Онлајн промоција на интерактивна книга за деца „Мистериозниот град под Калето“ на Александра Тодоровиќ!

Денес, со почеток од 19 часот, на Фејсбук страницата на Литература.мк, ќе се одржи онлајн промоција на интерактивната книга за цела „Мистериозниот град под Калето“ на авторката Александра Тодоровиќ. со илустрации на Марко Јанев, автор кој живее во Виетнам и има богато професионално портфолио.

„Мистериозниот град под калето“ е во издание на „Либи“ („Арс Ламина“) и веќе може да се купи во сите книжарници „Литература.мк“, а може и да се нарача онлајн.

Оваа книга за деца е нешто ново и сосема уникатно и направено со љубов за Скопје и истовремено ќе ги поттикне децата да научат нешто повеќе за историјата на Скопје.

Водителка на онлајн промоцијата ќе биде уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова.

Авторката Тодоровиќ вели дека минала долго време во истражување на историското богатство на Скопје со цел соодветно да ја конципира книгата.

Таа додава:

„Скопје од А до Ш“ е наслов на серијалот книги за деца. Прва од серијалот е „Мистериозниот град под калето“ што го обработува османлискиот период на Скопје. Со овој период всушност ја почнувам авантурата за Скопје. За оној дел пред Османлиската Империја, за време на Византија има многу малку податоци и затоа се одлучив да почнам од периодот на Скопје под османлиска власт. Серијалот е замислен така што секоја книга ќе обработува различни историски периоди на градот. Понатаму дејството би продолжило во втората книга за Скопје во време на Кралството СХС, постземјотресно Скопје и приказната би се заокружила со модерно Скопје.“

Ова е трета книга на писателката, а веќе се во подготовка и нови изданија.

За повеќе информации, следете го и официјалниот настан на Фејсбук.

Leave a comment