Во 1949 година, Џорџ Орвел добил интересно писмо од неговиот поранешен учител по француски јазик од неговите средношколски денови. Орвел само што ја објавил неговата револуционерна книга „1984“ која добила прекрасни оцени од речиси секој дел од англо-саксонскиот свет. Неговиот учител по француски јазик бил, ни помалку, ни повеќе, туку токму Олдос Хаксли, кој предавал на „Итон“ пред да го напише неговиот роман „Храбар нов свет“ (1931), уште една неверојатна дистописка книга од 20 век.
Во дистописката Светска држава на Хаксли, елитата ги забавува масите и ги потчинува преку лек кој го затапува мозокот и кој се вика Сома и незадолжителен секс. Во Океанија на Орвел, државниот апарат ги држи масите под контрола со страв, благодарејќи на бескрајни војни и постојано следење и снимање. На прв поглед, делува како тие да се дијаметрално спротивни, но всушност, световите на Орвел и Хаксли се всушност два различни типови на опресија.

Во продолжение прочитајте го писмото на Хаксли:
Врајтвуд. Кал
21 октомври 1949 година
Драг г-дине Орвел,
Навистина беше љубезно од Ваша страна тоа што сте им кажале на Вашите издавачи да ми пратат примерок од Вашата книга. Таа стигна и бидејќи бев среде пишување на едно дело кое бараше многу читање и консултирање референци и со оглед на тоа дека слабиот вид ја прави неопходна потребата да го ограничувам моето читање, морав да почекам подолго време пред да бидам во можност да навлезам во „1984“.
Согласувајќи се со она што критичарите пишуваа за неа, не морам уште еднаш да ви кажам колку е добра и длабоко важна оваа книга. Може ли да зборувам за она за коешто зборува книгата – крајната револуција? Првите знаци на филозофијата на крајната револуција, револуцијата која е над политиката и економијата, а која цели кон тотална субверзија на индивидуалната психологија и физиологија, се наоѓаат кај Маркиз де Сад, кој се сметал себеси за продолжувач, конзумент, на Робеспјер и Бабеф. Филозофијата на владеачкото малцинство во „1984“ е садизам кој е донесен до својот логички заклучок одејќи подалеку од сексот, негирајќи го како таков. Дали во реалноста политиката на „чизма-врз-лицето“ може бесконечно да трае е под знак прашалник. Моето сопствено уверување е дека владеачката олихаргија ќе најде помалку напорни и расипнички начини на владеење и задоволување на својата страст за моќ, и овие начини ќе бидат слични на оние што ги опишав во „Храбар нов свет“. Неодамна имав можност да ја разгледам историјата на животинскиот магнетизам и хипнотизам и бев запрепастен од начинот на кој, во период од сто и педесет години, светот одбивал сериозно да ги препознае и цени откритијата на Месмер, Брајд, Есдаил, и другите.
Делумно поради преовладувачкиот материјализам и делумно поради преовладувачката респектабилност, филозофите и научниците од деветнаесеттиот век не биле подготвени да ги испитаат необичните факти на психологијата за практични луѓе, како што се политичарите, војниците и полицајците, а кои можат да се спроведат во областа на владеењето. Благодарение на доброволното незнаење на нашите татковци, доаѓањето на крајната револуција се одложувала и во наредните пет или шест генерации. Друга среќна случка беше неможноста на Фројд успешно да хипнотизира, и неговото последователно омаловажување на хипнозата. Ова ја одложи општата примена на хипнозата во психијатријата за најмалку четириесет години. Но, сега, психоанализата се комбинира со хипноза; и хипнозата се прави лесно и е бескрајно растеглива преку употреба на барбитурати, кои предизвикуваат хипноидна и сугестивна состојба дури и кај најотпорните пациенти.
Некаде во периодот на следната генерација верувам дека светските владетели ќе откријат дека „дресирање“ на новороденчиња и нарко-хипноза се поефикасни како инструменти на владеење, отколку клубовите и затворите и дека страста за моќ може да биде исто толку задоволена, наведувајќи ги луѓето да ја сакаат нивната потчинетост наместо со камшикување и тепање да се дојде до послушност. Со други зборови, чувствувам дека кошмарот на „1984“ е предодреден да се обликува во кошмарот на постоење на свет кој има повеќе сличност со оној што го замислив во „Храбар нов свет“. Промената ќе настапи како резултат на почувствуваната потреба за зголемена ефикасност. Во меѓувреме, се разбира, може да има биолошка и атомска војна од големи размери – во тој случај, ќе имаме кошмари од други и тешко замисливи видови.
Уште еднаш Ви благодарам за книгата.
Искрено Ваш,
Олдос Хаксли
