Прекрасни и незаборавни мисли од „Вештица“ на Венко Андоновски!

Венко Андоновски без сомнение е еден од најдобрите македонски современи писатели. Тој одамна ја има освоено македонската читателска публика, особено со романите како „Вештица“, „Папокот на светот“, „Азбука за непослушните“ и многу други дела. Изминатиов викенд конечно седнав и го прочитав романот „Вештица“ и навистина бев маѓепсана од книгата.

Нема многу да должам и да пишувам мој осврт на книгата, затоа што тоа несомнено ќе го направам на почетокот на ноември во стандардната рубрика за препорачување книги, но она што можам да кажам дека ова е книга која навистина длабоко погодува, во емотивните длабочини на душата и верувам дека секој ќе го пронајде она што треба да го пронајде читајќи ја книгава.

Како и обично, имам навика да си ги запишувам и зачувувам омилените мисли од книгите кои ги читам, па со оглед на тоа колку ме воодушеви книгата, решив да ги споделам моите омилени мисли од книгата, па можеби тоа ќе ве поттикне и вие да ја прочитате или да си ја препрочитате книгата. Покрај тоа, длабоко верувам дека и мислите на македонските писатели треба да останат запишани и запомнети, дури и во дигитална верзија. Уживајте во овие мисли!

„Оти книгата ја напишал човек, а човекот го пишува неговата душа.“

„Лингвистите одамна покажаа дека во добро организирана говорна порака, која целосно го презема вниманието на слушателот, тој, слушателот, нема претстава за течење на времето. Времето се укинува: се влегува во безвремието.“

„ …оти отсуството е повидливо од присуството: кај сакатиот веднаш се забележува отсуството на ногата, но кај здравиот не се забележува присуството нејзино!”

„Те сонував седната на кришка месечина, како на лулашка закачена со невидливи ортоми за небото; се нишаше свивајќи ги намачените колена што блескаа во мракот, а ти јадеше ѕвезди како вишни со мастилавите усни.“

„Што ме гледаш така?“
„Па векови, еони, те немам видено, иако сите атоми ми се сеќаваат на тебе!“

„…дека љубовниците си се наоѓаат низ вековите, дека некогаш биле заедно, смртта ги разделила и дека кога пак ќе се родат се бараат, ама во други тела.“

„Со ист здив умираат љубовниците. Со ист здив умираат оние што макар еднаш, во еден миг се љубеле.“

„Сè на овој свет е ребус: сочинение на кое или му недостига еден дел, или тој дел, кој ја објаснува целината е намерно притемнет и шифриран.“

„Таа книга – стварноста, не ми е прочитана во животот, друго сè имам читано.“

„И животот е е шизфореничен, па никому ништо. Лудилото не е состојба на свеста, тоа е состојба на светот.“

„Оти кажано е: господар си им на оние зборови што уште не излегле од твојата уста, а роб на оние што ја напуштиле.”

„Лудите инквизитори ги измачувале сите оние кутри жени само затоа што биле преплашени од нивната отворена нелажовна сексуалност со која не можеле да се справат во средновековните и ренесансни табуизирани кревети.“

„Тоа сега може да значи дека таа девојка мисли дека сите мажи се исти, дека таа никогаш нема да ја најде својата куќа, дека секогаш ќе живее само во кулиса од куќа, и секогаш ќе наидува на мажи кои лошо ќе постапуваат со неа, на луѓе кои живеат од слики, а не од стварност. Но, таа секогаш ќе се надева дека ќе излезе од светот на сликите во стварниот свет и секогаш ќе закачува по една слика на куќа врз кулисите од претходната. Најдевајќи се дека еднаш ќе најде некој вистински маж, кому ќе му ја отвори вратата од утробата. И дека од неа некогаш ќе излезат деца.”

„Умните се огледала во кои глупавите сфаќаат колку се грди. Затоа глупавите ги прогонуваат умните.”

„Чувствуваше дека со години живеел во страшна измама: заблудата дека нештата се добри или лоши и дека тие се такви сами по себе. Не видел дека само во нашиот ум, нашите мисли ги прават нештата такви какви што се и дека нема добро и лошо само по себе.“

„Тоа е најдобар доказ дека работите не се ни лоши ни добри, туку стануваат такви, во определени времиња и околности. Она што е лошо во едно време, може да стане добро во друго, си мислеше.“

„Никој не е виновен ако е роден грд или со некој недостиг, исто како што никој не е заслужен ако е роден убав. Тоа му го дал Господ, или како награда или како казна. Но, дали некому душата му е грда или убава, тоа зависи од него самиот.”

„Татко, ата мој, тој е мојата ронка среќа. За која ми говореше ти уште од дете: ронка среќа вреди повеќе од планина злато, така велеше ти, татко, нели? Долета мојата прашинка среќа од никаде, од вселената дојде по толку векови и ми слета на дланките. Нема ни да дишам ако треба, само за да не го загубам, да не ми се слизне од дланките, да не ми се изгуби повторно во студеното.“

„Луѓето даваат милостина не затоа што го сакаат тој кому му ја даваат, туку затоа што се сакаат себеси. Сите наши дејанија тргнуваат од себељубието и желбата за слава.“

„Љубовта не е милостина. Кога даваш милостина, се откажуваш од златник; кога даваш љубов се откажуваш од себе. И раката која го прима златникот, брза да го потроши; раката која го прима подареното срце брза да го сочува.”

„Сигурен ли си во тоа: сигурен ли си дека човек е способен да размени суета планина за ронка среќа?’

„Оти умниот ги изговара мудрите мисли, а мудрецот ги живее; ти и твоте теолози од животот правите книги, наместо од книгите да направите живот.“

„Гледам и слушам повеќе одошто говорам, оти никогаш не можеш да искажеш толку мудрости колку што можеш да премолчиш слабоумности.”

„Никој ли до сега, од почетокот на светот, не виде дека ѓаволот е во сите нас, еднакво колку што е и Бог, и дека така треба да биде? Никој ли не виде дека овој свет, покрај светли, го движат и темни конци, и дека тоа е добро? Никој ли не виде, со векови, дека во овој свет има солзи, страдања и крв, и дека така е тоа затоа што виде Бог дека е добро така? Никој ли не виде дека нечестивиот може да биде облечен и во риза, па дури наизуст да говори и делови од Светото писмо за свои цели?“

„Но Бог е умен; тој не е инквизитор, па не го прогонува, нито трајно го победува нечестивиот; оти што би правел Бог, што би правеле неговите луѓе, кога би го немало ѓаволот? Како би бил тој видлив ако нема ѓавол; како би знаеле дека е Бог добар, ако нема зло за споредба? Оти Бог е светлина, а нечестивиот темнина; а темнината не е воопшто лоша и непотребна, туку нужна; и колку е ноќта поцрна, толку посјајни се ѕвездите; колку е болката подлабока, сè повидлив е Бог!”

„Така се устроени нештата на овој свет: често да те спасува џелатот и да ти пресуди спасителот.“

„Зошто им го палат телото, Папà, кога телото е само книга на која се испишува страста, а љубовта е во душата? Та зарем никој од тие праведни мажи не сфатил дека и да ја запалиш книгата на телото, не ја уништуваш мислата на душата? И кога палат книги, тие не ги уништуваат мислите, туку само хартијата на која тие мисли се запишани.“

„…по животот останува пепелта на телото; по љубовта – пепелта на страста; по огнот – пепелта на дрвото; a а по ветрот – пепелта на она што веќе го нема.“

„…сама е со својот ум и не верува никому освен себеси.“

„…секое патување е по малку и умирање. Низ врата почнува секое патување, а смртта, како и љубовта, е врата. Два пламена разделени, еден зад прагот, еден далеку од прагот; ако биле слаби, ветрот ќе ги згасне. Ако биле силни, само ќе ги распламти уште повеќе!“

„Не гледам зошто и телесната љубов, ако е меѓу двајца што вистински се љубат, не би била поезија.“

„Тоа е мојот живот и таков е: тага и страв, на два спротивни пола. Зошто лаже јазикот, па вели дека спротивна на тагата ѝ е радоста, кога тоа е стравот, беспоговорно?“

„Љубов постои. Не секаде и не секогаш, но постои. Таа е најважниот личен вселенски настан: како пронаоѓање на опашеста ѕвезда, твоја опашеста ѕвезда која никој друг не ја гледа.”

„Секогаш се кажува премногу кога разумот, тој џелат на срцето ќе заспие и ќе го пушти срцето на слобода.”

„…задоволството и убавината се во одлагањето.“

„И којзнае колку други такви убавини досега си пропуштил, колку небеса и ѕвезди слезени на земјата, само затоа што не си бил свој!!!“

„…да се пронајдат две прашинки во големата и студена вселена, два атома кои го памтат своето претходно постоење и сега се сеќаваат на него; можно е, само ако доволно силно се сака тоа.“

„Во секој случај, мажите во Скопје научија добра лекција: дека најкршливата работа на светот треба добро да се чува. И уште нешто: дека многу малку треба секој да ја најде својата прашинка среќа. Дека многу малку треба од секој ден да се сочини – убав ребус. И дека треба да се одлага решението колку што е можно подолго.“

„И животот е таков: сè ти е пред нос, и состојките, и рецептот, ама сам ќе си зготвиш.“

„… човек не сака самиот да ја види својата слобода, па измислува триста оправдувања: резиња, брави, пари за нова врата и слично.“

Извор: Венко Андоновски, „Вештица“, Скопје: 2017, Издавачки центар ТРИ

Leave a comment