Што читаше Кафе и книги во декември?

Започна 2021 година, со надежи дека ќе биде подобра од 2020 година. Меѓу останатото, оваа нова година ни носи и многу нови можности за читање и дружење со книгите. Кафе и книги ви посакува прекрасна 2021 година исполнета со многу љубов, здравје, среќа и се разбира книги. Традиционално, на почетокот на секој месец, а овојпат на почетокот на годината, со вас споделувам предлози за читање, листа составена од книгите кои ги прочитав претходниот месец. Се надевам дека ќе си го изберете вашето четиво!

Тунел“ – Петре М. Андреевски

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4.5/5
Осврт:
Во текот на 2020 година, некако случајно си зададов цел да ги (пре)прочитам сите романи на Петре М. Андреевски. Со „Тунел“ ја исполнив таа цел и официјално го завршив кругот и ги комплетирав сите романи на Петре од читачки аспект. Ова е трет пат како ја читам „Тунел“ и интересно е како секојпат сосема поинаку ја доживувам целата приказна.
Овој роман е сосема поинаков од вообичаените приказни на Петре (и неговиот последен завршен роман), но подеднакво импресивна е способноста на Петре да раскажува од женска гледна точка, од гледната точка на една млада, заљубена жена која се труди да се избори со сите предизвици во животот.
Нараторот на приказната е всушност главниот лик, Невена, која ја следиме низ нејзиниот животен пат, кој ни најмалку не е постелен со рози. Како многу млади жени, таа сонува за љубов и мисли дека ја пронашла, но животот ќе ѝ покаже нешто сосема поинакво. Она што е интересно се неколкуте различни љубовни интереси во неколку различни етапи од животот, со што на одреден начин се прикажува и нејзиното лично созревање и учење за себеси, за љубовта и за животот како таков. Одлична приказна! Како и секогаш, раскажувањето на Петре е толку непосредно, имате чувство дека седите во просторијата со Невена. Ако досега не сте го прочитале романот, што побрзо сторете го тоа!

Книга за гробиштата“ – Нил Гејман

Издавачка куќа: ПАБЛИШЕР
Оцена: 5/5
Осврт
: Во неколку наврати досега имам спомнато дека јас не сум голем љубител на натприродни приказни и книги, како и хорори, но како и секогаш, многу сакам кога добар писател знае како да ме натера да уживам во жанр кој инаку не би бил мој прв избор. Нил Гејман е дефинитивно еден од тие писатели. Топлината која извира од неговите зборови и редови, човечноста која секогаш е толку присутна во приказните, прави да се изгубите во тие негови волшебни и магични светови кои ги создава.
Во оваа книга, главното дејство се случува на едни гробишта, а главниот лик е малечкиот Ник Овенс кој само по „чиста среќа“ успева да го избегне масакрот во кој ќе биде убиено неговото семејство и ќе залута во едни стари градски гробишта. „Жителите“ на гробиштата се одамна умрени и починати луѓе, кои сега се духови и тие ќе го прифатат залутаното дете.
Иако можеби навидум ќе ви делува морбидно, но верувајте дека Ник Гејман прави морбидното да не изгледа воопшто морбидно. Пропратена со интересни илустрации, ова воопшто не е некоја приказна која ќе ве тера да читате со едно око. Напротив, и покрај дејството во кое се случува, ние го следиме растењето и созревањето на Ник Овенс и неговите згоди и незгоди, но истовремено гледаме и како учи важни животни лекции. Нил Гејман е навистина одличен!

Ана“ – Николо Аманити

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт
: Иако си ветив дека нема да читам книги за вируси и пандемии, како и дека нема да гледам серии и филмови со таа тематика, сепак решив да направам исклучок за оваа книга која беше добитник на наградата „BookStar 2020“ за најчитана книга меѓу две изданија на истоимениот книжевен фестивал на Антолог.
Се работи за дистописки роман во кој целата планета е уништена најпрво од пандемија, а потоа пожари го уништуваат и она малку што е останато. Опасен вирус од Брисел ја зафаќа целата планета и го покосува целото возрасно население, а остануваат живи само децата кои навидум се отпорни на вирусот, но го носат во себе и кога ќе пораснат речиси е сигурно дека ќе умрат од него.
Ана и нејзиниот помал брат ги губат своите родители, најпрво татко им, а потоа и нивната мајка која умира во нивната куќа и оставени се сами на себе да преживеат. Ана, како постара сестра, е задолжена да направи сè што може за да се заштити и себеси, но и нејзиниот помал брат. Мрачна книга која под својата површина носи и мрачни предупредувања за иднината на светот, не само за природните непогоди, но и за човештвото во целост.
Она што навистина морам да го истакнам е прекрасниот превод на книгата. Иако не знам италијански јазик и немам можност да го прочитам оригиналното издание на јазикот на кој е напишана, толку се прекрасни описите, толку е прекрасен целиот тек на изданието, што уживав во книгата, а тоа несомнено се должи во голем дел и на самиот превод. Често критикуваме лоши преводи на изданија (и со право!), но сметам дека е важно и да пофалиме кога некое издание се истакнува со добар превод. Браво!

Тетовирачот од Аушвиц“ – Хедер Морис

Издавачка куќа: КУЛТУРА
Оцена: 4/5
Осврт:
Доколку сте љубител на историски книги и историски драми, доколку ве интересира историја, а особено периодот околу Втора Светска војна, ова дефинитивно е книгата за вас. Ретко кој може да остане рамнодушен кога чита за сите тие трагични судбини за време на Холокаустот, како и за злото кое го предизвикале нацистите за време на Втората Светска војна. Се работи за прекрасно напишана книга, емотивна, но и топла, приказна која покажува дека и во најголемата темнина, има светлина, а и во најголемиот очај, има трошка надеж, но и дека и во најужасните околности може да се роди љубов.
Она што ја прави оваа книга уште поемотивна и попотресна е фактот што се работи за вистинска приказна, која писателката Морис ја пишувала во подолг период. Таа зборувала со самиот Лале Соколов, кој е протагонист во книгата и поминала многу време истражувајќи ги сите аспекти со цел што поуверливо и поточно да ги раскаже неговите искуства. Она што Лале Соколов го преживува е неверојатно трагично и ужасно. Тој бил Евреин од Словачка и бил многу млад кога бил депортиран во најстрашниот концентрационен камп Аушвиц. Благодарејќи на фактот што знаел неколку јазици, тој ја добива неблагодарната позиција на Тетовирач, односно тој бил оној кој бил задолжен да ги тетовира оние ужасни броеви на рацете на новите затвореници. Но, тој ја користи оваа работа за да може да им помогне колку што е можно повеќе на другите затвореници и барем во мал дел да им ја олесни болката. Во меѓувреме, во целиот тој хорор, тој пронаоѓа и љубов. Неверојатна приказна за издржливоста, храброста и истрајноста да се победи злото.

Совршената замена“ – Грир Хендрикс и Сара Пеканен

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3/5
Осврт
: Љубителите на драми нема да се разочараат. Книга која се чита за миг, страниците летаат и одвај чекате да видите што ќе се случи до крајот. Првата половина од книгата особено добра. Приказната е еден драматичен приказ за распадот на еден брак и решеноста на Ванеса да направи сè што е во нејзина можност да го спречи новиот брак на нејзиниот сопруг. Ја гледаме нејзината вознемирена состојба и неможност да продолжи со животот откако Ричард ја напушта за друга жена истовремено чекорејќи по пат кон самоуништување.
Од друга страна ја гледаме веселата и млада Нели која лудо се заљубува во мажот од нејзините соништа и ја планира прекрасната свадба како и совршениот живот кој ќе го има со него. Но, како и секогаш, ништо не е толку совршено колку што изгледа на прв поглед.
Доколку уживате во драми и неизвесности, ќе ви се допадне оваа книга, јас конкретно ставив малку пониска оцена затоа што крајот по мој вкус беше пренереалистичен и предраматичен (без потреба).

Leave a comment