е дека процесот на сознанието се одигрува независно од волјата.

Имајќи предвид дека целата болка и маките во животот на човекот произлегуваат од аспирациите и желбите што не можат да се остварат, со отстранување на волјата се елиминира можноста за страдање, и така на човекот единствено му останува задоволството. Некои би забележале дека ова ја елиминира можноста за задоволство, но Шопенхауер потсетува дека болката, како производ на волјата, е позитивна, додека пријатните и убави чувства, кои произлегуваат кога волјата ќе се отстрани од свеста, претставуваат нејзина негација.

Од сето ова заклучуваме дека ваквото сознание, без учество на волјата, мора да биде интуитивно. Како и набљудувањето на уметничкото дело, на ист начин мора да се одигра и неговото создавање.

x1589936152-e2ff28dd5f031e3c4d9e9e36882090cc.jpg.pagespeed.ic_.belutzvgfc

Генијалците, способни да го отфрлат својот индивидуален карактер и намери, промислено го набљудуваат светот и благодарејќи на својата објективност, го забележуваат она што другите не го гледаат. Затоа сите добри уметници се во состојба во своите дела, песни и слики преку поединечното да го прикажат општото.

Оваквиот објективен карактер на естетското согледување на идеите се добива кога определена работа ја гледаме во целост, а не во нејзините поединични облици. Тоа може да се опише како она што би го имале пред себе кога не би го набљудувале светот во рамките на времето – тогаш билката не би ја гледале како развој на семето, цветот и плодот, туку би имале увид во нејзината суштина и она што е нејзината основа, без оглед на степенот на развој во кој се наоѓа.

Спротивноста помеѓу науката и уметноста

Во ова лежи спротивноста помеѓу науката од една и поезијата и ликовните уметности од друга страна: додека науката настојува поединечните работи да ни ги прикаже со тоа што ќе го одреди она што го одликува цел вид, уметноста се фокусира на најситните детали, но такашто преку нив ја прикажува идејата на видот на кој му припаѓаат.

Прикажувајќи ни на вистинит и точен начин една сцена од човечкиот живот заедно со поединечните ликови кои учествуваат во неа, уметникот ќе нѐ доведе до длабок увид во идејата за човештвото, односно ќе ни го прикаже архетипот на човечкото однесување во секое друго слично случување.

schopenhauer-joven
(Портрет на младиот Шопенхауер)

Комбинирајќи ја Платоновата теорија за идеите како прототипови без ништо материјално и теоријата на Аристотел за формата како реализација на материјата, Шопенхауер заклучува дека сликата е всушност поблизу до идејата отколку вистинската работа затоа што ни дава чиста форма. Колку поедноставно е уметничкото дело, појасно ја претставува суштинската идеја, а според тоа можеме да заклучиме дека убавината е токму во едноставноста.

Се разбира, ова се однесува на племенитите духови кои се способни да добијат подлабок увид во самите работи, затоа на таквата личност поблиски ѝ се гравирањето, црно-белите слики и графики, додека оние со помалку изграден вкус секогаш ќе бидат повеќе импресионирани од акварели и шарени бои.

Иако убавината почива на сличностите со природата, таа сличност не треба да биде директна. Ова значи дека појавата на школки или цветни мотиви на уметничките дела не е неопходна за нејзино остварување; наместо да биде во формата, сличноста треба да биде во карактерот на формата.

Ова најдобро се гледа во архитектурата. Како една од ликовните уметности, архитектурата тежнее кон остварување на естетскиот изглед на градбите. Но, за разлика од сликарството, архитектонските творби имаат и практична цел, така што, покрај убавиот изглед, тие исто така мора да постигнат одредена цел. Тие се градени на таков начин што, како и природата, секој дел одговара на одредена цел и недвосмислено го покажува тоа.

3588744-arthur-schopenhauer-quote-every-satisfaction-he-attains-lays-the
(„Секое достигнато задоволство го посадува семето на некоја друга желба, па така нема крај на желбите на секоја поединечна волја“)

Поради ова се тежнее кон едноставност во уметноста чиј врв, според Шопенхауер, претставува антиката. Античките дела и после толку време и натаму воодушевуваат со својата простодушност, што се гледа во складноста на градбите со нивните цели или статуите каде сите детали, па и облеката се сведени на минимум, за поверно и поедноставно се прикаже суштината.

Во секоја уметност, во сѐ што е убаво, во секое духовно опишување, едноставноста која обично се одликува со вистина е суштински закон, па затоа секогаш е опасно кога се оддалечуваме од неа.

Како и во архитектурата, и во сите други уметности, едноставноста претставува услов за вистинска убавина.

Артур Шопенхауер со извесна горчина зборува за операта, сметајќи ја за неоправдано преценет музички облик.

„Музиката е вистински општ јазик кој насекаде се разбира. Сепак, таа не зборува за работите, туку за среќата и тагата како нешто што за волјата претставува единствена реалност. Поради тоа музиката толку многу му зборува на срцето, додека непосредно нема што да ѝ каже на главата: заради тоа, секое спротивно очекување претставува нејзина злоупотреба, како што е тоа описната музика. /…/ Големата опера не е резултат на уметничката смисла, туку пред сѐ производ на донекаде варварско сфаќање, наспроти кое естетското уживање се зголемува преку натрупување средства.“

schopenhauer_gioia_ap_002

Она што на музиката ѝ се наметнува од страна – текст, марш, танц, работа – ја нарушува нејзината оригинална суштина. За да биде складна, музиката мора да го прифати карактерот на целите кои ѝ се наметнати и кои, како што вели Шопенхауер, не се потребни затоа што го отежнуваат естетското уживање во чистата мелодија, какои сфаќањето на длабокиот внатрешен тонски јазик.

Непотребното комплицирање на музиката во неговото време, тој го споредува со она што се случило со римската архитектура за време на владеењето на последните цареви: суштинската едноставност е нарушена со натрупување детали и излишни архитектонски украси.

Како и својот современик Фридрих Ниче, и Шопенхауер смета дека културата и уметноста најверно можат да го пресликаат духот на некое време. Како главен проблем за пропаста на културата, тој тврди дека е тоа што малку луѓе се наклонети кон рефлексија – нивната цел воглавно е да со што помалку труд и умствена работа да уживаат што повеќе. Тоа се пресликува како во музиката, така и во театарот, така и во книжевноста.

Во морето на новонастанатите романи чија тематика воглавно е прилагодена на плитки умови и луѓе со просечно образование, сѐ потешко е да се пронајдат вистински квалитетни дела. За разлика од второразредните романи, возвишената книжевност не тежнее кон натрупување работи и случувања само за да ја направат интересна приказната.

image

Затоа Шопенхауер вели дека вистинската уметност се состои во тоа да со што помалку користење на надворешното, посилно да се поттикне и истакне внатрешниот живот.

Во секое доба постоела возвишена уметност, како и онаа прилагодена за широките општествени маси. Сепак јасно е дека само оваа првата останува запомнета, за што сведочи фактот дека она што се сметало вредно пред 1000 години е популарно и денес.

Доказ за вредноста на уметничко делото е неговата универзалност, која е исто така една од основните карактеристики на платонските идеи и, како што увидел Артур Шопенхауер, во него се наоѓаат корените на убавото.

Цитатите се од книгата „Парерга и Паралипомена“ од Артур Шопенхауер.

Извор.

Leave a comment