Наративот за животот на Силвија Плат кој ја опишува како трагична фигура проколната од сенката на нејзината генијалност, како и од нејзиниот сопруг со премногу побарувања, е наратив кој постои и денес. Но, едни писма кои беа откриени пред неколку години, покажуваат една друга страна на поетесата, страна која не е дефинирана од околностите на нејзината смрт, туку од игривите, сензуални и интелектуални страни кои таа ги внесувала во својот живот.

Дан Чиасон за „Њујоркер“ има напишано еден текст во кој зборува дека во последно објавениот том од нејзините писма, кои биле грижливо собрани и уредени од Карен В. Кукил и Петер К. Стајнберг, се забележува невообичаено зголемено внимание на секојдневието.
На пример, случајната средба со еден мрмот, кој поетесата го опишала во една белешка испратена до нејзината мајка, опишувајќи го животното како „чудно, сиво, згрутчено животно“, со „витка чудна градба“. Ова е многу прецизна слика, слика која е прикажана со слична духовитост во поемата „Инкомуникадо“. Ваквите описи – типични за еклектичните согледувања што Плат ги нуди во своите преписки – изобилуваат во огромниот том од илјада страници.
Сеопфатниот запис, насловен како „Писмата на Силвија Плат, том 2: 1956-1963“, ги следи подоцнежните години од животот на Плат, од нејзиното првично брачно блаженство со колегата поет Тед Хјуз до драматичното распаѓање на нивниот брак и нејзиното самоубиство на 30-годишна возраст. (Том 1: 1940-1956, објавен во октомври 2017 година, ги опфаќа детството и раната младост на Плат.)

Писмата содржат доволно докази за внатрешните превирања што очигледно се случувале во Плат во текот на целиот овој период, особено се очигледни во серијата од 14 писма испратени до пријателката и психијатарот Рут Бушер. Белешките на Бушер, кои се појавија во 2017 година, а сега се во посед на колеџот „Смит“, влегуваат уште подлабоко во пустошот што го направил Хјуз, кој во 1961 година започнал вонбрачна врска со Асија Вевил, сопруга на негов пријател.
Бушер, тогашна докторка на психијатрија, првпат се сретнала со Плат во 1953 година, годината кога таа се обидела да се самоубие земајќи апчиња за спиење. Тие две започнале необично пријателство, и го одржувале пријателството преку домашни терапевтски посети, а откако Плат и Хјуз се преселиле во Лондон во 1960 година, преку прекуокеанско допишување т.е писма.
Најконтроверзните коментари во овие размени се вртат околу Хјуз, за кого Плат вели: „Физички ме претепа неколку дена пред спонтаниот абортус“.

(Силвија Плат и Тед Хјуз)
Пишувајќи за „Дејли Мејл“, нивната ќерка Фриеда додала: „Ова беше неверојатно болно за читање. Во целиот живот со мојот татко, никогаш ја немам видено оваа страна од него.“
Во друга белешка, Плат вели: „Тед отворено ми рече дека посакува да сум мртва.“
Но, со изненадувачки висока фрекфенција, писмата на Плат до Бушер ги покажуваат растечките надежи на поетесата за иднината. На 21 октомври 1962 година, писмо кое е напишано многу набрзо откако Тед официјално се отселил од нивниот дом, Плат ѝ напишала на Бушер: „Јас бев надвор од себе од среќа. Мојот живот, моето чувство за идентитет, се чиниеа дека долетуваат до мене од сите соби… Јас бев своја жена.“
Дури и во нејзиното последно писмо до Бушер, напишано на 4 февруари 1963 година, неколку дена пред нејзиното самоубиство, Плат зборува за примамливата привлечност на разводот: „Сега јас ќе излезам од неговата сенка, помислив, јас ќе бидам јас.“

Сепак, на крајот, овие мисли не успеаја да го растераат стравот на Плат од „враќање на моето лудило, мојата парализа, мојот страв и визија за најлошото: кукавичко повлекување, душевна болница, лоботомии“. На 11 февруари заглавила крпи под вратата од кујната за да ги заштити своите деца кои спиеле и ја ставила главата во печка за гас.
До својата смрт, таа имала објавено една поетска антологија „Колосус“ и еден полуавтобиографски роман „Стаклено ѕвоно“. Хјуз како наследник и книжевен извршител, го надгледувал постхумното објавување на „Ариел“, нејзината последна (и според многу од нејзините читатели, нејзината најдобра) стихозбирка.
Овие допишувања откриваат ранлива, и очигледно сè пообесхрабрена и разочарана личност, но исто така го доловуваат чистото воодушевувачко и љубопитно чувство што Плат го прифатила во нејзиниот пристап кон светот. Елизабет Лори, во нејзиниот осврт кон објавените писма, за „Гардијан“ има напишано: „Нејзината енергија дури и кога прави или ги набудува најобичните работи, излегува надвор од страницата“ и додава дека „таа има неверојатна способност да го направи секојдневното и обичното – необично.“
