„Злосторство и казна“: Кратка анализа на едно од најпознатите дела на Достоевски!

Фјодор Михајлович Достоевски, познатиот руски раскажувач и романсиер, е еден од најголемите реформатори на романот како концепт. Како еден од основачите на психолошкиот роман, тој значително влијаел на развојот на модерната проза. Тој припаѓа на високиот реализам кој е одбележан со внесување на идеолошки, етички, религиски и филозофски проблематики во книжевноста.

Неговото дело „Злосторство и казна“ зборува за Родион Романович Раскољников, за убиството кое го извршил, мотивите за убиството и последиците. Целото дело е изградено на основа на оваа приказна за убиството, а структурата е изградена на принципот на конфликтноста, затоа што главниот јунак е во конфликт со светот и со самиот себе.

crime-and-punishement-illustration-by-stanley-wyatt

„Злосторство и казна“ претставува синтеза на различни карактеристики на романот како концепт. Ова е крими-роман, затоа што раскажува за главниот лик кој е убиец и полицијата што е во потрага по него. Ова е исто така и психолошки роман, затоа што преку анализа се разоткриваат психичките состојби и однесувањето на ликовите во романот и тоа со помош внатрешните монолози, дискусиите и соништата.

Има елементи и на филозофски роман, затоа што ја претставува идејата на главниот јунак преку објаснувањето во делот „За злосторството“. Го опфаќа и животот во сиромашните маала, проституцијата, алкохолизмот и социјалната неправда, па ова е и социјален т.е општествен роман.

Содржината и ликовите во „Злосторство и казна“

Дејството се одвива во Русија во 19 век, во градот Санкт Петербург. Целото дејство се одвива во временски период од девет и пол дена, а остатокот е посветен на Раскољниковото судење и неговото заминување на Сибир. Со ова се добива дополнителна динамика, а токму ова кондензирање на времето е една од карактеристиките на модерната проза.

Самата атмосфера низ која се движи главниот лик, како и просторот опишан во книгата, малиот и тесен стан, го опишува него и неговото однесување. На пример, собата во која тој живее изгледа како ковчег. Тоа зборува за тешкотијата и непријатноста што тој ја чувствува. Улицата, кафеаната, плоштадот, мостот – сè укажува на мрачна атмосфера.

dostoyevsky___crime_and_punishment_by_futago_kawaii_d4u4ob3-fullview
(Извор на сликата)

За ликовите многу кажуваат и нивните имиња. Името на Раскољников укажува на раскол, подвоеност на неговата личност. Разумихин е многу разумен и трезвен млад човек. Соња е име кое произлегува од Софија, што значи „мудрост“, а името на нејзиниот татко Мармеладов, укажува на неговата наивност.

Во „Злосторство и казна“, позитивноста и негативноста на ликовите е проблематизирана и воопшто не е лесно да се утврди кој лик е „позитивен“, а кој е „негативен“, особено ако се земе предвид дека протагонистот убива две жени, а не добива соодветна казна. Деталната анализа на човечките размислувања и постапки е многу присутна тука.

Идејата за убиство на лихварката, старицата Аљона Ивановна, му доаѓа на Раскољников по неговата прва посета кај неа, а подоцна тој ја слуша идејата и во кафеана. Околностите во кои живее тој укажуваат на убиство кое има судбинска неизбежност. Пред убиството, тој добива писмо од неговата мајка во кое таа го известува дека неговата сестра Дуња ќе се омажи за Лужин, човек што таа не го сака. Со тој брак, таа ќе ја ублажи тешката финансиска состојба во која се наоѓаат. Дуња сака несебично да се жртвува за својот брат.

crimeandpunishment_textless

Текот на романот укажува на тоа дека Раскољников може да ѝ помогне на Дуња само ако одеднаш добие поголема сума пари, што е невозможно да се направи на чесен начин. Оттаму, главниот лик е ставен во позиција да размислува за убиство, самиот негов живот го води кон тоа. На денот пред да го изврши злосторството, тој има чувство како „некој да го фатил за рака и да го повлекол кон себе, неодоливо, слепо, со некоја неприродна сила, без никакво спротиставување“.

Има нешто механичко во самиот чин на убиство – Раскољников ја спушта секирата „речиси несвесно“, како со неговата рака да раководи некоја страна, надворешна и слепа сила. Наместо да ја убие само бабата, во станот се појавува и нејзината сестра Лисавета, која Раскољников ја убива на ист начин како Аљона. Се добива впечаток дека тој во текот на целото убиство е во некаков транс. Убива неприродно, сигурно и смирено.

Она што ќе го украде го крие под камен, без намера да го искористи. Во еден момент, тој дури ѝ раскажува на Соња колку би бил среќен ако ја убиеше само затоа што имал празен стомак. Ова значи дека тој сепак не убил поради парите и неговата тешка финансиска состојба. Кој е тогаш вистинскиот мотив? Одговорот треба да се бара во написот на Раскољников „За злосторството“, објавен пред убиството.

Убиството и мотивите

Во него, тој ги дели луѓето на обични и необични. Обични луѓе се оние кои служат само за продолжување на видот, кои не се доволно способни и доволно силни за големи подвизи и чинови. Необичните луѓе, како Наполеон, припаѓаат на привилегираната класа и свесни се за тоа. На нив им е дозволено да кршат етички и општествени норми кои луѓето од категоријата „обични луѓе“ ги почитуваат само поради својата слабост и ништожност. Тие се наоѓаат над моралните правила што ги обврзуваат другите луѓе. На необичните сè им е дозволено.

bookrec_template_crime-and-punishment_1_530x

Убиството на лихварката потекнува од желбата на Раскољников практично да ја примени неговата теорија, затоа што тој се смета себеси за необичен. Тој верува дека убиството на една стара жена која направила многу зли работи не е злосторство. Со тоа, животот на многу луѓе ќе стане подобар и полесен. Според него, еден ваков чин е оправдан заради „општото добро“. И само необичните луѓе можат да издржат и да се справат со таков товар.

Според тоа, протагонистот е замислен како мономан, како некој што патолошки е опседнат со одредена фикс-идеја. Токму оваа идеја е силата што го прогонува Расколников со неверојатна и неодолива сила. Идејата за злосторството како елементарна, стихијна сила наспроти неговата волја и свест делува врз него. Оттука и механичноста и несвесноста за време на убиствата.

Убиството на Лисавета дополнително укажува на длабокото значење на првото убиство. Со разликата во однос на него, тоа се истакнува уште повеќе. Старицата секогаш се споменува како баба, лихварка, иако се знае нејзиното име. Таа е турната во анонимност, сведена на еден тип, со што е можно помалку индивидуални карактеристики. Ова го формализира убиството и го свртува значењето на злосторството не кон злото што ѝ било нанесено, туку на злото што Расколиноков го сторил врз себеси.

Тој преживува длабоки и сложени кризи по убиството. Тој извршува нелогични и опасни дејствија за него, како на пример враќање на местото на злосторството, распрашување за убиството и еднаш дури и малку недостига да признае што направил и тоа на познаник кој е пријател на Порфириј, иследникот.

fyodor-dostoyevsky-1876

Тој е самоуништувачки настроен и се турка себеси во пропаст. Со своето однесување, тој не дозволува никому да му помогне. Разумихин, неговиот најдобар пријател, е беспомошен пред овој дел од природата на Раскољников, како и неговата мајка, и сестра му Дуња, кон кои дури чувствува и напади на омраза. Нивната загриженост го задушува, со нивната љубов тие го поткопуваат системот поради кој тој изврши убиство.

Мотивацијата, со која тој пронаоѓа морална оправданост за убиствоto, се судира со неговата потсвест и со околината која не оправдува и прифаќа убиство. Ова се манифестира преку неговата болест и бунило, како и преку соништата. Тој во една прилика сонува како со секирата ја удира старицата, а таа му се смее во лице. Нејзината смеа е одговор на борбата помеѓу обичниот и необичниот човек, борба која цело време е во него. Се чини дека старицата ликува на неговата неспособност да го поднесе тешкиот товар на убиството. Неговата дилема и постојаното преиспитување на сопствените можности и граници укажуваат на неговата несигурност и слабост. Вистинските Наполеони не поставуваат вакви прашања.

Уште еден дел од психолошко-криминалниот тематски слој на романот е Порфириј Петрович, остроумниот иследник кој го лови Раскољников, не со факти, туку со психолошка потрага. Тој е олицетворение на законот. Методот на сослушување на Порфириј потсетува на психолошка анализа за карактерот на сторителот. Тој го подложува на немилосрдна и мачна анализа за да го фати во својата мрежа. Тој го споредува однесувањето на Раскољников со пеперутка која е неодоливо привлечена од светлината на свеќата. Ова се одразува во неговите деструктивни постапки и подготвеноста самиот да се предаде во рацете на законот, иако против него нема материјални докази.

Тој на крајот самиот се пријавува во полиција. На Дуња ѝ вели дека решил да се пријави заради неговата слабост и неспособност, иако е убеден дека не го сторил делото и не се кае за убиството. Затоа, оваа постапка на предавање може да се сфати како последен обид да се врати изгубеното достоинство.

535_32_42_11__24__11_2016zlostorstvo-eden

Тој смета дека го убил принципот, а не бабата, неа ѓаволот ја убил. По тоа тој се разликува од криминалците од типот на Свидригајлов. За разлика од Раскољников, Свидригајлов е сладострасен човек, тој убива од себични причини, но после тоа се кае, а тоа го докажуваат неговото самоубиство и халуцинациите.

Религиозната тематика и ликот на Соња

Многу е важна и религиозната тематика во романот која доаѓа до израз преку ликот на Соња, односно преку нејзините дијалози со Раскољников. Таа има одредени христијански сфаќања кои се искажани преку овој совет: „Примете ги страдањата и искупете се преку нив, тоа е она што треба да сторите“. Овој совет во себе крие една цела филозофија инспирирана од христијанството, чија суштина е дека страдањето е единствениот пат што води кон среќа.

Соња е дел и од мелодрамскиот тематски слој затоа што припаѓа на семејството Мармеладов. Членовите на ова семејство живеат мизерно, а единствен извор на приход е Соња, која се занимава со проституција. Раскољников ја запознава Соња, помагајќи му на ова сиромашно семејство да го погреба нивниот татко, кој со своето пијанство ги турнал во пропаст.

Петар Петрович лажно ја обвинува Соња за кражба, проследена со мелодраматична сцена во која се утврдува кој навистина ги зел парите и како го направил тоа. За ликот на Соња е поврзана и судбината на беспомошната девојка и во таа смисла не треба да ја заборавиме Лиза, која Раскољников ја убива, како и пијаната девојка што ја среќава на улица. Може да се каже дека Свидригајлов е личност која е жртва на сопствената страст. Не можејќи да се справи со тоа, Свидригаилов се самоубива.

the-crime-and-punishment

Родион Романович Раскољников не е жртва на сопствената страст, туку на сопствената идеја. И тој, како и Свидригајлов е автодеструктивен. Има неколку ликови кои мораат да работат спротивно на сопствената совест, но тоа можеби е најизразено кај Мармеладов, таткото на Соња, кој се запознава со Раскољников и овој му ја отвора душата и признава дека чувствува грижа на совест поради судбината на Соња.

Ефектните мелодрамски ситуации се оние помеѓу родителите и децата, кога или се разделуваат или се среќаваат во лоши услови и околности. Таква е средбата на Раскољников со неговата мајка и сестра, таква е средбата на Соња и нејзината маќеа кога таа, сфаќајќи ја болката на Соња, ѝ ги бакнува нозете. Разговорите на јунаците во мелодрамата се страсни, со клучни зборови. Со силата и забрзаното дејство на јунаците се формира и динамиката на мелодрамите.

Раскољников и Соња се љубовен пар што се бори со тешкотии. Првата препрека помеѓу нив е неговото непризнавање на злосторството, а потоа и неговото одведување во затвор. Па така, Соња е жртва која греши само под притисокот на трагичниот сплет на околности.

Но, наспроти сѐ тоа, таа има „чисто срце“. Иако се занимава со професија која се смета за неморална, таа е морална и многу побожна личност. Нејзе ѝ е потребен Бог за да може да верува во чуда, затоа што само чудо може да ја спаси од тешкиот живот и да ја исчисти од сѐ. Затоа верува во параболата за Лазаровото воскреснување.

9781784871970

Така и Раскољников, под духовното водство на Соња, ја бара смислата на надежта во Лазаровото воскреснување, а во евангелието не гледа проповед, туку гаранција за нов живот. Единствениот правилен пат за него е патот кон преобразбата, односно враќањето од светот на необичните во светот на обичните луѓе, па поради тоа може да се каже дека Соња е еден од факторите поради кои тој се предава на полицијата.

Крајот на „Злосторство и казна“ и неговото значење

Достоевски му дава време за таа преобразба. Раскољников за казна добива осум години на Сибир. Во реалноста, тој би добил најмалку 20 години за вакво дело. Со самото тоа, тој добива можност за среќа. Книгата завршува со напомена на Достоевски дека Раскољников ја нашол таа среќа со Соња и дека седум години робија му изгледале како седум дена. Јунакот кој и пред и после убиството беше подеднакво несреќен доживува преобразба со тоа што ги прифаќа религиозните уверувања на саканата жена, нејзините чувства и копнежи. Но, тоа не е верба, туку очајување.

Во овој дел, злосторството станува размислување за можностите на еден вредносен систем, како и постапките кои би се засновале на тој систем. Раскољников не можеше да се справи и избори со системот во кој целта ги оправдува средствата. Средството го повреди и него. Тој станува убиец, но со тоа не решава ништо. Тој сфаќа дека нема право да одземе ничиј живот. Ниту една идеја не може да го оправда тоа. Тој нема способност да го поттисне она што го сторил и да занемари сè. Тој е, на крајот на краиштата, обичен човек.

crime_eichenberg1

„Тајната“ нам ни е откриена уште на самиот почеток, знаеме кој го сторил делото и како го сторил тоа. Не сме заинтересирани да читаме затоа што сакаме да ја откриеме тајната, ниту пак сме заинтересирани да видиме како протагонистот ќе реагира на тоа. Ние сме заинтересирани затоа што го следиме возбудливиот внатрешен живот на Родион Романович Раскољников, изразен преку разговори со другите, но и преку внатрешни монолози. Во овој дел, акцентот не е ставен на изложување на заговорот и откривањето на криминалците.

Откако ќе завршиме со читање на романот, ние воопшто не сме сигурни дека работите завршиле со среќен крај. Останува горчливиот вкус по последната реченица. Сѐ она што е прочитано пред крајот на оваа книга, оневозможува крајот да се сфати како безопасно среќен и непроблематичен.

~ Статијата е напишана од Соња Тодоровиќ и е преземена од страницата „Култивиши се“.

Leave a comment