Доколку припаѓате на генерациите родени во 80-тите, па и 90-тите, сигурно се сеќавате на една детска книга која беше присутна речиси во секој дом, нејзиното име беше „За твојот роденден“. Книгата имаше многу интересни илустрации и приказни и секое дете уживаше во неа (вклучувајќи ме и мене).
Веќе подолго време, книгата не беше во продажба и можеше да се најде само на штандовите со стари и половни книги. Доколку сте го изгубиле својот примерок или сакате да ја подарите на дете од новите генерации, не мора да барате многу, издавачкиот центар „ТРИ“ деновиве одново ја издаде оваа легендарна детска книга!
Со малку помодерни илустрации, оваа книга може повторно да нè врати во детството, но и да им подари на новите генерации радост и уживање, па и тие да имаат прекрасен спомен од нивното детство, исто како што беше и за нас.

Можеби не се сеќавате, но книгата е дело на Снежана Пејаковиќ-Киќовиќ. Прекрасно илустрираните страници се дело на Александар Золотиќ.
Кога прочитав за оваа вест, веднаш ми се вратија сите спомени од детството, оваа книга засекогаш ќе остане врежана во нашите спомени, како дел од убавината и незаменливоста на детството, а уште посреќна сум што една нова генерација ќе има можност подеднакво да ужива во неа, исто како и ние!
