На денешен ден во 1918 година се родил Алексансандар Солженицин еден од најпознатите руски автори на 20 век. Со неговите дела тој на виделина ги извадил најмрачните страни на советскиот режим, поради што бил следен, дискредитиран, омаловажуван во јавноста и на крај дури и протеран од татковината. За неговата храброст и за неговите дела, тој заслужено ја добил Нобеловата награда за книжевност во 1970 година.
Но, сè во врска со неговата награда било комплицирано и контроверзно, дотаму што не можел да излезе од земјата и да отиде во Шведска од страв дека нема да му дозволат да се врати назад. Но, нашол други начини за да ја изнесе својата порака до светот и тоа преку шведскиот новинар Стиг Фредриксон. Денес на блогот можете да го прочитате неговото неверојатно сведоштво и искуство со Солженицин, кое како да е директно излезено од некој филм. Но, како што велат, животот ја имитира уметноста, зарем не? Текстот е преведен од веб-страницата на Нобеловите награди, а најдолу можете да го најдете линкот кој ќе ве одведе до текстот на англиски јазик.
Напомена: Текстот е напишан во прво лице еднина, онака како што Фредриксон го напишал.

Контроверзна Нобелова награда
Кога беше објавено дека Александар Солженицин е добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1970 година, тој веќе беше „отпадник“ во неговата татковина, ССССР. По романот „Еден ден во животот на Иван Денисович“ и неколку кратки раскази, не му било дозволено да објавува ништо. Тој бил избркан од Синдикатот на писатели и малтретирањето кое го доживувал од Комунистичката партија и КГБ, како и Комитетот за државна безбедност, го направиле уште поизолиран и го изложиле на осудување од официјалните медиуми.
Нобеловата награда им дала дополнителна муниција на неговите непријатели. Било објавувано дека Солженицин ја добил наградата заради неговите „анти-советски писанија“. Тој одлучил да не оди во Стокхолм во декември 1970 година за да ја прими наградата. Се плашел дека ќе остане без неговото државјанство и дека ќе му биде забрането да се врати назад доколку реши да отиде во Стокхолм. Тој не можел да си замисли да биде отсечен од Русија, каде во тајност пишувал неколку нови дела. Истовремено, во Москва, неговата нова сопруга Наталија била бремена со нивното прво дете.
Едно време се размислувало да му се предаде Нобеловата награда во Амбасадата на Шведска во Москва. Но, условите кои шведскиот амбасадар Гунар Јаринг и шведската влада предводена од Улоф Палме му ги изложиле на Солженицин биле неприфатливи за него. Швеѓаните предложиле приватна размена. Тие исклучиле јавна церемонија отворена за пријателите и други гости кои Солженицин сакал да ги покани, како и јавното предавање (говор) на Солженицин. Лауреатот одговорил дека условите биле „навреда за самата Нобелова награда“ и се прашувал дали наградата е „нешто од кое човек треба да се срами, нешто што треба да биде скриено од луѓето.“
Ова искуство кај Солженицин оставило длабоко чувство на понижување, делумно поради надмениот начин на кој во два наврати бил примен во амбасадата кога отишол да се советува со нив, но и поради кукавичкиот начин на справување со една ваква церемонија за доделување награда.
Странски дописник во Москва
Јас дојдов во Москва некаде во почетокот на 1972 година, за да работам како дописник за „ТТ“, шведска информативна агенција, но и за информативните агенции во Финска, Данска и Норвешка. Заедно со мојата соруга Ингрид се преселивме во еден апартман во Комплексот за странци во „Куцузновски проспект“ и едната соба ја користев како канцеларија. Јас веќе имав научено руски јазик во училиштето за јазици во Армијата на Шведска.
Наскоро по моето пристигнување, добив вести од Стокхолм, дека Шведската академија планира да организира церемонија во Москва. Постојаниот секретар, Карл Рагнар Гиеров, требаше да му ја даде наградата на Солженицин во станот на неговата нова соруга. Оваа информација дојде од мојот уредник во „ТТ“, Ханс Бјоркегрен, кој истовремено беше шведскиот преведувач на Солженицин. Оттаму се чинеше природно дека Академијата ќе му се обрати на Бјоркерген за прашања околу логистичките припреми за семејството на Солженицин за церемонијата.
Бјоркерген потоа го препрати тоа до мене, заедно со тогашната тајна адреса на Солженицин. Отидов до станот на Наталија, кој се наоѓаше на улицата „Горки“, бидејќи Солженицин не добил дозвола да се регистрира како жител на Москва и се запознав со неа и нејзиниот сопруг Александар Исаевич. И потоа со невини зборови ја пренесов пораката во Стокхолм.

Церемонијата за предавање на наградата била планирана за 8 април 1972 година, на православниот Велигден. Но, Карл Рагнар Гиеров бил одбиен и не добил виза за да отиде во Москва и Солженицин мораше да ја откаже церемонијата. Во луто писмо кое тој го објави во медиумите, Солженицин ја замолил Шведската академија да „си ги чува Нобеловите обележја на неодреден период.“ Тој исто така напишал: „Ако не поживеам доволно долго, ја оставам задачата да му бидат предадени на мојот син“. Но, сепак бил одлучен да го достави неговото Нобелово предавање во Стокхолм.
Нобеловата награда среќно пристигнува во Стокхолм
За време на нашата средба во станот на Наталија, јас и Солженицин се договоривме да се обидеме да се сретнеме уште еднаш, во подземниот премин на железничка станица „Белорусија“. Во верзија на неговиот книжевен мемоар „Дабот и телето“, објавен во Москва во 1996 година, Солженицин ја опишува средбата:
„Во џебот имав филмска лента која го содржеше текстот на говорот за Нобеловата награда. Не успеавме да најдеме друг начин да го испратиме, и уште еднаш, неговата дестинација беше Шведска. Стоев на незабележително место; тој и неговата сопруга Ингрид се приближија одејќи фатени рака под рака: Јас ги следев, задржувајќи растојание помеѓу нас, и Аља дојде зад мене, откако претходно некое време набљудуваше од друго место за да се осигура дека никој не нè следи. Сè излезе добро, па ги престигнавме и четворицата одевме со лежерно темпо по Ленинградскиот проспект. Додека разговаравме, го прашав Стиг дали ќе го земе филмот и тој се согласи. Му го предадов во еден мрачен двор. Народната мудрост вели дека ако видите бремена жена значи дека вашите планови ќе се остварат. Па, ние имавме две, бидејќи двете наши жени беа бремени.“
Таа вечер, кон крајот на април 1972 година, започна мојата кариера како таен курир на Солженицин. Таа траеше речиси две години, сè додека Солженицин не беше уапсен и прогонет во февруари 1974 година. За тоа време имав дваесетина тајни состаноци со него, на кои тој ми предаде материјал наменет за Запад, додека јас му давав писма за него, претежно од неговиот адвокат Фриц Хиб во Цирих. Во неколку наврати, Ингрид дополнително се сретна и со Наталија. Со бебешките колички шетале по еден булевар и кога се наведнале да ги ѕирнат бебињата, размениле и мали пакувања.

Кога се вратив во станот по првиот состанок, погледнав што ми даде Солженицин. Тој го фотографирал текстот на неговото Нобелово предавање. Добив девет црно-бели негативи завиткани во коверт. Зедов мал радио-транзистор, го одвртев задниот дел, ги извадив батериите и во празниот простор ги ставив негативите. Ги исеков негативите на ленти, ги завиткав во пластика и ја ставив ролната во празна кутија од таблети за главоболка. Малата кутија убаво се вклопи во просторот на батеријата. Го ставив радиото во куферот и тргнав со возот кон Хелсинки на конференција со моите уредници. Сè одеше без проблеми на границата, а во Хелсинки можев да му кажам на мојот уредник Ханс Бјоркегрен: „Имам пошта за тебе од Москва“.
Одлучивме да продолжиме за Стокхолм, каде го доставивме Нобеловото предавање во Шведската академија. Предавањето беше објавено во шведскиот и меѓународниот печат во август 1972 година и отпечатено во публикацијата на Нобеловата фондација, „Les Prix Nobel 1971“. Тоа беше многу моќен текст, кој предизвика сензација кога излезе и беше цитиран насекаде низ светот. Тоа беше првпат Солженицин да го спомене името „Архипелаг Гулаг“, каде што, како што рече, „мојата судбина беше да преживеам, додека други – можеби со поголем дар и посилни од мене – загинаа“.
Мојата работа како таен курир на Солженицин
Успешното доставување на Нобеловото предавање го охрабри Солженицин да ми довери нови мисии. Јас лично пренесов уште една или две работи за него, но наскоро решив дека ќе треба да најдам некој друг начин. Стануваше премногу опасно! Ризикував кога-тогаш да ме фатат на граничниот премин, а дополнително, секоја година ја напуштав Москва само неколку пати. Па така, големината на „поштата“ од и до Солженицин брзо се зголеми.
Се потпрев кон норвешката амбасада во Москва. Тие ми дозволија да ја користам нивната дипломатска торба за испораките на Солженицин, бидејќи сметаа дека јас, Швеѓанец, сум норвешки дописник, што ја претставува норвешката новинска агенција. Никогаш не се помачив да ја прашам шведската амбасада, тие не им дозволуваа на шведските дописници да испраќаат ниту лично писмо преку нив. Норвежаните, се разбира, беа целосно информирани за содржината на писмата и пликовите што им ги доставував, како и моите уредници во новинските агенции, кои беа информирани за моите тајни состаноци со Солженицин.

(Стиг Фредриксон и Александар Солженицин)
Солженицин го нарече овој канал „ГСР“ или „Големата северна рута“. Тој со многу убави зборови ги опиша нашите тајни состаноци:
„Постепено станав свесен дека овие состаноци се неопходни за мене. Не можев да живеам без нив. Како можев да постојам девет години без директен личен контакт со некој од Западот? Тоа ми даде невиден простор за маневрирање и брзо средство за добивање/доставување материјали од/во странство; секој пат кога ќе се сретневме, секогаш имаше нешто што требаше да се испрати или нешто да ми се пренесе. Имаше мали ролни филмови, нови дела и нови варијанти на веќе постоечките.“
Зошто реков да, таа априлска вечер, кога Солженицин ме праша дали можам да го пренесам неговото Нобелово предавање надвор од државата? Зошто решив да станам негов таен курир? Многупати размислував за овие прашања – но во времето кога се случи тоа, мислам дека немаше многу размислување од моја страна.
Чувствував дека немам многу избор. Беше возбудливо што ме праша и чувствував дека ако можам да му помогнам, дека сакам да го сторам тоа. Тој беше толку изолиран, толку прогонуван. Тој водеше самостојна борба против еден огромен непријател со огромни ресурси на тоталитарната држава, која беше решена да го замолчи. Јас дојдов од земја во која нашите човечки права ги земаме здраво за готово и каде, на пример, правото на приватна кореспонденција е природна работа. Ако можев да му помогнам да ужива барем мал дел од нашите привилегии, чувствував дека е моја должност да го сторам тоа.
Но, воопшто не негирам дека она што ме натера и ме мотивираше беше и силното авантуристичко чувство. Од сите дисиденти, тој беше најпочитуван и најпосакуван за интервјуа од странските дописници во Москва и во текот на речиси две години, јас го имав овој ексклузивен пристап до него. Тој исто така беше човек со силен шарм и харизма. Очигледно е дека во текот на целата негова кариера тој можел да најде пријатели да му помогнат. Тој не беше човек кому можете лесно да му кажете: „Не“. Од друга страна, не се согласив да станам таен курир на Солженицин за подоцна да имам добра приказна за раскажување.

Важно е да се нагласи дека додека траеше ова, како и подоцна, мислев дека никогаш нема да можам да ја раскажам мојата приказна. Оние четири и пол години кои ги поминавме живеејќи во Москва, воопшто не ме подготвија за она што се случи во 1991 година. Бевме сведоци на силна монолитна држава каде што Комунистичката партија, КГБ и војската се чинеше дека можат да го контролираат советското општество. Очекував дека Советскиот Сојуз ќе постои за време на мојот живот и затоа ќе биде невозможно да се откријат моите тајни размени и зделки со Солженицин. Сите вклучени страни требаше да бидат заштитени. Откако се преселивме во Стокхолм, помислив дека можеби треба да запишам низ што поминавме со Ингрид, да го документирам и да го ставам во затворен плик за во иднина.
Со тоа што станав курир на Солженицин, јас исто така излегов од мојата улога како странски дописник во Москва. Новинарот треба да известува за настаните, а не самиот да стане актер и да создава настани. Моето решение за оваа дилема беше да одлучам дека моите новински агенции никогаш не треба да пропуштат ниту една вест каде што бил вклучен Солженицин. Но, решив, во договор со Стокхолм, дека никогаш нема да имам никакви први ексклузивни новости за него. Во пракса, ова значеше дека секогаш кога ќе се сретнев со Солженицин и тој ќе ми дадеше нова изјава во која протестираше за ова или она во советската држава, тоа го давав прво на еден некој од моите колеги, обично на новинските агенции како „АП“ или „Ројтерс“. Тие ќе дадеа „блиц“ телеграма за вести, „ТТ“ исто така ќе пуштеше кратка верзија на шведски јазик, но тие знаеја дека ќе испорачам подолга верзија на приказната после еден час или нешто подоцна.
На овој начин, моите агенции исто така ги добиваа вестите за Солженицин од нивниот сопствен дописник во Москва, но не и првата кратка верзија. Да се има „ексклузива“ за Солженицин беше премногу опасно; тоа ќе ме откриеше како директен извор на изјави од Солженицин и ќе ја загрозеше иднината на „ГСР“. Да немам први вести од Солженицин беше цената што решив да ја платам за да можам да продолжам да бидам „курирот на Александар“.
Како ги прелажавме агентите на КГБ
Зошто никогаш не нè фатија? Немам убедлив одговор. Ние стоевме наспроти најстрашниот противник. Отсекогаш мислев дека ако има еден единствен советски граѓанин, над кој КГБ би имал апсолутна контрола, тоа би бил Александар Солженицин. За време на тие години, тој најверојатно беше сметан за „непријател број еден на Советскиот Сојуз“. Знаев дека Солженицин презема детални мерки на претпазливост кога навечер имаше состанок со мене. Тој се качуваше на патнички воз од селото надвор од Москва, каде што престојуваше во гаражата на дачата на Мстислав Ростропович. Тој ќе се симнеше од возот, ќе качеше на друг и подоцна ќе се префрлеше во метро каде што можеше да се вози со часови, менувајќи ги метроата и платформите сè додека не се увери дека никој не го следи.

Јас заминував од нашиот стан во комплексот за странци или со мојот автомобил или пеш и шетав околу еден или два часа пред да го сретнам. И претпоставувам дека помогна тоа што никогаш не се поврзав јавно со Солженицин во моето известување. Но, сепак, со оглед на огромните ресурси што КГБ ги имаше на располагање, како би можеле да останеме незабележани? Многу подоцна, во 1993 година, кога Александар Исаевич се согласи на првото долго интервју за Шведската телевизија, го прашав: „Зошто се извлековме?“ Неговиот одговор беше дека „дури и во најсовршената организација има мутави луѓе. Тие нè промашија. Освен тоа, бевме итри“.
По распадот на Советскиот Сојуз, откако беа отворени архивите, се обидов да дознаам дали и колку КГБ знаеше за нас. Го прашав Вадим Бакатин, кој застана на чело на КГБ по пучот врз Горбачов во август 1991 година. Бакатин ми рече дека Горбачов го замолил, веројатно некаде околу есента 1991 година, да открие што содржат архивите на КГБ во врска со прогонот против Солженицин. По внатрешно пребарување, Бакатин се вратил со тажната вест дека ништо не е пронајдено. Бакатин открил одлука од јули 1990 година со која се наложува да се уништат сите материјали за Солженицин. Уништени биле околу 105 тома за Солженицин во архивата на КГБ, доволно за да се наполни мал камион, така ми рече Бакатин. Неговото објаснување беше дека раководството на КГБ во летото 1990 година со голема брзина ја видело демократизацијата и реформите насочени кон нив и решиле да ги избришат сите траги од малтретирањето на најпознатиот критичар на Советскиот Сојуз. Никој не одговараше за тоа.
Приказната за моите тајни состаноци со Солженицин има состојки за шпионски трилер. Моравме да се однесуваме како тајни агенти. Но, за разлика од романите, сè беше вистина. Никогаш не беше запишано ништо, сите договори за времето и местото за состаноците беа во нашите глави. Имавме алтернативни датуми и резервиравме датуми за алтернативите, ако нешто го спречеше едниот да се појави. Размислував и за можноста дека можеби ќе му треба итен состанок со мене; нормално, обично имаше растојание од неколку недели помеѓу нашите состаноци. Му предложив да ми се јави на телефон во канцеларијата рано наутро пред мојот советски секретар да пристигне во девет часот. Но, зарем телефонот не е прислушуван? Да, но му реков на Солженицин да се преправа дека ѕвони на погрешно место. Јави се на мојот број и прашај: „Здраво, дали е ова хемиско чистење?“ или „Дали е ова услугата за достава до дома на Гастроном?“

Луѓето во Москва цело време се јавуваа на погрешно место, тоа се случуваше скоро секој ден, а кога ќе се случеше, велевте само: „Имате погрешен број“ и ја спуштавте слушалката. Поентата беше, ако Солженицин упатеше погрешен повик до мене, КГБ можеби немаше да реагира. Но, јас веднаш би го препознал неговиот глас, дури и тој само да побараше компанија за хемиско чистење и тоа би бил сигналот. Тоа значеше дека нешто се случило и мораме да се сретнеме веднаш.
Објавување на „Арихепелагот Гулаг“
Повикот пристигна едно утро на почетокот на септември, 1973 година. Дотогаш се префрливме од белоруската станица до киевската железничката станица и улиците околу неа, а исто така двапати се сретнавме наутро, среде бел ден. Ова ми даде шанса првпат да направам неколку слики од Солженицин. Но, по алармниот повик, се сретнавме таа вечер.
Тогаш Солженицин ми рече дека КГБ добила копија од ракописот на „Архипелагот Гулаг“. Тој го имаше напишано во тајност и се погрижи за тоа копии од ракописот веќе да бидат испратени на Запад. Луѓето беа зафатени со преведување на англиски, француски и германски јазик, но Солженицин планираше да почека со објавувањето. Тој имаше скриени копии од ракописот кај доверливи пријатели во Советскиот Сојуз. Една жена во Ленинград, имаше еден примерок. Таа го закопала во земја, но некако КГБ дознале за тоа. Тие ја испрашувале со денови и ноќи сè додека не признала каде го скрила. Потоа била ослободена, но отишла дома и се обесила. Таа почувствувала дека ја изневерила довербата на Солженицин.
Сега Солженицин се плашеше дека КГБ ќе го искористи ракописот за да го дискредитира. Тој реши да ги претрка. Тој ми даде едно писмо со наредба да се забрзаат преводите и да се издаде првиот том на „Архипелагот Гулаг“ што е можно поскоро во неколку земји на Запад, како и да се издаде во Париз на руски јазик. Тој ми даде и соопштение за јавноста, мала изјава напишана на машина, каде што го откри постоењето на дотогаш непознатата книга, „документарна студија во неколку тома за советските затворски логори во периодот од 1918 до 1956 година, заснована на докази од повеќе од 200 луѓе кои во различни периоди минувале време во логорите“.

„Архипелагот Гулаг“ започна да излегува кон крајот на 1973 година, исто така во Шведска. Ханс Бјоркегрен беше еден од преведувачите што имаа ран пристап до ракописот. Стана сензација насекаде низ светот, а Солженицин засекогаш го смени начинот на кој интелектуалците во Западна Европа гледаа кон Советскиот Сојуз. Она што беше најштетно беше тоа што тој докажа дека работните логори се резултат на одлука на Ленин, основачот на Советскиот Сојуз, а не девијација извршена од Сталин.
По неколку недели поминати со негативни меѓународни известувања во печатот за Советскиот сојуз, властите одлучија да преземат дејства. Мојот последен таен состанок со Солженицин беше на 14 јануари 1974 година. Токму тој ден, „Правда“, партискиот весник, испечати бесен напад врз Солженицин и го нарече „предавник“. Солженицин ме воодушеви со својата смиреност и рамнотежа, иако се наоѓаше среде ураган. „Тој беше толку весел, не ја читал „Правда“ денес“, напишав подоцна. „Како може да биде толку среќен, како може да се шегува и да се смее, да покаже толку добро расположение, беше убеден дека сè уште не донеле одлука на врвот“ во однос на тоа што да прават со него.
Но, на 12 февруари 1974 година, Александар Солженицин беше уапсен во станот на Наталија на улицата „Горки“. Следниот ден му беше одземено советското државјанство, го ставија во авион за Западна Германија и го испратија во прогонство кое требаше да трае до летото 1994 година. Тој се пресели назад во Русија дури по 18 години поминати во Вермонт, САД. Оттогаш живее со своето семејство во куќа во мало село Троицке-Ликово, на половина час возење западно од Москва. (Текстот е објавен пред да почине во 2008 година, м.з) На 10 декември 1974 година, тој конечно ги доби своите нобелови обележја на традиционалното доделување на наградите во Стокхолм.

Александар Исаевич и јас го планиравме нашиот следен состанок за 14 февруари, два дена по апсењето. Сега кога ќе ги погледнам моите белешки, гледам дека на состанокот сум планирал да му дадам, меѓу другото, бебешка храна. За време на апсењето на Солженицин, тој и Наталија имаа три мали синови. Семејството по шест недели можеше да ја напушти Москва и повторно да биде со Александар Исаевич во Цирих. Солженицин и јас го одржувавме нашето лично пријателство, иако наскоро откривме, откако тој беше испратен во прогонство, дека имаме сериозни политички разлики во мислењата, особено за Западот. Во септември 2004 година, откако ја објавив мојата книга „Курирот на Александар“, можев да му предадам примерок кога го посетив во Москва. Тој беше видливо физички остарен и кога му покажав една книга напишана од него, што ја купив во московска книжарница, тој во неа напиша:
„Почитуван Стиг, на оваа, можеби наша последна, средба – во вечна благодарна меморија“.
Александар Солженицин
