Денес е петок, речиси сме на почетокот на викендот. Најубав начин да се започне викендот е преку убави зборови и мисли кои ќе нè замислат и ќе нè натераат да размислуваме. Денес на блогот можете да прочитате еден прекрасен извадок од романот „Вештица“ на Венко Андоновски. Доколку сакате повеќе да ѕирнете во романот, тука можете да прочитате и убави мисли од романот. Уживајте во викендот!
„Никој ли до сега, од почетокот на светот, не виде дека ѓаволот е во сите нас, еднакво колку што е и Бог, и дека така треба да биде? Никој ли не виде дека овој свет, покрај светли, го движат и темни конци, и дека тоа е добро? Никој ли не виде, со векови, дека во овој свет има солзи, страдања и крв, и дека така е тоа затоа што виде Бог дека е добро така? Никој ли не виде дека нечестивиот може да биде облечен и во риза, па дури наизуст да говори и делови од Светото писмо за свои цели? Никој ли не виде дека најубавото дрво ќе биде прво исечено; дека бунарот чија вода е најстудена прв ќе биде исушен; дека оној кој некому дал милостина ќе биде погубен токму од својот спасен питач, дека во секој мед има осила, дека зад мекото месо на сочните плодови се крие тврда семка, дека луѓето, кога закопуваат славен мртовец, го украсуваат мртовечкиот покров само од видливата страна, а никогаш од кај мртвиот кој го слават, и дека ваистина добро е така и дека така треба да биде, а не поинаку? Ваистина, ваистина Бог, кој е добар, сигурно не е сам: си има своја сенка. Ѓаволот е тоа, а сенката е подобна и рамносилна со него. Но Бог е умен; тој не е инквизитор, па не го прогонува, нито трајно го победува нечестивиот; оти што би правел Бог, што би правеле неговите луѓе, кога би го немало ѓаволот? Како би бил тој видлив ако нема ѓавол; како би знаеле дека е Бог добар, ако нема зло за споредба? Оти Бог е светлина, а нечестивиот темнина; а темнината не е воопшто лоша и непотребна, туку нужна; и колку е ноќта поцрна, толку посјајни се ѕвездите; колку е болката подлабока, сè повидлив е Бог!”

