Дневниците на Алан Рикман ќе бидат објавени во книга!

Светот беше шокиран кога во 2016 година светот го напушти Алан Рикман, толку многу препознатлив по својот специфичен глас и одлична глума, а кај помладите секогаш ќе биде запомнет како Северус Снејп од „Хари Потер“.

Пред некое време беше објавено дека дневниците кои Алан Рикман ги водел во текот на последните 25 години ќе бидат објавени во книга. Томовите кои Рикман рачно ги пишувал се полни со „остроумни, озборливи и неверојатно искрени“ мисли за неговата долга кариера како актер. Рикман започнал да води дневник во 90-тите години на 20 век, на почетокот на неговата успешна кариера, кога почнал да стекнува слава и почит во филмскиот свет. Тој тогаш се надевал дека еден ден тие страници ќе бидат објавени.

Во тоа време, тој бил најпознат во театарскиот свет, но добил планетарна слава со своите улоги во филмовите „Умри машки“ и „Робин Худ: Принцот на крадците“, меѓу останатите. Неговите дневници ќе ги водат неговите обожаватели низ времето поминато на сетовите на најразличните филмови, меѓу кои и сетовите од серијалот „Хари Потер“, екранизацијата на романот „Разум и чувства“ од Џејн Остин и омилениот божиќен филм „Љубов, всушност“. Тој ги водел овие дневници сè до неговата смрт во 2016 година, на 69-годишна возраст.

Рима Хортон, вдовицата на Алан Рикман, по овој повод изјави: „Пресреќна сум што „Канонгејт“ ќе ги објави дневниците на Алан и не би посакала подобар избор на уредник од Алан Тејлор. Дневниците не го откриваат само Алан Рикман како актер, туку вистинскиот Алан – неговата смисла за хумор, остроумност, мајсторството во неговиот занает, посветеноста кон уметноста.“

Уредникот Алан Тејлор за медиумите изјави дека дневниците на Рикман биле „анегдотални, индискретни, остроумни и неверојатно искрени и се задолжително четиво кое нуди увид во секојдневниот живот на еден извонреден актер кој бил сакан во САД, исто како и во Велика Британија.“

Дневниците ги содржат најинтимните размислувања на Рикман за сето она што го интересирало: глумата (неговата и на другите), театарот кој го посетувал, актерите со кои работел или кои имал можност да ги гледа, неговата политичка страст како доживотен член на Лабуристичката партија. Секако дека има огромен дел поврзан со снимањето на филмовите за Хари Потер, на кои работел речиси цела декада.

Издавачката куќа „Канонгејт“ задолжена за објавувањето на дневниците во своето соопштение, меѓу останатото изјави: „Повеќе од што било, дневниците откриваат поинаква страна на Алан Рикман, духовита, страствена, повремено и провокативна и дава свеж увид во неговата уметност. Тој ги напишал овие дневници исто како да зборувал со близок пријател.“

„Дневниците на Алан Рикман“ ќе бидат објавени во 2022 година.

Извор.

Leave a comment