7 градови на книжевноста на УНЕСКО кои дефинитивно треба да ги посетите!

Многумина не го знаат ова, но УНЕСКО има листа со градови кои некако придонесуваат кон книжевноста. Тоа е дел од една поширока Мрежа за креативни градови, која вклучува и други креативни полиња како: ракотворби и народна уметност, дизајн, филм, гастрономија, медиумски уметности и музика.

Сето ова започнува во 2004 година, а критериумите за еден град да биде прогласен за град на книжевноста вклучува работи како: квалитет, квантитет и разлноликоста на издаваштвото во еден град; квантитетот и квалитетот на образовните програми кои се фокусираат на книжевност, нивото на важноста и улогата која книжевноста, драматургијата и/или поезијата ја имаат во градот; дали има книжевни фестивали и настани, бројот на библиотеки, книжарници и културни центри, како и вклученоста на медиумите во промовирање на книжевноста.

Денес на блогот прочитајте за седум книжевни градови од листата на УНЕСКО, еден од нив е и од нашиот регион!

Квебек, Канада

„ … неговите необични височини; неговата тврдина беше поставена како да лебдеше во воздухот; неговите живописни стрмни улици и намуртени порти; и прекрасните погледи кои го фаќаат окото на секој чекор: истовремено се уникатни и трајни “.

~ Чарлс Дикенс, „Американски белешки“

(Книжевен центар во Квебек)

Францускиот и англискиот јазик се испреплетуваат во овој град кој е јадрото на француската книжевност во Северна Америка. Писатели од Албер Ками до Чарлс Дикенс и Х.П. Лавкрафт биле маѓепсани од овој град во кој има повеќе од 100 издавачи и продавачи на книги. Покрај вообичаените понуди, центарот на градот е домаќин и на книжевниот фестивал Québec en Toutes Lettres.

Посетителите исто така можат да одат на многу книжевни тури, меѓу кои и пешачката тура „Книжевното и историското друштво на центарот „Морин“ во Квебек“, кое е основано во 1824 години и има прекрасна библиотека од викторијанската ера. Љубителите на мистерии и хорори сигурно ќе сакаат да се приклучат на турата „Закопај ги своите мртви“, тура која ги следи трагите на измислениот инспектор од истоимениот бестселер на Луиз Пени.

На крајот на овој текст можете да кликнете на линкот и да прочитате и за дополнителни места кои сигурно би ви се допаднале доколку решите некогаш да го посетите Квебек.

Единбург, Шкотска

„Набиен длабоко и масивен, близок и на високо; Мојот сопствен романтичен град“.

~ сер Вaлтер Скот, „Мармион“

(Националната библиотека во Шкотска)

Главниот град на Шкотска беше првиот град што го доби назначувањето на УНЕСКО за книжевeн град кога програмата беше лансирана во 2004 година. Освен што е родно место на многу познати писатели (како на пример, Сер Артур Конан Дојл), во него се наоѓа и најстарата циркулирачка библиотека во светот, отворена во 1725 година, како и Меѓународниот фестивал на книгата во Единбург, најголемиот книжевен фестивал во светот.

Останати места кои мора да се посетат се и „Државната библиотека на Шкотска“, со сите свои изложби на историски артефакти, удобно кафуле и седум милиони книги; потоа „Шкотската поетска библиотека“, која има импресивна колекција на поезија која е сместена во неверојатна зграда. Не смеете да го пропуштите и „Музејот на писателите“ кој чествува три шкотски писатели (Роберт Бернс, сер Валтер Скот и Роберт Луис Стивенсон) преку изложба на различни артефакти и лични предмети и е сместен во една куќа од 1622 година, а одлично место за секој љубител на книги е и „Шкотскиот центар за раскажување приказни“, место каде се одржуваат читања, се организираат претстави и музички изведби, фестивали и слично.

Има и еден куп други кафулиња, книжарници и пабови кои се важни за книжевното наследство на градот, како „Охсфорд бар“, „Елефант хаус“ (каде Џ.К.Роулинг има пишувано), книжарницата „Елвис Шекспир“, „Форест кафе“ и други, како и „Балморал хотел“, местото каде што Роулинг ја завршила последната книга од серијалот за Хари Потер.

Ајова сити, Ајова, САД

„Да ви кажам што навистина ми се допаѓа: изгледот и чувството на овој град. Универзитетот е точно на средина од него, а градот постои само поради универзитетот. Идејата е средновековна и возбудлива и убава“.

– Курт Вонегат, „Писма“

(Една од најпрепознатливите градби на Универзитетот во Ајова, дом на Работилницата за писатели)

Овој ненаметлив град од средниот запад во САД е одговорен за негување и развивање на најдобрите таленти за пишување во Америка. Како дом на Работилницата за писатели во Ајова, на Универзитетот во Ајова, кој ја има основано првата катедра за креативно пишување во САД во 1936 година, Ајова Сити бил домаќин на некои од најдобрите современи автори во земјата, вклучувајќи ги Фланери О’Конор, Џон Ирвинг, Ен Пачет, Рејмонд Карвер, Куртис Ситенфелд и многу други. Посетителите можат да ја посетат куќата Деј, домот на работилницата, да ја разгледаат нејзината библиотека и архивите и да присуствуваат на студентски читања.

Други книжевни места и настани во градот вклучуваат: „Книжевна прошетка“, која има бронзени панели долж авенијата Ајова, посветени на писатели кои некако се поврзани со Ајова; книжарницата „Проколната куќа“ која е најстарата половна книжарница во градот со над 50.000 користени и ретки книги кои одамна не се одново издадени, наредени на полиците од подот до таванот; „Јава хаус“, локален ланец на кафулиња што организира читања и уметнички претстави; „Домот на писателите во Ајова“, кој е домаќин на работилници и настани; и познатата независна книжарница „Прери лајтс“, која се наоѓа на местото каде што едно локално книжевно друштво во 30-тите години на минатиот век било домаќин на поети како Ленгстон Хјуз и Е.Е.Камингс.

Вреди да се посети за време на еден од многуте фестивали што ги организира градот: „Фестивал на книгата“ во октомври, „Летен фестивал за пишување“ во јуни и јули и „Лето на уметностите“, кое од мај до август вклучува „Фестивал на уметноста“, „Џез фестивал“ и „Соул фестивал“.

Монтевидео, Уругвај

(Кафе-книжарница „Мас Пуро Версо“ во Монтевидео, Уругвај)

На почетокот на 20 век, Монтевидео се прославил во книжевниот свет и го добил прекарот „Атина на Рио де ла Плата“. Дом на реномирани автори како Марио Бенедети, Хуан Карлос Онети и Кристина Пери Роси, тоа е исто така лулка на книжевноста и единствениот град на книжевноста на УНЕСКО во Латинска Америка. Вообичаено е трговските центри да имаат барем една книжарница (ако не и неколку), а една градска програма воведе мобилни библиотеки исполнети со стотици книги кои возат до градските паркови и на плажата.

Во неделите, отворениот пазар „Ферија де Тристан Нарваха“ се протега долж улицата „Тристан Нарваха“ во населбата Кордон. Освен производи, ракотворби и антиквитети, има огромна површина со долги маси и гајби преплавени со стари книги и списанија. Некои од најдобрите книжарници (во кои често има и кафулиња или ресторани) се „Лас Карамазов“, „Диомедес Либрос“, „Ескарамуза“ и „Мас Пуро Версо“ која се наоѓа во зграда од 1917 година.

Љубљана, Словенија

„Во малиот централен плоштад во Љубљана, статуата на поетот фиксирано гледа во нешто. Ако го следите неговиот поглед, ќе видите, на другата страна од плоштадот, лице на жена кое е изгравирано во каменот на една од куќите.“

~ Пауло Коелјо, „Вероника реши да умре“

(Статуата на Франце Прешерн на плоштадот во Љубљана)

Градот Љубљана беше прогласен за Светска престолнина на книгата од УНЕСКО во 2010 година, пет години пред да биде назначен за официјален град на книжевноста во 2015 година. Главниот град на Словенија го одликува поетот Франце Прешерн со споменик на главниот плоштад, а Патеката на словенечките писатели поврзува многу од домовите на писателите. Градот исто така промовира книжевност и читање на различни начини, вклучувајќи огромен библиотекарски систем, книжевни тури што ги организира градот и неколку фестивали како „Фестивалот Фабула“ и „Словенскиот саем на книгата“, кој трае од 1993 година.

Ако го посетите градот во пролет или лето, не заборавајте да застанете покрај библиотеката под крошните на дрвата, да, тоа е баш онака како што звучи – избор на книги и столови поставени во парковите низ градот. Другите книжевни работи го вклучуваат „Домот на книжевноста во Трубар“, кој е домаќин на читања и други настани; најстариот издавач и книжарница, „Цељска Мохорјева Дружба“, која работи од 1851 година; и „Притличје“, место кое делумно е кафуле, делумно ноќен клуб и делумно продавница за стрипови.

Обидос, Португалија

(Едно од најпопуларните места е црквата трансформирана во книжарница и библиотека)

Овој антички град на западниот брег на Португалија на нешто повеќе од 60 километри северно од Лисабон привлече меѓународно внимание во 2012 година кога ја трансформираше својата готска црква во огромна библиотека и книжарница (сега наречена Ливрарија де Сантијаго), зацврстувајќи ја својата посветеност кон кижевноста и посветеноста на креативно урбано обновување. Потоа книжарници се отворија на места како стара противпожарна станица, пазар за производи и поранешна визба за вино. „Куќата на Хозе Сарамаго“, седиштето на градот на книжевноста Обидос, именувана по познатиот португалски автор, има информации за сите други книжевни градови, вклучително и водичи и библиотека со дела на Сарамаго и тоа на различни јазици.

Обидос е домаќин на годишниот фестивал ФОЛИО, меѓународен книжевен настан што носи автори од цела Португалија и светот. Љубителите на книги обично резервираат престој во „Литературниот човек“, хотел со книжевна тематика со над 65 000 книги наредени низ 20-те соби и заеднички простории. Трпезаријата и барот за џин вклучуваат книги во нивниот дизајн, а гостите можат да закажат масажа со „библиотерапија“ во античката визба за вино, што е, се разбира, опремена со книги.

Бучон, Јужна Кореја 

(Бучон, Јужна Кореја)

Лоциран помеѓу Сеул и Инчеон, раздвижениот книжевен град Бучон бил дом на многу познати писатели, вклучувајќи ги Мок Ил-син, Јанг Гуи-ја, Jeонг Ји-јонг и американскиот автор Перл С. Бак, кој напишал два романи во Јужна Кореја и во 60-тите години на 20 век работел во Бучон со сирачиња од Корејската војна. Од 2006 година, градот го одржува фестивалот „Перл Бак“. Други познати книжевни фестивали се: „Фестивалот на книгата Бучон“ и „книжевниот фестивал Сују“, славејќи ги делата на саканиот домашен поет Бјеон Јеонг-ро (неговиот псевдоним бил Сују).

Вообичаено е улиците, мостовите и меморијалните паркови да бидат именувани по автори од градот и ако скитате низ градот, ќе откриете дека секој од горенаведените автори и поети имаат неколку места посветени на нив. Бак и Jи-Јонг имаат посебни книжевни патеки што следат значајни места низ градот.

Посетителите можат да ја разгледаат улицата „Поезија и цвеќиња“, посветена на градските поети и да уживаат во кафулиња со книги како „Кафе 21“, „Кафе Конгбанг“ и „Кафе Донгнае“, сите лоцирани на улицата спроти библиотеката „Сангдонг“. Градот исто така има богата стрип и анимирана култура, со музејот „Кореја Манхва“ посветен на жанрот.

Извор.

Leave a comment