Излитениот човек кој се вика Естрагон, седи покрај едно дрво на самрак и се бори да ја извади чизмата. Наскоро му се придружува и неговиот пријател Владимир, кој го потсетува својот вознемирен придружник дека таму мора да чекаат некој човек наречен Годо. Така започнува вознемирувачкиот циклус во кој двајцата дебатираат кога ќе дојде Годо, зошто чекаат и дали воопшто се наоѓаат пред вистинското дрво.

Оттука, „Чекајќи го Годо“ станува уште почудна приказна, но се смета за претстава која го промени лицето на модерната драма. Напишана од Семјуел Бекет во периодот од 1949 до 1955 година, оваа драма нуди едноставно, но возбудливо прашање: Што треба да направат ликовите?
Естрагон: „Ајде да не правиме ништо. Побезбедно е.“
Владимир: „Ајде да почекаме и да видиме што ќе каже.“
Естрагон: „Кој?“
Владимир: „Годо.“
Естрагон: „Добра идеја.“
Ваквите мистериозни дијалози и циркуларното резонирање се главните елементи на Театарот на апсурдот, движење кое се појавува по Втората светска војна, каде уметниците се борат да пронајдат некаква смисла во целиот тој пустош. Апсурдистите го деконструираат заплетот, ликовите и јазиците за да го разгледаат нивното значење и да ја споделат нивната длабока неизвесност на сцената.
Иако ова звучи мрачно, апсурдот ја меша својата безнадежност со хумор. Ова се одразува во уникатниот пристап на Бекет кон жанрот во „Чекајќи го Годо“, која тој ја означи како „трагикомедија во два чина“. Трагично, ликовите се заклучени во егзистенцијална загатка: залудно чекаат некоја непозната фигура да им даде чувство на цел и смисла, но нивното единствено чувство на цел и смисла доаѓа од чинот на чекање. Додека чекаат, тие тонат во досада, изразуваат верски стравови и размислуваат за самоубиство.
Но, комично, има незгоден хумор во нивната ситуација, што се среќава во нивното зборување и движења. Нивните интеракции се исполнети со чудна игра со зборови, повторувања и двосмислени значења, како и физичко глупирање, пеење и танцување и избезумено менување на капите. Честопати е нејасно дали публиката треба да се смее или да плаче и дали Бекет видел некаква разлика помеѓу тие две работи.

Роден во Даблин, Бекет студирал англиски, француски и италијански јазик пред да се пресели во Париз, каде поголемиот дел од животот го поминал пишувајќи драми, поезија и проза. Иако Бекет доживотно бил заљубен во јазикот, тој исто така создал простор за тишина со вметнување пресконувања, паузи и моменти на празнина во неговата работа. Ова беше клучна карактеристика на неговиот заштитен знак во вид на нерамномерно темпо и црн хумор, кои станаа популарни во Театарот на апсурдот.
Тој, исто така, негувал мистериозност околу неговата личност и одбил да ги потврди или негира сите шпекулации за значењето на неговото творештво. Ова направи публиката да се внесе и да продолжи да погодува, зголемувајќи ја нивната фасцинација со неговите надреални светови и енигматски ликови.
Недостатокот од јасно значење го прави делото бескрајно отворено за различни толкувања. Критичарите често нуделе безбројни толкувања на претставата, што водело кон циклус на неодреденост и шпекулации кои го одразуваат заплетот на самата драма. Некои ја толкуваат драмата како алегорија на Студената војна, францускиот Отпор и британската колонизација на Ирска.

Динамиката на двајцата протагонисти исто така предизвикува интензивна дебата. Досега ги толкувале како преживеани од апокалипсата, постара двојка, двајца импотентни пријатели, па дури и како персонификација на егото и идентитетот на Фројд. Позната е своевремената изјава на Бекер дека единственото нешто во кое може да биде сигурен е дека Владимир и Естрагон „носат капи“. Како и шпекулациите на критичарите и лудиот заплет, нивниот разговор честопати се врти во кругови, додека двајцата се расправаат и дебатираат, го губат текот на мислата и продолжуваат онаму од каде што застанале:
Владимир: Можеби би можеле одново да почнеме.
Естрагон: Тоа би требало да е лесно.
Владимир: Почетокот е оној што е тежок.
Естрагон: Можеш да почнеш од сè.
Владимир: Да, но прво мора да одлучиш.
Бекет нè потсетува дека исто како и нашите секојдневни животи, и театарскиот сценски свет не секогаш има смисла. Може да ја истражува и реалноста и илузијата, познатото и чудното. И иако уредниот и јасен наратив е сè уште привлечен, најдобриот театар нè тера да размислуваме – и да чекаме.
