Ви се верува ли дека дојде декември? Мене не! Не ми се верува дека оваа екстремно чудна година е пред својот крај. Иако по ниту едни стандарди ова не беше добра година, сепак јас се трудам да ја најдам позитивната страна, а тоа е што се изначитав книги дури и многу повеќе од вообичаено. Декември е последниот месец од годината, па затоа искористете го за да читате повеќе. Денес на блогот можете да најдете предлози за читање, листа составена од најдобрите книги кои ги прочитав во ноември. Како што можете да забележите, повторно доминираат македонските автори. Да читаме македонска книжевност!
„Последните селани“ – Петре М. Андреевски

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: 2020 година е годината кога решив да ги прочитам сите романи на Петре М. Андреевски, почнувајќи од оние кои ги немав читано досега, завршувајќи со оние кои ги имам прочитано. „Последните селани“ е последниот роман од оние кои ги немав прочитано и сега ми е жал што не сум го прочитала претходно.
Одлична книга, длабоко меланхолична во својата основа, иако има и хумористични моменти, а тоа е една од најдобрите карактеристики на Петре М. Андреевски, го прикажува животот во целиот негов сјај. И во темнината се наоѓа светлина и во светлината се наоѓа темнина. Животот е тежок, особено во Македонија, и Петре знае одлично да ги долови сите аспекти, истовремено давајќи, некогаш директно, некогаш меѓу редови, општествени критики и коментари.
Книгата го следи животот на последните преостанати селани во едно село во Македонија. Секој од нив со својот товар и бреме, секој од нив се бори со осаменоста, болката, голем дел со многу тажни судбини. Како и сè друго, Петре одлично ја доловува заплетканоста на човечките односи. Има некои делови, особено копнежот на родителите по своите деца, кои направија да читам со солзи во очи и грутка во срцето. Одлична книга! Иако Петре М. Андреевски има други попознати дела, овој бисер не смеете да го прескокнете! Во следниот период, очекувајте и избрани мисли од оваа прекрасна книга кои заслужуваат да бидат споделени.
„Пиреј“ – Петре М. Андреевски

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Што да се каже за оваа книга, а не е веќе кажано? Откако ги прочитав делата од Петре кои ги немав прочитано, решив да ги препрочитав оние кои ги имам прочитано, да се потсетам и да ги прочитам со очи на возрасен човек, со оглед на тоа дека ги прочитав пред повеќе од 10 години.
„Пиреј“ е можеби и најголемиот македонски роман некогаш напишан. Толку прекрасно развивање на приказна, покрај тоа, пишувањето од две различни гледни точки (Јон и Велика) за да се долови целосната слика е направено на маестрален начин.
Ова е роман кој е важен од две важни причини. Првата причина е универзалноста на самите пораки, болката на мајката што ги губи децата и нејзината неверојатна сила да направи сè што е во нејзина моќ за да ги заштити. Од другата страна е неверојатниот ужас на војната и што мажите искусувале на бојното боле. Јон кога се враќа од војната и дознава за судбината на децата станува нов човек и си го уништува животот (а заедно со тоа и животот на Велика). Од денешна перспектива, очигледно е дека страда од „Посттрауматско стресно растројство“, многу честа појава кај они кои се враќаат од војна, но во тоа време никој не им давал поддршка на мажите кои проаѓале низ тоа, па често ја имале судбината на Јон, а нивни жртви биле и нивните сопруги, како што е тоа Велика.
Втората причина зошто овој роман е важен е затоа што на неверојатно потресен начин ја доловува тажната македонска историја и тешката судбина на македонскиот народ. Кога братот војувал со брат, кога војските доаѓале и правеле зулуми, кога насилно им ги менувале презимињата, кога сонувале за слобода, а добивале само нов „администратор“ на територијата. Кој не ја знае легендарната мисла од романот: „Племето наше е пиреј, вели Лазор Ночески, и не го ништи ниедна војска и ниедна болест. Пиреј е троскотна трева, вели, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, вели, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, вели, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева, вели.“ Оваа мисла е длабоко врежана во душата и есенцијата на македонската книжевност, но и македонска историјата.
Освен тоа, стилот на пишување на Петре М. Андреевски е толку убав, толку природен, што сите дијалози се толку човечни, искрени, понекогаш со доза на хумор, понекогаш со доза на тага, но секогаш длабоки, со неверојатни филозофски размислување зад навидум едноставните реченици. Мора да ја прочитате оваа книга, не затоа што ви е или затоа што ви била лектира, туку затоа што е пример за прекрасно пишување. Тука можете да најдете и прекрасни мисли од книгата.
„Избрани драми“ – Горан Стефановски

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Не е случајно тоа што Горан Стефановски го нарекуваат „македонскиот Шекспир“. Многу е жално тоа што пред две години изгубивме еден од најголемите таленти кои некогаш сме ги имале. Јас верувам дека најдобар начин да се искаже почит кон некој писател е да се препрочитуваат неговите дела, одново и одново.
Со оглед на тоа дека 27 ноември е годишнината од смртта на Горан, решив токму овој месец да ги прочитам „Избраните драми“ во издание на Полица и искрено се надевам дека наскоро ќе излезе и „продолжение“, односно нова тура на одново издадени драми до Горан.
Во оваа книга се наоѓаат шест драми: „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Баханалии“ и „Демонот од Дебар Маало“. Кога го читате Горан, имате чувство дека колку е универзален, толку е и наш. Колку добро ја доловува таа состојба на човековата душа, преполна со различни прашања. Начинот на кој се поставени дијалозите и на кој ликовите си се контрираат е феноменален во секоја од неговите драми. Прашања за слободата, за срцето, за умот, за духот, но тука се и размислувањата на различни општествени и државни прашања, дебата меѓу старото и новото, за иднината. За однесувањето на луѓето.
Секако дека „Диво месо“ секогаш ќе остане омилениот текст на Горан, уживав додека го читав, толку моќен, толку прецизен во своите пораки и дијалози. Понатаму, од драмите во книгата, мои лични фаворити, покрај споменатата „Диво место“, се и „Дупло дно“ и „Демонот од Дебар Маало“, иако сите се прекрасни и не може да им се најде забелешка, но најдлабоко ме погодија тие три. И додека го читав, сфатив колку во времето на пандемијата ми недостасува театар и колку ми недостасуваат текстовите на Горан на „штиците што живот значат“. И се надевам дека кога полека ќе се вратиме во некоја убава нормалност, наскоро нашите театри повторно ќе ги постават неговите текстови на сцена, за да можеме да уживаме во нив, на начин на кој се наменети.
„Секој со своето езеро“ – Ненад Јодлески
Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт: „Секој со своето езеро“ е книга која во 2016 година ја доби „Наградата за литература на Европската унија“ и постигна навистина одличен успех. Ненад Јодлески има неверојатно убав стил на пишување, доколку сте љубител на меланхолични редови, оваа книга многу ќе ви се допадне.
Се работи за збирка со 14 раскази, во кои Ненад нè внесува во еден друг свет, кој истовремено е овој нашиот, но истовремено е некој друг свет. Се работи за млад и мошне талентиран писател, а секоја приказна му е одлично структуирана, разработена.
Многу е лесно да се увиди зошто книгата ги освои и критичарите и публиката и баш би сакала и во иднина да продолжам да читам дела од Ненад и да продолжам да навлегувам во световите кои ги создава.
Мои омилени раскази кои од срце ги препорачувам се „Патувања“ и „Кај најде баш сливата, Господи!“. Одлични, прекрасни текстови. Како меланхоличар, „Патувања“ особено ме допре, а „Кај најде баш сливата, Господе!“ е неверојатно добро напишан и развиен расказ.
Овие мисли најмногу ми оставија впечаток:
~ „Никогаш не дознав каде луташе додека ја немаше, а наместо тоа, во мислите ја гледав како доаѓа по тесните улички осветлени од месечината, со нови мириси и нови приказни. И навистина, секогаш така се враќаше.”
~ „Мириса на вода, на белина, на среќа, иако тој не знае како најточно мириса среќата и дали таа воопшто може да биде намирисана. Но сепак, нему му мириса.”
„Дете 44“ – Роб Смит Томас

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3.5/5
Осврт: Доколку сте љубител на историски драми и трилери, ова е дефинитивно книгата за вас! Единствен недостаток е што малку бавно се развива, но кога ќе земе залет, нема да можете да престанете да ја читате.
Дејството е сместено во Советска Русија во текот на мрачните години на диктатурата. Започнува со две братчиња кои одат во шумата да фатат мачка, бидејќи нема ништо друго за јадење во селото, а селаните умираат од глад. Но, се случува една трагична случка и помалото братче засекогаш го губи својот брат. Децении подоцна, се запознаваме со Лео, познат истражител во КГБ, кој е сакан и почитуван од своите колеги, освен од неговиот ривал.
Тој е лојален и верен на државата и службата, сè до моментот кога ќе добие наредба да ја следи сопствената жена, обвинета дека е замешана во нелегални дејства и предавство. Тогаш тој почнува да се сомнева во многу работи и доживува тежок удар врз неговиот живот и кариера. Но, дали ќе може да се врати до сето тоа? Паралелно на тоа, низ Советска Русија многу деца мистериозно исчезнуваат или умираат. Која е причината за сето тоа.
Оваа книга е одлична за овој зимски период кој ни претстои!

