Според познатиот магазин „Варајети“, телевизиската куќа „CW“ е во процес на развивање на антологиска серија инспирирана од делата на Џејн Остин.
Засега, работниот наслов е „Модерна Остин“ и идејата е да има едночасовни епизоди во кои ќе се обработуваат нејзините романи како шест модерни приказни, односно приказни чие дејство се одвива во денешно време.
Во секоја сезона ќе се обработува различен роман, почнувајќи со „Гордост и предрасуди“, приказна која ќе биде сместена во денешно Сан Франциско.

Идејата за серијата е од Еленор Бурџес, која ќе биде и сценарист и извршен продуцент. Бурџес неодамна беше сценарист за серијата „Пери Мејсон“ на ХБО. Стефани Алејн и Габриел Еброн исто така ќе бидат извршни продуценти преку компанијата „Хоумгроун пичрс“, а „Варнер брос“ ќе ја продуцираат серијата.
Како што секој обожавател на Остин знае, нејзиното творештво досега навистина честопати било екранизирано. Најпознати екранизации секако се филмот „Гордост и предрасуди“ од 2005 година, за кој Кеира Најтли доби номинација за Оскар за најдобра актерка, како и истоимената серија од 1995 година со Колин Фирт.

Освен овие две, познати се и екранизациите на „Ема“, онаа со Гвинет Полтроу од 1995 година, една мини-серија, а последната екранизација на „Ема“ излезе токму оваа година. Позната екранизација е и онаа на „Разум и чувства“, за која Ема Томпсон во 1996 година доби и Оскар за најдобро прилагодено сценарио.

Исто така, не е првпат Остин да добие малку помодерна екранизација. Познато е дека „Гордост и предрасуди“ е инспирација за „Дневникот на Бриџит Џонс“, а миленијалците сигурно се сеќаваат на „Изгубена“ (Clueless), кој е модерна верзија на „Ема“.
Не знам за вас, но јас едвај чекам да видам како ќе изгледа сето ова!
