Денес е петок, започнува викендот и можностите повеќе да се чита. Нема поубав начин да се одбележи почетокот на викендот од споделување на стихови или прекрасни мисли на наши, македонски автори. Со оглед на тоа дека периодов ја читав „Тунел“ од Петре М. Андреевски, овој извадок ми остана во глава и по завршување на книгата. Се работи за навистина моќна мисла, која исто така мислам дека е некако многу соодветна на она што се случува околу нас.
Уживајте и споделувајте!
„Знам дека ова не ми се случува само на мене. И не му се случува само нему. Којзнае колку потешки судбини се случуваат по светот. И тоа токму тогаш и токму во тоа време. Но, тоа не може да ми донесе некое олеснување. Како што и надежта за некаков задгробен живот на малкумина може да им биде утеха. Барем така сум прочитала. Значи ниедна туѓа несреќа не може да ја ублажи мојата. Една лична несреќа не се заменува со друга лична несреќа. Па, колку и да е туѓа. Како што и туѓата болка не може да биде лек за мојата. Тоа е само едно верижно продолжение. Но, ние веруваме дека надвор од нас ништо слично не се случува. И дека само ние сме осудени на таа казна. И, можеби, затоа веруваме дека нашите солзи се најтешки и најсолени. Тоа уште повеќе нè прави неутешни. Како сиот свет да нè заборавил. И како и Господ да не сака да се сети на нас.”
~ Петре М. Андреевски, „Тунел“

