Македонска поезија: „Печал“ од Кочо Рацин!

На денешен ден, во 1939 година, во Самобор, во близина на Загреб, објавена е стихозбирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин. „Бели мугри“ е една од најзначајните стихозбирки и дела во современата македонска книжевност, која длабоко навлегува во прашањата за тешкиот живот на македонскиот работник, како и желбата за подобар и поправеден свет.

„Бели мугри“ е третата стихозбирка објавена на македонски јазик, по „Народни бигори“ и „Огинот“ на Венко Марковски во 1938 година.

Во чест на издавањето на оваа стихозбирка, денес на блогот читаме стихови токму од „Бели мугри“.

Печал – Кочо Рацин

Нема ли живот, нема ли
љубов за живот голема
љубов за живот човечна
у виа гради аргатски?

Нема ли срце, нема ли
срце — на срца срцето,
срце — ширини широко
срце — длбини длбоко —
цел свет да збере, па да е
за виа гради малечко?

Нема ли бел ден, нема ли
ден да е над деновите,
ден да е на аргатите —
ден слнце вишен високо
ден — море ширен широко,
слнце да запре, да стои
и времето зачудено:

срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвара
и шири ширно широко —
целиот свет да загрне!

Leave a comment