И после толку години, сè уште има лекции кои можат да се научат од „Матилда“…

Роалд Дал со децении ги маѓепсува децата со неговите приказни за џиновски праски, чоколадни фабрики, величествени лекови и светски шампиони. Неговите книги го привлекуваат вниманието на младите читатели преку вештерки, итри лисици, крадливи татковци и момчиња кои брзо размислуваат. Неговиот 14-ти роман, објавен на 1 октомври 1988 година, нуди нешто малку поинакво. Насловот не нуди никакви драми, само приказната за Матилда (таа, заедно со Софи од „ГДЏ“ е еден од ретките женски ликови).

Оваа приказна нуди помалку фантазија, нема големи авантури во паралелни универзуми со митски суштества или животни кои зборуваат, тие се заменети со тешки и мрачни домашни грижи. Сепак, оваа книга на Дал, која зборува за едно девојче заљубено во книгите и кое е запоставено од нејзините родители, со текот на времето стана омилената книга на читателите. По повеќе од триесет години од нејзиното издавање, романот се има продадено во 17 милиони примероци, беше екранизиран на големото платно (ако се сеќавате Дени ДеВито го глумеше таткото на Матилда, м.з) и беше направен многу успешен мјузикл.

Приказната започнува преку рушење на идејата дека сите родители мора да ги сакаат и чуваат своите деца. Матилда, брилијантна математичарка и напредна читателка, е дете кое е презирано од своите сопствени родители. Нејзиниот татко, кој поправа и продава стари автомобили, не може да го поднесе неговото повлечено, нескротливо, интелектуално дете и инсистира детето да му се придружи на остатокот од семејството пред „страшната кутија“ (на крајот на краиштата, според неговата логика, „нема нешто што можеш да го научиш од книга, а не можеш да го добиеш од телевизорот“). Кога госпоѓица Хани, учителката на Матилда, доаѓа за да им каже на родителите дека имаат генијално дете, госпоѓата Вормвуд вели дека не ѝ се баш по ќеиф „девојчиња со сини чорапи… Изгледот е поважен од книгите, госпоѓице Ханки.“

Сепак училиштето кое треба да биде прибежиште и сигурно место, се покажува како предавничко место за Матилда. Госпоѓа Транчбул, директорката, е застрашувачка, „жестоко тиранско чудовиште од кое смртно се исплашени и учениците, но и наставниците“. Таа ги презира децата, нарекувајќи ги со зборови и фрази како: „игнорантна мала мрзливка“, „плевел без остроумност“ и „празноглав хрчак“. Таа е темпераментна и казните се строги и сурови. Едно девојче го фаќа за плетенките и го фрла преку игралиштето; неколкумина со часови седат заклучени во „Чоки“, шкаф исполнет со скршено стакло и ‘рѓосани клинци. Сиромашниот, постојано гладен, Брус Богтротер е прогласен за „жител на подземјето“, откако е обвинет дека украл од Транчбул, и принуден е да изеде цела чоколадна торта.

На патот сепак наоѓа некои сојузници – Лаванда, г-ѓа Фелпс, библиотекарката, и госпоѓица Хани, но во најголем дел Матилда сама се соочува со своите непријатели. Возрасните на Дал се неуки, мрзливи автократи (неколку негови романи ја споделуваат оваа преокупација, мрачно инспирирани од сопственото искуство во интернатот). Тие се обидуваат да ја сменат Матилда преку исмејување, малтретирање и заплашување. „Смачкувањето на едно лошо девојче е како да се обидуваш да смачкаш шише“, вели госпоѓицата Транчбул. „Удираш врз него и проклето нешто исчезнува“.

Нејзиното одбивање да биде смачкана е она што го прави романот толку возбудлив и пријатен. Таа им подготвува шеги и казни на суровите возрасни, а казните вклучуваат папагал, супер-лепак и креда. Таа е жилава и разговорлива и интригантно тивка на моменти. Кога ќе се истури бокал со вода, навидум случајно, Матилда е обвинета за тоа, но таа покажува извонреден шарм. „Не сум се оддалечила од моето биро, госпоѓице Транчбул, од почетокот на часот“, тврди таа. „Не можам да кажам повеќе“.

Способноста на Матилда да избега во други светови е исто така клучен аспект на романот, кој во својата срж претставува еден вид ода на книжевноста. Преку книгите, Матилда може да избега од мрачни роднини и наставници со оружје. Може да сретне „неверојатни луѓе кои живееле возбудливи животи“: „Таа со Џозеф Конрад оди да плови стари едрилици. Таа оди во Африка со Ернест Хемингвеј и во Индија со Радјард Киплинг.

Таа патува низ целиот свет додека седи во нејзината мала соба во едно англиско село“. (Новите изданија на романот, објавени пред две години, по повод 30-годишнината од издавањето на книгата, ја замислуваат Матилда како библиотекарка, астрофизичарка и – најсоодветно – светски патник кој се наоѓа на врвот на планина.) Дал во референците ги вметнува неговите омилени писатели, како што е Дикенс, кој составува „магија со своите зборови“ во „Големите очекувања“, како и своеглавите женски ликови на сестрите Бронте. Откако ќе ја свртите последната страница од оваа приказна, на младите читатели им се вели дека ги чекаат понатамошни авантури.

„Матилда“ ужива во извонредната долговечност затоа што нејзините поуки мора да ги научи секоја генерација. Дал покажува дека различноста не мора да значи осаменост, дека остроумноста и интелигенцијата треба да се ценат и дека возрасните не се секогаш моделите што децата очекуваат да бидат. Бестрашниот, снаодлив и љубезен протагонист има моќ и ја користи за добро; таа избира љубопитност и независност наместо незнаење и суровост. Матилда – чие име значи „сила во битката“ – докажува дека кога некој ќе рече „Јас сум во право, а ти не си во право, јас сум голема, а ти си мала“, сепак сè уште има нешто што можеш да направиш околу тоа.

Извор.

Leave a comment