Никој не посакува да дочека крај на добра приказна и зошто би сакале? Приказните може да нудат среќа, радост, утеха и уште многу други работи. Како што нигерискиот поет и романописец Бен Окри еднаш кажал, приказната е она што „ги прави нашите срца поголеми“. И затоа, природно сакаме повеќе приказни.
Но, како што Л. Франк Баум кажал, „.сите работи некогаш мора да завршат.“
Секоја книга има последна страница и секој човек некогаш заминува од овој свет, вклучувајќи ги и оние малкумина меѓу нас кои не само што измислуваат интересни приказни, туку и создаваат цели нови и величествени светови кои маѓепсуваат. И кога ќе починат, со нив си заминуваат сите магични светови и ликови за кои сме копнееле да дознаеме повеќе.
Средната Земја е е дефинитивно еден од тие светови и за жал сите приказни умреа заедно со смртта на брилијантниот англиски писател Џ. Р. Р. Толкин на 2 септември 1973 година.
Откако починал, Кристофер, синот на Толкин, кој бил именуван за книжевен извршител, во обид да го зачува и негува наследството на татко му, објавил дополнителни страници и ракописи кои самиот автор ги објавувал додека бил жив, а последното нешто беше „Берен и Лутиен“, објавено во 2017 година. Се работи за дело напишано долго пред „Хобитот“ и „Господар на прстените“.

Кристофер му помагал и на Хамфри Карпентер, биографот на татко му, во одбирањето писма напишани од авторот со цел да бидат објавени во книга. Меѓу писмата имало лични писма до неговата сопруга, деца и издавачите. Овие писма им овозможуваат на читателите и почитувачите на делото на Толкин да навлезат подлабоко во неговиот живот и да дознаат повеќе за тоа кој бил Толкин и што сакал и што не сакал. Едно од тие писма открива што тој навистина и цврсто не сакал, односно што презирал од дното на душата (негови сопствени зборови). Творештвото на Волт Дизни.
Во „Писмо 13“, од збирката писма „Писмата на Џ.Р.Р. Толкин“, Толкин пишува:
„Би било препорачливо, наместо да се изгуби американскиот интерес, да им се дозволи на Американците да го прават она што делува добро за нив – сè додека е возможно (би сакал да додадам) да се забрани сè што е од или има влијание од студиото „Дизни“ (за чие творештво имам длабок презир).“
Како што изгледа, Толкин не бил расположен да дозволи неговите дела да бидат расипани од овој човек и оваа компанија и нивниот начин на кој ги прават работите.
Неколку месеци пред првото издание на „Хобитот“ да биде издадено во Велика Британија, во септември 1937 година, неговите издавачи „Ален & Унвин“ го информирале писателот дека „една од извонредните фирми меѓу американските издавачи“ е заинтересирана за објавување на книгата во САД, и дури рекле дека имаат добар американски професионален уметник кој би се погрижил за цртежите.

Отпрвин, Толкин не бил баш загреан за идејата. Тој сакал самиот да ги направи цртежите, како што го направил тоа и за британското издание. Но, времето изминувало, роковите се приближувале и Американците сакале да вметнат барем 4 цртежи во боја, помеѓу веќе планираните две мапи и десетте црно-бели илустрации на Толкин.
На „Оксфорд“ веќе бил поминат половина од семестарот, а неговите издавачи се сложувале со него и сите го советувале самиот да ги направи цртежите. И така тој рекол: „Ќе се обидам да направам уште пет или шест за таа цел. Ќе се обидам, колку што дозволува времето… но не можам да ветам ништо.“ Тој во тоа време не знаел кој е американскиот издавач, ниту пак знаел кој треба да ги направи цртежите доколку самиот тој не успее, но сепак кажал ДА на понудата, сè додека она што го правеле немало никаква врска со Волт Дизни или, како што рекол, во спротивно ќе се повлече.
Некаде на крајот на септември, бостонската компанија „Хохтон Мифлин“ добиле писмо. Во писмото имало цртеж, но дефинитивно не бил цртеж од „Дизни“, туку цртеж на Толкин. Тоа бил последниот цртеж, „Ридот: Хобитон-низ-реката“. Тие веќе ги добиле претходните цртежи: „Ривендел“, „Билбо се разбуди со раното сонце во неговите очи“ и „Разговор со Смаг“.
Сите биле вклучени во првото американско издание на „Хобитот“, кое излегло на самиот почеток на 1938 година со „Ридот: Хобитон-низ-реката“ служејќи како главна корица и „Разговор со Смаг“ како позадината на прекрасно дизајнираната книга.

„Хобитот“ како книга, си имала свое сопствено неочекувано патување. Толкин во еден момент се надевал дека „Г-дин Багинс конечно ќе дојде и ќе ме спаси“, но „на умерен начин“, не со „грниња со троловско злато“, но доволно за да може барем да ги покрие неговите трошоци за лекување во тешки времиња. Ова им го открил на своите издавачи во едно писмо од 1937 година. На крај излегло дека неговиот хобит навистина се вратил со „грниња со троловско злато“.
Неговата книга за деца, првично испечатена во 1500 примероци во Велика Британија и речиси исто толку и во САД, сега е втора на листата на најпродавани фантастични книги, веднаш зад нејзиниот „поголем брат“, „Господар на прстените“. И во нив нема ниту трошка од Дизни, ниту во некое од другите негови објавени дела.
Години подоцна, во друго писмо, овојпат испратено до г-ѓица Џ.Л.Кари, студентка на Универзитетот Стенфорд во 1964 година, веднаш по објавувањето на филмот „Мери Попинс“, тој открил зошто толку го мразел Дизни, колега визионер од другата страна на Атлантикот:
„… Јас го признавам неговиот талент, но секогаш ми делуваше дека е безнадежно расипан. Иако во повеќето од „филмовите“ кои излегуваат од неговите студија има шармантни или восхитувачки делови, ефектот од сите нив за мене е одвратен. Некои ми предизвикаа гадење…“
Името Дизни не е спомнато никаде во писмото, но обвинувањето кое следува веднаш по овој дел, укажува кон него, затоа што тој мисли на човек кој „едноставно е измамник: подготвен, дури и желен да ги измами помалку искусните со трикови кои се доволно „законски“ за да го држат надвор од затвор“.

Имајќи ја превид целата контроверзија околу екранизацијата на „Мери Попинс“, не е необично да се помисли дека човекот на кој мислел Толкин е најверојатно Волт Дизни.
Во 1978 година, пет години по неговата смрт, првата официјална екранизација ја имала својата премира. Се работело за анимација и не била на „Дизни“. Тоа било верзија на Ралф Бакши, негова екранизација на „Господар на прстените“, продуцирана од „Јунајтед Артистс“. Многу години подоцна Питер Џексон ја направи светски популарната екранизација на „Господар на прстените“, а подоцна и на „Хобитот“. Ниту една од овие екранизации не беше поврзана со компанијата „Дизни“.
Па затоа може да се каже дека желбата на Толкин да не биде поврзан со Дизни на ниту еден начин сепак била остварена.
