2020 година не е добра за многу работи, но барем ни остави малку простор за повеќе да читаме. Уште кога пандемијата доби голем замав, на блогот го пренесов текстот од писателката Џордан Киснер, која пишуваше за тоа како книгите можат да бидат нашиот пасош во овие времиња.
Не беше за изненадување тоа што многумина се свртеа кон книгите, но она што беше изненадување за многумина, дури и за самите издавачки куќи, беше фактот дека значително се зголеми интересот за големите и дебели класици. Во продолжение можете да ја прочитате анализата на Алис Винсент, објавена на веб-страницата на издавачката куќа „Пинвгин“, а најдолу можете да го прочитате и оригиналниот текст на англиски јазик.

На 16 март, една недела пред да биде воведен карантин во Велика Британија, авторката Јијун Ли ја објави следната покана на веб страницата Brooklyn literary review A Public Space:
„Во следните недели и месеци, кога секој еден од нас мора да се сврти кон живеење низ сурова реалност, се прашувам дали можам да ве поканам да ја читате и дискутирате „Војна и мир“ со мене. Јас сфатив дека колку понесигурен е животот, толку повеќе стабилност и структура ми овозможуваат романите на Толстој.“
На оваа кинеско-американска писателка не ѝ е непознато ремек-делото на Лав Толстој, дело кое таа секоја година го чита. Речиси точно еден месец претходно, фотографија од нејзиниот последен примерок од книгата се појави во магазинот „1843“. Таа тогаш објаснила зошто става лепливи стикери на книгите: „На едно читање ставам розеви стикери, на следното зелени, и така натаму. На крајот, останувам без бои и без простор… И треба да купам нов примерок.“

Започнувањето на хаштагот #TolstoyTogether, неофицијалниот меѓународен книжевен клуб за „Војна и мир“, привлече околу 3000 членови од шест континенти. Таа на многу едноставен начин го постави предизвикот: „Ќе ни требаат околу 30 минути на ден за да прочитаме по 12 – 15 страници и ќе го завршиме романот за 3 месеци – токму пред летото и нашето расположение ќе биде на повисоко ниво.“
Летото си замина и еве, повторно сме навлезени во есента, а поголемиот дел од светот се подготвува и за уште еден карантин и затворање дома, а илјадници луѓе ја прочитаа „Војна и мир“. Книгата е дел од долгата листа од долги и обемни класици кои годинава доживеаја неверојатен бум во продажба. 69% повеќе од 2019 година. Продажбата на „Ана Каренина“, исто така од Толстој, се зголемила за 52%, а „Дон Кихот“ за 53%. Зголемувањето на популарноста на книги стари со векови е уште еден од настаните од 2020 година кои никој не можеше да ги предвиди.
Ако погледнеме назад кон нашиот пристап кон карантинот и затворањето дома, ќе видиме дека многу луѓе манијакално се обидуваа да си го пополнат времето. Многу работници работеа уште понапорно, особено оние во првите редови на пандемијата, но за оние коишто беа охрабрени да работат од дома, недостигот од одење на работа, социјализирање и останување во границите на својата држава, целата ситуација им отвори многу слободно време. Како подобро да се пополни од читање?

Во мај, едно истражување на „Нилсен“ откри дека луѓето двојно го зголемиле времето на читање за време на карантинот, од 3.5 часа неделно на шест часа неделно. 35% од тие одговориле дека имаат чувство дека книгите им овозможуваат „бегство од кризата“.
Но, дури и луѓето кои ги издаваат класиците биле изненадени од тоа колку многу луѓе се фаќаат за нив. Џес Харисон, уреднички директор во „Пингвин Класик“ вели:
„Ние очекувавме дека е можно да видиме зголемување на продажбата на оние „утешни“ четива, како лесни крими романи или лесни комични романи. Наместо тоа, делува дека читателите беа инспирирани од карантинот за да ги „освојат“ големите книжевни споменици – книги кои можеби секогаш сакале да ги прочитаат, но никогаш претходно немале време за да им се посветат.“
Директорот за бренд, Сам Волтерс, вели: „Можеби читателите го видоа карантинот како можност да ја прочитаат книгата која секогаш имале намера да ја прочитаат, но никогаш немале време.“

Авторката Вив Гроскоп, чија книга од 2018 година, „Ана Каренина: Животни лекции од руската книжевност“, стана бестелер во Русија за време на карантинот, и тоа под името: „Само-помош: Во стилот на Толстој“, вели:
„Голем дел од нас имаа чувство дека оваа година можеби ќе ни понуди некаков простор или отворање. Ова е добар момент да се погледнеш себеси во очи и да се прашаш дали навистина ќе ја прочиташ „Војна и мир“ како што секогаш си ветуваше дека ќе ја прочиташ. Тоа е еден вид на пресметка. Дали си читателот кој се преправаше пред себе дека си?
И не е само „Војна и мир“: „Грофот од Монте Кристо“, „Злосторство и казна“ и „Мидлмарч“ исто така доживеаја огромен пораст во продажбите. Книгата на Џорџ Елиот за која Вирџинија Вулф има кажано дека е „еден од малкуте англиски романи кој е напишан за возрасни луѓе“, е роман за тоа што се случува кога возвишени идеи се сретнуваат со тешкиот компромис на реалноста среде оддалечениот и осамен предел во 30-тите години на 19 век, приказна распослана на над 880 страници.
Уредникот на книги, Крис Дојл, беше меѓу оние кои оваа пролет му посветија време на романот „Мидлмарч“, твитајќи за својот прогрес во текот на читањето. Слично на тоа, Клер Фенби, која работи во маркетинг на книги, започна со хаштагот #Middlemarchalong некаде на крајот на јуни. Гроскоп, љубител на долги романи, препорачува „строго одредени 50 или 60 страници одеднаш се сосема соодветни за 14-дневна самоизолација“.
Повремено, се наоѓаат и неверојатни паралели помеѓу оваа пандемија и измислените настани напишани пред многу векови. Во „Мидлмарч“ има епидемија на колера, „Војна и мир“ започнува со тоа како Ана Павловна го закачува грипот, но сепак решава да одржи забава. Авторката Лорен Акампора, при крајот на март, напиша на Твитер:
„Сцената кога принцот Болконски го губи умот додека дома ѝ држи часови по математика на Марија е ептен слично со денешната ситуација дома.“
Она што можеби започна како начин за побрзо да помине времето набргу се претвори во нешто многу позначајно. На 31 август, една од читателките на клубот #TolstoyTogether, Шара Карашиќ објави: „Она чувство кога ви остануваат само уште 300 страници од „Војна и мир“ и се чувствувате тажно, како Толстој да беше бедемот на стабилноста за време на целиот каранин, и создаде алтернативен свет за живеење во овие месеци“.
Филип Хоар, писател кој своевремено во 2012 година ја поттикна иницијативата за групно читање на „Моби Дик“ вели: „Овој момент е толку празен; секој ден сè се менува и ти целосно лебдиш. Нема сидро. Долгата книга ги демаркира сезонските прогресии и времето. Може целосно да те пренесе во еден момент”.

Преку отстранувањето на толку многу животни аспекти кои беа нормални и секојдневни за нас, карантинот нè натера да истражиме што навистина сакаме и што ни е потребно за да може да одржиме еден пост-пандемски живот.
Според Гроскоп, сите овие големи и дебели класици, можат да бидат совршени алатки кои можат да помогнат во овој процес: „Овие романи од 19 век – особено Толстој, имаат богатство од лекции кои можат да нè научат како да живееме подобар живот, како да се справуваме со неизвесноста и како да живееме во мир и спокој со себеси.“
И можеби си го поставувате прашањето: Кој е најдобриот начин да им се пристапи на овие книги и како да се читаат сега со доаѓањето на првата зима од КОВИД-19 ерата пред нас? Онлајн книжевните групи ја покажаа моќта на поврзување со непознати луѓе преку читање по малку страници секој ден, а постојаноста се чини дека е клучот.
Гроскоп вели: „Најдобриот начин да се помине низ овие книги е да се поделат во помали делови. Дисциплинирајте се себеси да читате неколку поглавја или по 50 страници на ден.“ Понатаму вели дека сценаристот Ендру Дејвис кој ги има екранизирано Остин и Толстој, „советува да се купи стара половна книга, да ја пресечете на неколку делови и секогаш да си носите по еден дел со себе и да читате кога можете.“

Иако Гроскоп чита на Киндл (е-книги, м.з) и ги симнува класиците на телефон („така секогаш можам да поминам низ неколку страници“), Хоар инсистира дека изгледот на големата книга е делот од процесот: „Навистина можете да чувствувате како поминувате низ неа, тоа е вашата физичка прогресија низ книгата.“
Двајцата инсистираат дека правењето предизвик од читањето може да е брз начин кон неуспех и дека многу од читателите на „Војна и мир“ ја завршиле книгата по неколку обиди. Хар вели: „Тоа е најлошата работа – едноставно не функционира. Ова можеби е вашиот Толстој момент. А може и не е. Кога ќе дојде вистинскиот момент, ќе го завршите романи.“
Но, упорноста се исплати: да навлезеш во долг класик може да биде искуство кое го менува животот. Хоар вели: „Голема книга навистина може да ве промени. Ако посветите толку многу време на неа, тоа е голема инвестиција од ваша страна. Вие се потпирате на авторот да ве одведе низ неверојатно долго патување.“
