На 7 август 1945 година, легендарниот британски писател Џорџ Орвел, авторот на „1984“, ја објавил „Животинска фарма“, сатирична алегорија на Советска Русија која вклучува животни кои креваат побуна против фармерот г-дин Џонс и завршува со диктатура предводена од свињите. Орвел ја нарекол „Животинска фарма“, „првата книга во која се обидов, со целосна свесност за тоа што правам, да ги слеам политичката и уметничката цел во една целина“.
Оваа книга денес се наоѓа во училишните програми во многу држави и се наоѓа на многу од листите со најдобри книги на сите времиња. Еве неколку работи кои можеби не сте ги знаеле за оваа книга, која неодамна повторно беше издадена кај нас, во издание на „ТРИ“.
„Животинска фарма“ била одбиена од најголемите имиња во издавачкиот свет
На блогот веќе зборувавме за ситуацијата кога Т.С. Елиот ја одбил „Животинска фарма“, оддалечувајќи се од исмејувањето на Сталиновата СССР, која во тој момент била сојузник на Британија. Џонатан Кејп, кој бил британскиот издавач на Ернест Хемингвеј, ја одбил откако се консултирал со Министерството за информации. Еден издавач му рекол на Орвел дека „невозможно е да се продадат животински приказни во САД“. На крајот „Животинска фарма“ станала вистински хит за „Секер & Варбаг“.

(Извор на сликата: ТРИ)
„Животинска фарма“ инспирирала писатели како К.С Луис и Маргарет Атвуд
К. С. Луис, авторот на „Хрониките на Нарнија“, напишал дека „одличната реченица „Сите животни се родени еднакви, но некои се поеднакви од другите“ допира подлабоко од цела ‘1984’“. Маргарет Атвуд првпат ја прочитала книгата кога имала девет години и во една колумна за „Торонто стар“ во 1993 година напишала: „Јас рано во животот бев истрауматизирана од смртта на оној кутар коњ во Орвеловата „Животинска фарма“, која мислев дека ќе биде… како Петар Зајакот.“
Фармата во „Животинска фарма“ е моделирана врз основа на вистинска фарма
Во некои периоди од 30-ти и 40-ти години во 20 век, Орвел и неговата прва жена Ајлин (која починала во 1945 година), живееле во колиба во селото Валингтон, каде Орвел раководел со една продавница и пишувал. Во 1999 година, историчарот Брајан Едварс ја посочил „Бури фарм“ како најверојатната инспирација за „Животинска фарма“: шталите, езерцето, ридот и овоштарникот многу личеле на оние опишани во книгата.
ЦИА ја користеле „Животинска фарма“ како алатка за пропаганда
Во периодот 1952 до 1957 година, операцијата на ЦИА наречена „Аединосаур“ пуштила балони од Западна Германија кои доставувале примероци од „Животинска фарма“ во држави како Полска и Чехословачка. ЦИА го финансирала и анимираниот филм „Животинска фарма“ од 1954 година. Е. Хауард Хант, кој потоа ќе стане еден од главните заговорници на аферата „Вотергејт“ средил да ги купат правата од Соња, вдовицата на Орвел.
Книгата била забранета во СССР речиси до крајот на Студената војна
Во 1988 година, со либерализирањето на СССР преку политиката „Гласност“ на Горбачев, латвискиот журнал „Родник“ ја објавил „Животинска фарма“ во четири дела. Рускиот владин весник „Известија“ истата година испечатил извадок од книгата велејќи: „Добро е тоа што прозата на овој одличен англиски писател е достапна на нашите читатели, иако доцна.“

И други држави ја забранувале оваа книга
Освен ССССР, „Животинска фарма“ била забранувана неколку пати во држави како Куба (каде книгата била запалена од Владата), Северна Кореја, Соединетите Арапски Емирати и различни држави во Африка. Во Малави, министерот Алберт Мувало бил обвинет за предавство и бил обесен во 1977 година, а еден од доказите против него бил фактот што поседувал примерок од книгата, која била забранета. Во 1991 година, владата на Кенија забранила престава на свахили која била заснована на „Животинска фарма“ и која ја напаѓала корупцијата.
„Животинска фарма“ поттикнала неколку неодобрени продолженија
„Шансата на Снегулка“ од Џон Рид (2002) провокативно го замислува ривалот на Наполеон како се враќа на фармата и воспоставува капиталистички систем, додека пак книгата „Глувците се во сирењето“ на Џон Загродски од 2007 година замислува како еден еж ги води промените во однос на даночните реформи.
Животинска фарма ги инспирирала бендовите како Битлси, Пинк Флојд и Колдплеј
Музичкото видео за песната „Trouble in Town” на Колдплеј, кое излезе годинава, има неколку референци на книгата, „Piggies”, песна која Џорџ Харисон ја напишал за албумот „White Album” на Битлси, е делумно инспирирала од овој роман. Албумот на Пинк Флојд „Животни“ од 1977 година, чија корица вклучува и летачка свиња, исто така лабаво е заснована на книгата.
Патрик Стјујарт и Џулија Луис – Дрејфус ги позајмиле гласовите за анимирана екранизација на книгата во 1999 година
Во овој филм на „Халмарк“, Патрик Стјујарт го позајмил гласот на Наполеон, додека Дрејфус го позајмила гласот на Моли. Филмот добил измешани критики.
Нови екранизации и претстави
Во 2019 година излезе филмот „Господин Џонс“, кој ја вметнува Орвеловата приказна во приказната за еден велшки новинар кој го истражува проблемот на Украина со недостаток на храна. Во 2021 година најверојатно ќе видиме филмска верзија на книгата во издание на Нетфликс, а за 2022 година се подготвува и престава заснована на книтата која ќе се игра на Бродвеј.
