Светот без Роалд Дал дефинитивно би бил свет со помалку магија. За жал, светот изгуби дел од таа магија кога Роал Дал го напушти светот на 23 ноември 1990 година. Во негова чест, денес на блогот прочитајте интересни факти за неговиот живот!
Пишувањето никогаш не било негова најдобра страна во училиште
Дал со текот на годините зачувал еден училиштен извештај кој го напишал како дете, на кој учителката напишала: „Јас не сум запознала никој кој толку упорно ги пишува зборовите со целосната спротивност на она за кое е наменет зборот.“

Измислувањето нелогични зборови било дел од она што тој го правел најдобро
Кога ја пишувал книгата „ГДЏ“ Дал создал 238 нови зборови за протагонистот на книгата.
Неговата прва професија била пилотската професија
И не бил само обичен пилот. Дал бил борбен пилот во Кралските воздухопловни сили за време на Втора Светска војна. И всушност, она што го поттикнало да почне да пишува било една авионска несреќа во близина на Александрија, Египет.
Тој се плеткал и во шпионски работи
Покрај колегите Ијан Флеминг и Дејвуд Огилви, Дал собирал разузнавачки информации и ги предавал на еден оддел во британската MI6 познат како Британска безбедносна координација.

Првото објавување на Дал било чиста случајност
Додека заздравувал од авионската несреќа, тој бил препратен во Вашингтон, каде работел како асистент на воздушниот аташе. Авторот К. С Форестер, кој пишувал статија за „Сатрдеј Ивнинг Пост“, барал да интервуира некој кој се борел на фронтот и така му пристапил на Дал.
Дал му понудил да напише неколку забелешки за неговите искуства, но кога Форестер ги добил бешеките од Дал, не сакал да промени ниту збор, бидејќи бил воодушевен од напишаното. Тој ги пратил Даловите забелешки, кои оригинално биле наречени „Лесна работа“ (A Piece of Cake) и на 1 август 1942 година тој официјално станал објавен автор. Тој добил 1000 долари за приказната, која била преименувана во „Соборен над Либија“ заради драматичен ефект.
Првата книга за деца која ја напишал била инспирирана од Кралските воздухопловни сили
„Гремлините“, книга објавена во 1942 година, е приказна за група на палави суштества кoи чепкаат во авионите на Кралските воздухопловни сили. Иако филмските права биле купени од Волт Дизни, екранизацијата никогаш не била направена. Дал ќе стане еден од најпродаваните светски писатели на белетристика, со повеќе од 100 милиони продадени примероци и неговите книги биле преведени на речиси 50 јазици.

Тој го читал списанието „Плејбој“ заради статиите
Барем за неговите статии. Иако е најпознат како автор за деца, Дал бил подеднакво продуктивен и во делот на кратки раскази за возрасни. Неговите раскази биле објавувани во неколку различни списанија како „Колерс“, „Лејдис Хоум Журнал“, „Њујоркер“ и „Плејбој“, каде неговите избрани теми најчесто вклучувале размена на сопруги, промискуитет, самоубиство и неверство. Неколку од овие раскази биле објавени како дел од антологијата „Смени ја кучката“.
Квентин Тарантино има прилагодено кратка приказна на Дал за големото платно
Една од неговите најпознатите кратки приказни за возрасни е „Човекот од југот“ (или „Пушачот“) и истата досега била трипати екранизирана, двапати како дел од „Алфред Хичкок ви преставува“ (еднаш во 1960 година со Стив Меквин и Питер Лор и потоа во 1985 година) и третпат како финалниот сегмент во филмската антологија „Четири соби“ од 1995 година, режиран од Тарантино.
Обидите на Дал да стане сценарист не биле баш успешни
Човек би помислил дека со неговото интересно минато и талент за зборови, преминот од романсиер во сценарист би бил лесен, но тогаш тој човек би згрешил. Дал бил ангажиран да адаптира два романи на Ијан Флеминг, едниот од нив бил романот „Еднаш се живее“ (дел од серијалот за Џејмс Бонд), а другиот бил романот за деца „Чити Чити Банг Банг“.

Двете сценарија биле одново напишани од збор до збор. Дал бил ангажиран да ја адаптира „Чарли и чоколадната фабрика“ за големиот екран, но на крај бил заменет со Дејвид Селцер, кога не успеал да се држи до роковите. Дал не се колебал да го критикува крајниот продукт, искажувајќи го своето незадоволство дека филмот (и неговиот променет наслов) го промениле фокусот од Чарли на Вили Вонка.
Роалд Дал дал важен придонес кон неврохирургијата
Во 1960 година, количката на неговиот четиримесечен син Тео била удрена од таксист во Њујорк, што водело кон тоа детето да страда од хидроцефалус, состојба која ја зголемува течноста во мозокот. Дал бил многу ангажиран и посветен околку закрепнувањето на неговиот син и го контактирал мајсторот за играчки Стенли Вејд и го замолил за помош. Заедно со неврохирургот на Тео, Кенет Тил, ова трио развило направа која помогнала да се олесни и ублажи состојбата. Оваа направа станала позната како вентилот „Вејд – Дал – Тил“.
Дури и по смртта, неговата смисла за хумор била очигледна
Дал починал од крвно заболување на 23 ноември 1990 години. Тој имал 74 години кога починал. По негово барање, тој бил закопан со неговите омилени работи: стаповите за снукер, шише „Бургунди“, чоколадо, моливи и електрична пила.
