Македонската книжевна сцена секогаш изобилувала со квалитетни писатели и писателки, а она што можеме да го забележиме е дека во последните години книжевната сцена станува сè побогата и поразновидна, односно секој може да си најде книга од домашен автор која одговара на она што сака да го чита.
Катерина Шошко се појави на книжевната сцена со нејзиниот одличен трилер „Крвава месечина“ (за кој и пишував на блогот). Сега таа се враќа со својот нов роман „Случајот Чернобог“ кој ветува дека ќе биде подеднакво интересен како и претходниот.
„Случајот Чернобог“ навлегува во мистеријата за Елеонора Чернобог, која е преместувана во неколку психијатриски установи и никој не можел да утврди дијагноза, што води кон тоа двајца млади психијатри да се нафатат да пишуваат теза за случајот и налетуваат на интересни откритија, а во сето тоа е вклучена и телекинеза. Минатото и сегашноста се испреплетуваат, во моментот кога триесет години по чудните случки, една млада режисерка решава да сними документарец за случајот.
Ова е главното сиже на книгата, кое звучи ветувачки, особено за оние кои сакаат добри мистерии. По повод издавањето на книгата, Катерина Шошко, денес, во 16 часот, ќе го гостува во книжарницата „Антолог“ во Центар (кај средното училиште „Јосип Броз Тито“).
Ова е добра можност да ја набавите книгата и да добиете посвета, како и да ѝ поставите некое прашање за книгата.
Освен тоа, „Случајот Чернобог“ се продава во рамките на Неделата на македонски автори, што значи дека има 20% попуст на изданието, кое сега би ве чинело 320 денари (400 денари во обична продажба).
Како што се наведува и на Фејсбук страницата на „Антолог“, настанот ќе се организира согласно сите протоколи за заштита од КОВИД-19.
Јас лично секогаш се радувам на успесите на македонските писатели и писателки и едвај чекам да ја прочитам книгата. Да ги поддржуваме македонските писател(к)и, читај македонско!

