Запознајте ги Стела и Сани: Нова приказнa на „ТРИ“ и „Паблишер“!

Издавачкиот центар „ТРИ“ внесува многу интересн новитет за најмладите! Заедно со својот подбренд „Паблишер“, а во соработка со „Вертиго Висуал“, „ТРИ“ го започнува својот најнов проект: Прв целосно авторски бренд кој нуди забава и образовна содржина за деца од 1 до 10 години и тоа според највисоки светски стандарди.

Како што најавуваат од „ТРИ“, „Стела и Сани“ се новите неодоливи ликови кои ќе бидат верни пријателчиња на секое дете. Низ комбинација од едукативни и музички видеа, сликовници, книги и интерактивни игри, тие ќе ги подучуваат и забавуваат децата низ многу фази од нивното растење и ќе ги поведат на многу заеднички авантури. 

Она што е навистина интересно и ветува дека ќе го привлече и задржи вниманието и интересот кај дечињата е тоа што проектот вклучува и оригинални анимирани видеа работени во висококвалитетна 3D технологија, кои ќе бидат објавени на македонски и албански јазик, а ќе бидат надополнети со авторска музика за деца, создадена наменски за секое видео.

Реализацијата во 3D технологија со анимираните ликови Стела и Сани е нешто што досега не е направено во нашата држава, а квалитетот што го носат е на нивото на најпознатите европски и светски продукциски куќи. 

На својата веб страница, „ТРИ“ со гордост го најавуваат овој интересен проект за деца и велат:

„Она што нѐ прави особено горди е што во самиот проект е предвидено издавање на три посебни едиции на книги за деца на кои работат домашни реномирани автори, илустратори и креативци, со цел да се направат врвни изданија што одговараат на светските стандарди. За таа цел, ТРИ во проектот ги вклучи нашите најпознати писателски имиња како Винка Саздова, Венко Андоновски, Јагода Михајловска-Георгиева.“

Една од главните цели на проектот е да се зачува и афирмира јазикот, како македонскиот така и албанскиот, и да понуди свежа и оригинална детска содржина која обработува теми кои се специфични за нашето поднебје и културолошкиот контекст. Проектот вклучува и изданија наменети за различните категории литература за деца – први читанки, сказни, детска белетристика. 

Како прво издание на овој проект е сликовницата „Во овој балон нема место за еден слон“. Оваа шарена приказна со неочекуван крај,  веќе може да се најде во книжарниците на „ТРИ“.

Уште еден голем поттик за започнувањето на овој проект е желбата да се пополни големиот недостиг на оригинална и квалитетна македонска видео и аудиосодржина за деца, како и книги и литература за деца, и да им овозможиме на децата уште од најрана возраст пристап до образовни видеа и содржини со кои ќе се забавуваат, но истовремено ќе учат нови работи.

Преку овој проект, „ТРИ“ промовира вредности преку игра, учење на азбуката од почеток до крај и создавање поучна содржина што ќе биде интересна за децата од различни возрасти. Вредност која ќе трае и ќе се пренесува низ генерациите и ќе создаде свет за забава и учење!

Очекувајте забавно и едукативно патување со ликовите на Стела и Сани и следете ги новостите на страницата на ТРИ!

Leave a comment