Читателите бираат „Книга на годината“!

Македонската асоцијација на издавачи годинава подготвува нешто интересно и сосема ново во Македонија, по примерот на изборот што секоја година се прави на популарната страница за книги Goodreads. Секоја година, оние кои имаат профил на оваа страница имаат можност да гласаат за својата омилена книга во тековната година, а овој принцип за првпат ќе се воведе и во Македонија, па така самите читатели ќе имаат можност за да ја изберат Книгата на годината.

Како што се наведува на официјалниот настан на Фејсбук, се работи за избор на најпопуларните, најбараните, најпродаваните, најсподелуваните, најпрепорачуваните книги во земјата во текот на изминатата година.

Што се однесува до правилата, ќе се гласа по следниот принцип:

Изборот се одвива онлајн на www.kniganagodinata.mk и секој читател може да гласа по еднаш, за својата омилена книга, во секоја од деветте категории (трилери, романси, историски драми, женска белетристика, домашни автори, книги за млади, нефикција, поезија, детски книги и сликовници). Оваа година во трката за книга на годината има изданија на петнаесетина издавачки куќи, а веќе е отпочнат прием на нови номинации за следната година и секој заинтересиран издавач може да достави свои предлог номинации.

Освен тоа најавено е дека во рамки на Reader’s Choice Book Awards ќе има подароци и награди и секој кој ќе гласа станува потенцијален добитник на пакет книги.

Гласањето започнува на 10.11.2020, а ќе трае до 20.11.2020.

За повеќе информации, следете го официјалниот Фејсбук настан или страницата на Македонската асоцијација на издавачи.

Leave a comment