Есента е едно од најубавите времиња за читање книги, а особено годинава, онаква каква што е. Во октомври решив повеќе внимание да обрнам на македонските писатели, а истиот тренд веројатно ќе го следам и во ноември (веќе се избрани книгите <3). Со исклучок на една книга од листава, сите останати се од македонски писатели, некои малку постари, некои понови, но се работи за исклучително добри дела, кои вреди да се прочитаат.
Важно е да читаме, но важно е и да им даваме поддршка на македонските писатели и на македонската книжевност. Нашите писатели и писателки имале и имаат што да кажат и навистина умешно проникнуваат во некои од тешките животни прашања и поттикнуваат размислување и знаат како да нè пренесат во други светови и во туѓа кожа.
Ова се моите предлози за читање, составени од книгите кои ги прочитав изминатиот месец. Да читаме македонско!
„Вештица“ – Венко Андоновски

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Колку прекрасна книга! Знаете како викаат дека не ги пронаоѓате вие книгите, туку тие ве пронаоѓаат вас? Е па овој роман е вистинскиот доказ за тоа. Подолго време ја имав книгава на полицата со непрочитани книги, но некако никогаш не доаѓаше на ред, но овојпат самата некако си се избра.
Прекрасна книга во која се стопува минатото и иднината, реалното и вистинското, магичното и обичното, а пред сè и над сè e љубовта. Љубовта како единствена вистина, љубовта како штит и одбрана од светот и злото, љубовта која во својата телесна форма била честопати забранувана од лицемерните морализатори, во книгата претставени преку инквизиторите и католичките свештеници во средновековна Хрватска, кои ловат и трагаат по „вештици“ за палење на клада. Среде тој хаос, се раѓа една многу необична поврзаност и љубов, љубов која според сите параметри е забранета, но опстојува.
Јас лично многу емотивно ја доживеав оваа книга, ме погоди и допре на еден длабоко личен начин. Освен тоа, вметнувањето на „реалноста“ и разговорите со „писателот“ внесуваат свежина и на совршен начин ја разбиваат тежината која самата приказна ја пренесува. Одличен баланс и како резултат на тоа крајниот производ е феноменален. Една од најдобрите современи македонски книги кои сум ги прочитала, а дефинитивно треба да ја прочитате и вие. Тука можете да прочитате и прекрасни извадоци од книгата.
За дополнителна инспирација, тука, тука и тука, можете да прочитате и за други четива од Венко.
„Диссомнии“ – Игор Станојоски

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5:
Осврт: Како што веќе имам пишувано на блогот, Игор Станојоски е дефинитивно мојот омилен македонски современ писател, а со оваа книга само уште повеќе го зацврсти мојот став.
Игор Станојоски на совршен начин знае како да ве внесе во неговиот свет и да заборавите дека постои нешто друго и да живеете заедно со неговите ликови, да се чувствувате како да живеете во книгата и немо набљудувате што се случува.
Во оваа книга има од сè по нешто: мистерија, трилер, љубов, политика… Книгата се врти околу еден писател роден во Македонија, кој „избегал“ во Украина по смртта на неговите родители. Тој не сака да се соочи со неговото болно минато, па се труди да избрише сè што е поврзано со неговиот стар живот. Тој има супер живот, прекрасна свршеница, добра кариера како писател, во принцип работите му одат добро.
Но, како што Украина се наоѓа среде неверојатен политички хаос (во периодот на Мајдан), така и животот на главниот лик вртоглаво се изместува од својата оска. Еден невин и искрен коментар на Фејсбук предизвикува жестоки реакции и еден куп други последователни проблеми за него, па на крај со тешко срце решава да се врати во селото на баба му и дедо му. Покрај тоа, дополнителна причина да се врати е тоа што тој добива една мистериозна порака од една девојка која никогаш не ја сретнал, која му соопштува една шокантна вест.
Неверојатно длабока и прекрасна книга, можеби и најдобро разработениот роман на Станојоски (иако тешко ми е да се одлучам). Немојте да се двоумите околу оваа книга, ако имате можност, прочитајте ја што побргу!
Доколку ве интересираат и други книги од Станојоски, веќе имам за нив пишувано тука и тука.
„На враќање“ – Фросина Пармаковска

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Фросина Пармаковска во последните неколку години сè поцврсто ја освојува македонската книжевна сцена и моментално е една од најактуелните писателки.
Пармаковска има навистина многу уникатен и специфичен стил на раскажување, кога еднаш ќе се прилагодите на спецификата на наративот, нема да сакате да ги пуштите книгите од рака и откако ќе прочитате една книга, потоа насекаде би го препознале нејзиниот стил на пишување.
Во екот на оваа наша пандемска 2020 година, Фросина Пармаковска успеа и да го издаде својот нов роман „На враќање“ и повторно не разочара! Освен тоа, дел од дејството конкретно се случува и во екот на пандемијата на КОВИД-19, па оттаму е и многу актуелен и читателот уште повеќе се поврзува, затоа што не се случува „некаде таму“, туку токму тука и сега.
Приказната е едноставна и човечка, од аспект на тоа дека се занимава со нашите каења и нашето често романтизирање на минатото и како сето тоа лесно може да се распрсне како меур. Главниот лик е писател кој живее најобичен и секојдневен живот, заедно со неговата сопруга и син. Едно обично враќање во неговото родно место во него буди неиздржлив копнеж по една долго загубена љубов, нешто кое тој мислел дека одамна е закопано длабоко во неговата душа. Оттука, и тој и неговата опседнатост излегуваат од контрола, па тој решава и да ги мине границите среде пандемија за да го најде она што мислел дека го изгубил.
Она што е навистина интересно е како Пармаковска се движи помеѓу јавето и сонот, реалното и нереалното, а сепак сето тоа да е многу човечки, односно основата на сето тоа се човечките копнежи, желби, некаков недостиг.
Книга која дефинитивно треба да ја прочитате, а доколку сакате да читате и нешто друго од Фросина Пармаковска, тука, тука и тука можете да прочитате мои претходни осврти на нејзините книги.
„Скакулци“ – Петре М. Андреевски
Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт: Способноста на Петре М. Андреевски да го долови селскиот живот и односите меѓу луѓето е нешто навистина ненадминливо. Освен тоа, неговите метафори и начинот на којшто знае во вистински момент да ги постави вистинските тези е нешто што го прави еден од најдобрите.
Како и во повеќето негови романи, главното дејство се одвива во едно село, но преминот во „новото време“, кога многу работи се менуваат, а жителите на ова село треба да се приспособуваат на новините, на новиот свет, бидејќи мора да се оди напред. Како што се вели „Господ е мртов“, иако голем дел од жителите и натаму разговараат со него, макар и немо, особено во нивните тешки моменти.
Оваа книга е и сатира на тогашната власт, со сите свои одлуки, како и на властодршците и нивниот однос кон соселаните. Не можете да не ја забележите иронијата во редовите, но повторно Петре М. Андреевски не пропушта да навлезе во душата на обичниот, мал човек и неговиот тежок живот.
За Петре немам што да додавам премногу. Изминативе месеци често пишував за неговите дела на блогот и многу интензивно го читав, тоа можеби е и еден од најсветлите моменти во оваа година, што повторно се навратив на неговата магија! Веднаш по оваа книга, ја прочитав и стихозбирката „Вечна куќа“, чисто за да внесам малку поезија во секојдневниот живот.
„Кафе наспроти цигари“ – Џорџ Орвел

Издавачка куќа: ИКОНА
Оцена: 5/5
Осврт: Џорџ Орвел е еден од моите омилени писатели, па оттаму и секогаш сум малку субјективна. Но, ова е книга која дефинитивно треба да ја прочитате, особено ако веќе ги имате прочитано неговите дека како „1984“, „Животинска фарма“, „Отфрлен и на дното во Париз и Лондон“ и „Во чест на Каталонија“.
Се работи за збирка есеи кои во текот на годините ги објавувал во различни списанија и весници. Неверојатна е неговата остроумност при анализирање на различни теми како читање книги и нивната достапност, цензура, слобода на говор, како и самоцензурата на самите писатели и уметници.
Тој често потенцира дека тоталитаристички тенденции можат да се појават и во демократски општества и тоа го прави влечејќи одлични паралели кои не може да не ве замислат. А голем дел од работите дефинитивно важат и за денешните општества во кои живееме. Не ја пропуштајте оваа книга, особено ако ве интересираат овие тематики!

