10 интересни факти за Стивен Кинг!

Стивен Кинг е еден од најуспешните современи писатели, без никаков сомнеж. Во последно време, Холивуд особено го обожава и речиси секоја година има по некоја екранизација на некое од неговите дела. Во продолжение прочитајте десет интересни факти за овој писател.

Стивен Кинг и неговата сопруга Табита се сопственици на радио-станица

Стивен и Табита Кинг ја поседуваат „Зоун Радио“, компанија која раководи со три радио станици во Мејн. Едната од нив, WKIT, e радио станица за класичен рок, која е позната и како „Рок станицата на Стивен Кинг“.

Тој е тврдокорен обожавател на тимот „Ред сокс“

Не само што има напишано приказна за тимот „Бостон Ред сокс“ која се вика „Девојката што го сакаше Том Гордон“ (поранешен играч во тимот), тој исто така се појавува и во филмот „Фрлачка треска“ (Fever Pitch), филм за еден луд обожавател на овој тим. Тој се игра себеси и ја фрла првата топка на натпреварот.

Во 2004 година, Кинг и Стујарт О’Нан, уште еден романописец, ги запишувале своите реакции на сезоната кога конечно ја освоиле титулата. Овој запис се вика: „Верни: Двајца тврдокорни обожаватели на Бостон Ред Сокс ја следат и запишуваат историската сезона од 2004 година“.

Едно комбе го удрило, па потоа го купил истото комбе

Во 1999 година, Стивен Кинг бил удрен од комбе, во близина на неговата викендица во Мејн. Оваа несреќа била сериозна, оставајќи го Кинг со нефункционално белодробно крило, неколку скршеници на колкот и ногата и потрес на мозокот. Потоа, Кинг и неговиот адвокат го купиле комбето за 1500 долари, а Кинг потоа објавил: „Да, го купивме комбето и јас ќе земам чекан и ќе го искршам на парчиња!“

Кога бил дете, неговиот пријател загинал како последица од удар од воз

Кинг можеби создава неверојатни хорор приказни, но и самиот искусил хорор ситуации во неговиот живот. Освен гореспоменатата несреќа, кога Кинг бил дете, неговиот пријател бил удрен од воз. Иако многумина претпоставуваат дека тоа влијаело на неговото пишување, тој тврди дека не се сеќава на настанот:

„Според мајка ми, јас сум отишол да играм во куќата на соседите, која беше во близина на железничките пруги. Таа вели дека по еден час сум се вратил дома, блед како крпа и не сум можел да зборувам во текот на остатокот од денот. Не сум сакал да кажам зошто не сум чекал да ме земат или зошто не сум се јавил дека сакам да си дојдам дома. Не сум сакал да кажам зошто мајката на другарот не ме испратила дома, туку ми дозволила сам да се вратам.

На крајот дознале дека детето со кое сум играл било прегазено од товарен воз додека играло на железничките пруги (подоцна мајка ми ми кажа дека ги собирале парчињата во кофа). Мајка ми не знаеше дали сум бил во негова близина кога се случило тоа или се случило пред да дојдам таму, или можеби сум избегал кога се случила несреќата. Можеби самата таа си имала свои идеи околу тоа. Но, како што реков, јас немам никаков спомен дека се случила несреќата, освен тоа што ми беше кажано после неколку години.“

Тој напишал мјузикл со Џон Меленкамп

Кинг, Џон Меленкамп и Т Боун Бурнет соработувале во создавањето на мјузиклот „Браќата духови од округот Даркланд“, кој излегол во 2012 година. Приказната е заснована на една куќа која Меленкамп ја купил во Индијана која дошла заедно со приказна за духови. Легендата вели дека три деца (два браќа и сестра) се зафркавале во шумата и еден од нив случајно бил застрелан. Братот и сестрата се качиле во автомобил за да побараат помош и во паниката изгубиле контрола врз автомобилот и удриле во дрво и умреле. Секако, легендата вели дека нивните духови ја запоседнале токму таа куќа.

Тој свирел во бенд заедно со други познати писатели

Кинг свирел на гитара во бенд составен од познати писатели, кој се викал „Рок Ботом Римејндерс“. Од 1992 до 2012 година, бендот имал турнеја еднаш годишно. Освен Кинг, други познати и истакнати членови биле Ејми Тен, Дејв Бери, Мич Албом, Барбара Кингсолвер, Мет Гроенинг и Ридли Пирсон.

Тој е староседелец во Мејн

Тој често пишува за Мејн, затоа што многу добро ја познава околината. Тој е роден таму, пораснал таму и сè уште живее таму. Тој често измислува градови, но ако добро ја познавате околината на Мејн, точно би знаеле во кој дел би можело да бидат сместени.

Тој се борел со зависност од дрога и алкохол

Во средината на 80-тите години на 20 век, тој се борел со зависност од дрога и алкохол. Во едно интервју има кажано: „Има еден роман, „Кухо“, на кој речиси и воопшто не се сеќавам дека сум го напишал. Не го кажувам ова ниту со гордост, ниту со срам, само со едно неодредено чувство на тага и загуба. Ја сакам таа книга. Би сакал да можев да се сеќавам на добрите делови кога сум ја пишувал.“ На крајот, членовите на неговото семејство интервенирале и се соочиле со него. Тоа му ги отворило очите, побарал помош и од тој момент е трезен.

Има шпекулации дека напишал роман за „Изгубени“

Кинг бил голем обожавател на „Изгубени“ (Lost) и понекогаш пишувал за серијата во неговата колумна во „Ентертејнмент Викли“. Сценаристите на серијата исто така биле големи обожаватели на Кинг и кажале дека тој извршил големо влијание на нивното пишување. Имаше и шпекулација дека тој бил човекот зад мистеријата „Лошиот близнак“, но тој го има побиено ова озборување.

Тој е опколен со писатели

Стивен не е единствениот писател во семејството Кинг: неговата сопруга Табита Кинг има објавено неколку романи. Џо, нивниот најстар син, исто така е писател и има објавено неколку бестселери од жанрот на хорор приказни (тој пишува под псевдонимот Џо Хил). Најмладиот син Овен има напишано збирка на кратки раскази и еден роман кој го напишал заедно со неговиот татко „Заспани убавици“. Наоми, единствената ќерка на Кинг е проповедничка и активстка за ЛГБТИ права.

Извор.

Leave a comment