Џорџ Орвел се смета за еден од најпознатите „дистописки“ писатели, но пред да се појави тој, за прва дистописка книга се смета „Ние“ на рускиот писател Евгениј Замјатин. На блогот веќе имам пишувано за подемот на дистописките книги, а денес фокусот е ставен токму на оваа книга која иако денес не е многу позната, сепак извршила значајно влијание и обликување на овој жанр кој денес е толку популарен.
И најдобар начин за да дознаеме нешто повеќе за книгата е преку критичкиот осврт на еден од најдобрите во ова поле, Џорџ Орвел, кој во 1946 година ја објавил оваа статија за книгата, која во продолжение можете да ја прочитате на македонски јазик, а најдолу можете да пристапите на линкот и да ја прочитате во оригиналниот формат на англиски јазик.

„Неколку години откако слушнав за нејзиното постоење, конечно успеав да се дофатам до примерок од „Ние“ на Замјатин, која е една од книжевните љубопитности во ова доба на горење книги. Пребарувајќи во книгата „25 години советска руска книжевност“ на Глеб Струв, дознав повеќе за историјата на книгата:
Замјатин, кој умрел во Париз во 1937 година, бил руски романсиер и критичар кој објавил неколку книги пред и по Револуцијата. „Ние“ е напишана околу 1923 година и иако не е за Русија и нема директна поврзаност со современата политика, бидејќи се работи за фантазија сместена во 26 век во иднината, сепак не му било дозволено да ја објави, врз основа на тоа дека била идеолошки непосакувана книга.
Примерок од ракописот некако си го нашол патот надвор од државата и книгата се појавила на англиски, француски и чешки јазик, но никогаш на руски. Англиската верзија била објавена во САД и јас никогаш не успеав да добијам примерок: но постојат примероци на француски јазик и конечно успеав да позајмам еден примерок. Колку што можам јас да ја оценам, не се работи за книга од прв ранг, но дефинитивно е невообичаена книга и запрепастувачки е што ниту еден англиски издавач не се помачил доволно за одново да ја објави.

Првото нешто кое секој би го забележал читајќи ја „Ние“ е фактот, кој верувам дека никогаш не бил истакнат, е дека „Храбар нов свет“ на Олдос Хаксли сигурно е делумно инспирирана од неа. И двете книги се занимаваат со бунтовноста на примитивниот човечки дух наспроти рационализираниот, механизиран, безболен свет и двете приказни се сместени околу шестотини години во иднината. Атмосферата во двете книги е слична и грубо кажано, се работи за истиот вид општество, иако книгата на Хаксли покажува помала политичка свесност и влече повеќе влијание од неодамнешните биолошки и психолошки теории.
Во 26 век, барем според визијата на Замјатин, жителите на Утопија целосно ја имаат изгубено својата индивидуалност и тие немаат имиња, туку се познати по нивните броеви. Тие живеат во стаклени куќи (ова е напишано пред да ги измислат телевизорите), што ѝ дозволува на политичката полиција, позната како „Чувари“, полесно да ги надгледуваат. Сите носат идентични униформи и човечкото суштество обично се нарекува „број“ или „униф“ (униформа). Тие јадат синтетичка храна, а нивната необична забава е марширање по четворица во ред додека химната на Единствената држава е пуштена на звучниците.
На однапред определени интервали дозволен им е еден час (познат како и „часот за секс“) да ги спуштат завесите во нивните стаклени домови. Секако, не постои брак, иако сексуалниот живот не делува дека е целосно промискуитетен. За потребите за водење љубов, сите имаат еден вид на книга со розеви карти и партнерот со кој човекот го поминува дозволениот „час за секс“ ја потпишува картичката.
На чело на Единствената држава е личноста позната како „Добротворот“, кој на годишно ниво одново се избира од целата популација и изборот е секогаш едногласен. Водечкиот принцип на Државата е дека среќата и слободата не се компатибилни. Во „Градината Еден“ човекот бил среќен, но заради неговата глупост тој побарал слобода и бил избркан во дивината. Сега Единствената држава ја вратила среќата со тоа што ја отстранила слободата.

Дотука, сличноста со „Храбар нов свет“ е неверојатна. Но, иако книгата на Замјатин не е толку добро склопена, бидејќи има релативно слаб и епизоден заплет кој е многу комплексен за да биде сумиран, сепак содржи политичка поента која ѝ недостига на другата книга.
Во книгата на Хаксли, проблемот на „човечката природа“ на одреден начин е решен, затоа што претпоставува дека преку „преднатален третман, лекови и хипнотички сугестии, човечкиот организам може да биде специјализиран на кој било посакуван начин. Научник од прв ранг е исто толку лесно произведен како и полуморон Епсилон, и во секој случај лесно се „лекуваат“ жиговите на примитивните инстинкти, како што се мајчинскиот инстинкт или желбата за слобода.
Во исто време, не е дадена ниту една јасна причина зошто општеството треба да биде стратифицирано на тој опширно опишан начин. Целта не е економска експлоатација, но исто така желбата за силеџиство и доминација исто така не изгледа дека е некаков мотив. Не постои глад за моќ, ниту пак садизам, ниту суровост од кој било вид. Оние на врвот не делуваат дека имаат силен мотив да останат на врвот и иако сите се среќни на еден празен начин, животот станува толку бесцелен, што е тешко да се поверува дека такво општество може да постои.

Во целост, книгата на Замјатин е многу порелевантна за нашата ситуација. Наспроти образованието, претпазливоста и подготвеноста на „Чуварите“, голем дел од древните човечки инстинкти се сѐ уште присутни. Раскажувачот на приказната, Д-503, кој, иако е талентиран инженер, е сиромашно конвенционално суштество, нешто како утописки Били Браун од градот Лондон, кој постојано е ужаснат од атавистичките импулси кои му се појавуваат. Тој се заљубува (ова, се разбира, е криминал) во одредена И-330, која е член на подземното движење за отпор и во одреден момент успева и го поттурнува кон бунтовништво.
Кога ќе избувне бунтот, се чини дека непријателите на Добротворот се всушност прилично бројни, а овие луѓе, освен што коваат заговор за соборување на државата, дури и се впуштаат, во моментот кога ќе се спуштат завесите, во пороци како пушење цигари и пиење алкохол. Д-503 на крајот е спасен од последиците на сопствената будалаштина. Властите најавуваат дека ја откриле причината за неодамнешните нереди: тоа е дека некои човечки суштества страдаат од болест наречена имагинација.
Тие сега го лоцирале нервниот центар одговорен за имагинацијата, а болеста може да се излечи со третман со зрачење со рентген знаци. Д-503 се подложува на операцијата, по што е лесно за него да го направи она што цело време знае дека треба да го стори – т.е. да ги предаде своите соборници на полицијата. Со целосна смиреност, тој гледа како ја измачуваат И-330 со компресиран воздух под стаклено ѕвоно:
„Таа ме погледна, нејзините раце ги зграпчуваа потпирачите за раце на столицата, сѐ додека нејзините очи комплетно не се затворија. Тие ја извадија, ја вратија на себе со електрична струја и ја ставија повторно под ѕвоното. Оваа операција се повторуваше три пати, а ниту еден збор не излезе од нејзините усни. Другите кои беа донесени заедно со неа, се покажаа поискрени. Многу од нив признале по една операција. Утре сите ќе бидат испратени во Машината на Добротворот.“

Машината на Добротворот е гилотина. Во утопијата на Замјатин се случуваат многу егзекуции. Тие се одвиваат јавно, во присуство на Добротворот и се придружени со триумфални оди рецитирани од официјалните поети. Гилотината, се разбира, не е стариот суров и груб инструмент, туку многу подобрен модел што буквално ја уништува својата жртва, сведувајќи ја инстантно на облак од чад и воден вир.
Егзекуцијата е, всушност, човечка жртва, а на сцената што ја опишува ѝ се дава бојата на злобните робовски цивилизации од античкиот свет. Токму ова интуитивно разбирање на нерационалната страна на тоталитаризмот – човечка жртва, суровоста како цел сама по себе, обожавањето на Водач кому се припишани божествени атрибути – тоа ја прави книгата на Замјатин супериорна во однос на онаа на Хаксли.
Лесно е да се види и сфати зошто на книгата не ѝ било дозволено да биде објавена. Разговорот во продолжение (јас малку го скратив) помеѓу Д-503 и И-330, би бил прилично доволен за сините пенкала да почнат да работат:
„Дали сфаќаш дека она што го предложуваш е револуција?“
„Секако дека е револуција. Зошто да не?
„Затоа што не може да има револуција. Нашата револуција беше последна и не може да има друга. Сите го знаат тоа.“
„Драги мој, ти си математичар: кажи ми, кој е последниот број?“
„Но, тоа е апсурдно. Бројките се бесконечни. Не може да има последен број.“
„Тогаш зошто зборуваш за последната револуција?“

Постојат и други слични пасуси. Сепак, сосема е можно дека Замјатин немал намера советскиот режим да биде специјална мета на неговата сатира. Пишувајќи ја книгата во времето околу смртта на Ленин, тој не можел да ја има предвид диктатурата на Сталин, а условите во Русија во 1923 година не беа такви што некој ќе се буни против нив врз основа на тоа дека животот станува премногу безбеден и удобен.
Делува дека целта на Замјатин не била одредена земја, туку специфични мети на индустриската цивилизација. Јас не сум прочитал ниту една од неговите други книги, но од Глеб Струв дознав дека тој поминал неколку години во Англија и напишал некои жестоки сатири на англискиот живот.
Читајќи ја „Ние“, очигледно е дека тој имал силна наклонетост кон примитивизмот. Затворен од Царската влада во во 1906 година, а потоа затворен од страна на болшевиците во 1922 година во истиот ходник од истиот затвор, тој имал причина да не ги сака политичките режими во кои живеел, но неговата книга не е само израз на поплака и жалење. Таа е всушност истражување за машината, духот кој човекот немислено го испуштил од своето шише и не може повторно да го врати назас. Ова е книга за да внимавате кога ќе се појави англиската верзија на тоа.
1946
КРАЈ
