Фасцинантни факти за Мери Шели, авторката на „Франкенштајн“!

На 1 февруари 1851 година починала Мери Шели, која на светот му ја подари приказната за Франкенштајн и неговото чудовиште, приказна која и по толку многу време сè уште е инспирација за многу филмови, цртани, серии, па дури и книги и песни. Во нејзина чест, денес на блогот можете да прочитате интересни факти за нејзиниот лик и дело, кои можеби не сте ги знаеле претходно.

Мери Шели потекнува од семејство на интелектуалци: мајка ѝ била Мери Волстонкрафт, една од првите феминистички писателки и Вилијам Годвин, филозоф.

Поради влијателноста на нејзините родители, младата Шели имала можност да го развива својот интелект во друштво на многу интелектуалци и просветители кои го посетувале нејзиниот дом, како на пример Арон Бур, заменик-претседателот на САД и познатиот поет Семјуел Тејлор Колериџ. Всушност, едни од најраните влијанија врз Мери биле поемите на Семјуел Тејлор Колериџ. На 24 август 1806 година, Колериџ го посетил таткото на Мери и му ја прочитал неговата поема „Кризата на античкиот морнар“. Без знаење на возрасните, деветгодишната Мери Шели се скрила зад каучот и била обземена од поемата на Колериџ.

Романсите на Шели придонеле кон тоа татко ѝ да се откаже од неа. Кога имала само 16 години, таа го запознала поетот Перси Биш Шели, кој бил обожавател на татко ѝ. Иако тој бил оженет и значително постар од неа (тој имал 22 години кога се запознале), тие двајца се заљубиле и на крај побегнале заедно во 1814 година. Кога се вратиле во Англија, таа била бремена и нејзиниот татко не сакал да има ништо со неа.

(Мери и Перси Шели)

Има озборувања дека таткото на Мери убил човек за да ја зачува репутацијата на ќерка му. Во 1816 година, телото на Хериет Вестбрук, првата жена на Перси Шели (која била трудна кога настапила смртта) било пронајдено во река во Лондон. Причината за смртта наводно била самоубиство. Мери и Перси наскоро се венчале, но останале озборувањата дека таткото на Мери го средил убиството на Хариет, затоа што таа била пречка за неговата ќерка да се омажи со Перси и да стапи во „легитимна“ врска.

Наклонетоста за поети изгледа била присутна во семејството. Како и Мери, посестрата Клер Клермонт сакала поет љубовник за себеси, па затоа се трудела да го освои пријателот на Перси, познатиот поет Лорд Бајрон. Токму во тој освојувачки поход, таа, Мери и Перси отпатувале во Женева, Швајцарија за да се сретнат со Бајрон и токму таму, во 1816 година, Мери почнала да го пишува делото „Франкенштајн“.

Лорд Бајрон можеби е оној кој ја поттикнал Шели да го напише нејзиното најпознато дело. Легендата вели дека Бајрон, Мери, Перси и д-р Џон Вилијам Полидори, личниот доктор на Бајрон, една вечер останале доцна во ноќта, зборувајќи за окултното и читајќи приказни за духови. Бајрон ја предизвикал групата да напише хорор приказна, што водело кон тоа Мери да ја напише приказната која потоа ја развила и станала роман. Таа не е единствената која ќе остане запишана во историјата, бидејќи Полидори таа вечер ја напишал приказната „Вампирот“, приказна за која има широка согласност дека била инспирација за „Дракула“ на Брам Стокер и се смета за првата вампирска приказна.

(Оригиналниот ракопис на „Франкенштајн“)

Се зборува дека Мери била инспирирана од Замокот „Франкенштајн“ во Дармштад, Германија. Алхемичарот Јохан Конрад Дипел живеел таму во 17 и 18 век. Локалните легенди велат дека тој експериментирал на човечки тела кои ги ексхумирал додека живеел во замокот. Покрај тоа, на блогот можете да прочитате и за други наводни инспирации за научникот кој го создал чудовиштето.

Со текот на годините, децениите, па и вековите, благодарејќи на популарната култура, филмовите и слични написи, се добива впечаток дека Франкенштајн е всушност името на чудовиштето. Ова е една од најголемите книжевни заблуди, затоа што Виктор Франкенштајн е всушност научникот кој го создава чудовиштето. Тоа само по себе нема име. Во романот таа го нарекува чудовиштето како „мизерник“, „суштество“, „чудовиште“, „демон“ и „тоа“.

Кога Мери почнала да ја пишува книгата, имала само 19 години. Кога книгата била објавена во 1818 година, таа имала само 21 година.

„Франкенштајн“ бил нејзиниот прв роман, но не била првата книга која ја издала. Во 1817 година, пред да се појави нејзиниот познат роман, Мери и Перси Шели објавиле една книга со многу долг наслов: „Историјат на шестнеделна тура низ дел од Германија, Швајцарија, Германија и Холандија; со описни писма од пловење околу Женевското езеро и глејзерите Камоуни. Насловот на книгата прилично ви кажува за што се работи во книгата. Оваа книга ја содржела и познатата поема на Перси Шели „Мон Блан“ и освен овој дел, книгата во поголем дел била дело на Мери, што значи дека технички ова било нејзината прва објавена книга.

(Оригиналното издание на романот)

Иако „Франкенштајн“ првично била објавена анонимно, предговорот на книгата го напишал Перси Шели и многумина верувале дека всушност тој на напишал книгата. Дури откако приказната станала многу популарна на сцената, во 1823 година, пет години по нејзиното објавување, Мери ја објавила книгата под свое име.

Иако сега се смета за класик, голем дел од првичните критики на „Франкенштајн“ не биле воопшто позитивни. „Квартерли Ревју“ ја нарекол книгата „ткиво од ужасна и одвратна апсурдност.“

Романот „Франкенштајн“ каков што го знаеме денес не е ист со оној кој таа првично го напишала. Мери Шели неколку пати се навраќала и правела промени во книгата, а најзабележителна промена направила во 1831 година. Напишана по трагичната смрт на нејзините две деца и Перси, оваа верзија го претставува д-р Франкенштајн не толку како маж со слободна волја, туку повеќе како пион на судбината, а тоа е одраз на тоа како Мери се гледала себеси среде болката и трагедијата со која се соочувала.

(илустрација од една од променетите верзии на книгата)

„Франкенштајн“ во голема мера се смета за првиот научно-фантастичен роман. Со ова дефинитивно се согласува авторот Брајан Алдис, иако интересно е да се напомене дека Карл Саган и Исак Асимов всушност тврделе дека честа за титулата „прв научно-фантастичен роман“ треба да ѝ припадне на една многу постара книга, „Сонот“ на Јоханес Кеплер, објавена во 1634 година. Но, „Франкенштајн“ се смета за првото дело кое со сигурност може да го наречеме модерна научна фантастика.

Исто како и создавањето на модерниот научно-фантастичен роман, се смета дека Мери Шели исто така ја напишала првата модерна апокалиптична белетристика. Од своите сопствени книги, Мери Шели најмногу ја сакала „Последниот човек“, книга која ја издала во 1826 година. Книгата зборува за светот во иднината во кој една чума го збришува човештвото и има само еден преживеан, Лајонел Верни. Книгата е претходник на сите останати книги од овој тип, како „Јас сум легенда“ на Ричард Матесон и „Патот“ на Кормак МекКарти.

Животот на Мери Шели бил полн со трагедии. Само едно од трите деца ќе стане возрасен човек, Перси Флоренс Шели. Другите деца, како Вилијам, кој умрел од маларија пред неговиот прв роденден, умреле многу млади.

Исто како и неговата прва сопруга, Перси Шели се удавил, иако неговата смрт била несреќен случај. Додека пловел на неговиот брод „Дон Жуан“, Перси бил затекнат од бура. Неговото тело било најдено по 10 дена и во неговите џебови биле пронајдени примероци од поемите на Китс. Перси бил кремиран, но неговото калцифицирано срце не можело да биде изгорено, па така Мери го зачувала, заедно со други предмети на починатиот и тие биле со неа со години. Кога синот на Шели го празнел бирото на мајка му по нејзината смрт, тој нашол прамени од косата на нејзините починати деца и остатоците од срцето на Перси кои биле завиткани во една од неговите поеми. Тоа подоцна било закопано во семејната гробница по смртта на нивниот син во 1889 година.

 Иако повеќето ја знаат само преку „Франкенштајн“, таа во својот краток живот напишала многу дела од различен тип. Таа напишала седум романи, три книги за деца, повеќе од дванаесет кратки раскази и повеќе од дванаесет збирки поеми, неколку тома биографии и голем број статии и поеми. Во подоцнежниот дел од животот пишувала историски романи. Во 1830 година, таа ја објавила книгата „Среќата на Перкин Варбек“, за еден лик од 15 век кој сметал дека е наследник на тронот за време на владеењето на Хенри VII. Во поглед на биографиите, таа го напишала поголемиот дел од десетте тома на „Животите на најпознатите книжевни и научни луѓе“, која била дел од уште поголема енциклопедија од 133 тома, „Кабинетска енциклопедија“. Шели продолжувала да пишува до нејзината смрт на 1 февруари 1851 година, на само 53 години. Се претпоставува дека починала од мозочен тумор.

Извор 1.
Извор 2.

Leave a comment