Black Friday во последните години стана вистински тренд и во Македонија. Во САД, Black Friday се случува секој последен петок во ноември, веднаш по Денот на благодарноста и тогаш има вртоглаво високи попусти во сите продавници, трговски центри и слично.

Нашите продавници и фирми се трудат да го следат овој пример, а книжарниците и издавачиите куќи се трудат секоја година да организираат попусти и акции во овој период. Годинавава, поради ситуацијата со КОВИД-19, со цел да се избегнат гужви и туркања, повеќето од акциите траат во текот на цела оваа недела. Подолу издвоив неколку од издавачките куќи и и книжарници кои имаат попусти, па можеби ќе ви се допадне нешто и ќе си ја подновите домашната библиотека.
Неделава на врвни автори во ТРИ
Во текот на неделата во ТРИ ќе има скалест попуст на омилените автори и нивните книги. Понудата е следнава: за првата книга добивате 10 % попуст, за втората книга 20 %, за третата 30 % попуст. Условот за искористувањето на попустот се однесува само на повеќе книги од ист автор. Ова ќе биде можност да купите книги од Јувал Ноа Харари, Ју Несбе, Елена Феранте, Фредерик Бегбеде, Нил Доналд Волш, Винка Саздова, Петре М. Андреевски, Венко Андоновски и други. Целата понуда од каталогот можете да ја погледнете тука.
Есенска книжевна авантура во ИЛИ – ИЛИ
„Или-Или“ неделава имаат акција со која 15 наслови ќе бидат намалени и ќе можете да ги набавите по цена од 150 денари. Повеќе информации можете да најдете на линкот во насловот кој води до официјалниот настан на Фејсбук, но меѓу книгите кои се на попуст се: „Жената на скалите“ од Бернхард Шлинк, „Првобитните нешта“ од Бруно Виејра Амарал, „Филмски клуб“ од Дејвид Гилмор (која веќе ја имам препорачано на блогот и е навистина одлична и топла книга). „Чиста анархија“ од Вуди Ален и други.
Недела на домашни автори во книжевен центар АНТОЛОГ
Книжевниот центар „Антолог“ неделава ја посветува на македонските, домашни автори, па затоа сите дела од македонски автори во нивно издание ќе бидат намалени за 20%. На линкот погоре можете да видите и за кои наслови станува збор, а меѓу насловите се и „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски, „ТАМУ“ од Милчо Манчевски, „Виенски гамбит“ од Анде Јанков, „Pismo.docx“ од Ана Јовановска и Бранислав Лукиќ Лука и многу други, а воедно најавуваат и нова книга на писателката Катерина Шошко, „Случајот Чернобог“.
Black Friday попусти во Литература.мк
Оваа недела во сите книжарници на „Литература.мк“, голем број бестселери, книги и сликовници за деца ќе бидат намалени и до 70%. Тука можете да го погледнете каталогот со намалени изданија, а меѓу изданијата кои се намалени се автобиографиите на Мишел Обама и на Новак Ѓоковиќ, „Кери“ и „Тркачот“ од Стивен Кинг, „Танц околу сонцето“ од Ведрана Рудан, „Скоро Парижанка“ од Јана Мишо, „Ѕвездено дете“ од Ване Костуранов и други.
From Monday to Black Friday во Икона
Оваа недела ќе има одлична понуда и во книжарниците на „Икона“. Имено, нивната акција овозможува на читателите самите да го креираат својот пакет книги. Па така, имате можност да набавите 5 книги за 500 денари, 10 детски книги за 500 денари, 3 детски книги за 500 денари, 3 книги за 1000 денари и 4 книги за 1000 денари. Со секој пакет следува и подарок! За повеќе информации следете ја нивната страница на Фејсбук или пишете им порака.
Издавачката куќа „Арс студио“ месецов слави роденден, па меѓу другото, во 30 ноември имаат попуст и до 80% на некои од нивните изданија. Погледнете го нивниот каталог и целата нивна понуда на овој линк.
Ова се дел од книжарниците и издавачките куќи кои имаат попусти. Доколку во меѓувреме дознаам за некоја акција плус, ќе ја надополнам оваа листа!
