Што читаше Кафе и книги во јануари?

Првиот месец од годината е зад нас, месец кој даде многу можности за читање. Ладното време прави да сакаме да седиме повеќе дома, па така имаме повеќе време за читање. Дојде февруари, па така пред нас е цел месец полн со можности за читање. Подолу прочитајте ја стандардната листа со предлози за читање за овој месец.

Случајот Чернобог“ – Катерина Шошко

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт:
Ја отвораме денешната листа со предлози со еден одличен македонски роман! Многу е важно да го поддржуваме трудот на македонските писатели и писателки, а во овој случај ќе уживате до самиот крај. Доколку сте љубител на трилери и хорори, како и мистериозни моќи кои луѓето не ги разбираат, ова е одлична книга за вас.

Книгата паралелно се одвива во два различни временски периоди. Првиот период е денешниот, кога една млада и амбициозна режисерка е одлучена да сними документарец за еден случај кој со години ја бранувал јавноста, а тоа е случајот на мистериозната Елеонора Чернобог, која добива статус на мит и легенда заради приказните за нејзината телекинеза. Младата режисерка успева да дојде до Јан Леви, кој веќе е во поодминати години, но бил еден од психијатрите кој работел на случајот на Елеонора (или Нора) или Случајот Чернобог.

Вториот период е навраќање во минатото, неколку децении нананзад, кога Нора била млада жена која живее во поправен дом, а Јан и Татјана доаѓаат за да ја истражат мистериозната девојка и нејзиниот мозок. Овие навраќања се во вид на сеќавања, најчесто преку Јан.

Неверојатна книга, полна со пресврти, возбудливи моменти, но исто така има повеќе слоеви и димензии кои ги прават ликовите човечни и поблиски до вас како читател. Дијалозите се одлични и толку природни што на моменти ќе се чувствувате како да зборуваат тука веднаш наспроти вас, често ќе прават да се смеете, лутите, нервирате, сочувствувате. Оваа книга ќе разбуди различни чувства за различни ликови.

Една од најубавите мисли од книгата: „Мозаик си од сите предци и нивите гени. Колкав пат си изодел, колку луѓе, за тебе непознати, се споиле, колку судбини се измениле, колку планови и надежи пропаднале без тие луѓе и да знаат зошто, само за ти да се родиш.“

Се мислам да ставам крај“ – Ијан Рид

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Јануари некако беше месец за психолошки трилери и хорори. Оваа книга стана особено популарна по истоимената екранизација на Нетфликс. Оваа книга цело време ќе ве држи на работ на столчето иако не сте сигурни зошто.

На моменти можеби и ќе се чувствувате како да не разбирате која е поентата, но верувајте дека крајот ќе ве награди за вашето трпение. Книгата започнува во автомобил, додека парот во автомобилот оди на фармата на којашто живеат родителите на дечкото. Нараторот во книгата е девојката и ние како читатели ги дознаваме и нејзнините мисли, како и нејзината намера да раскине со Џек, како и двоумењата.

Истовремено, она што мислам дека е една од најсилните работи кај книгата е тоа што тие двајца водат многу интересни дијалози, кои начнуваат неколку филозофски теми и прашања и кои ќе ве тераат да се замислите. Па и самите нејзини мисли ќе ве натераат да размислувате за различни животни аспекти.

Додека трае книгата, цело време имате чувство како да ќе се случи нешто, а „случувањето“ цело време се одложува, што само ја зголемува напнатоста, сè додека не настапи климаксот на приказната. Неверојатно разработена приказна, кратка, но неверојатно ефективна. Одлична книга!

Приказна за оние кои заминуваат и оние кои остануваат“ – Елена Феранте

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Книжевниот серијал на Елена Феранте е една од најуспешните книжевни приказни во последните години, без трошка сомневање. Напомена: Книжевниот серијал мора да го читате по ред, почнувајќи со првата книга „Мојата генијална другарка“, па потоа втората книга „Приказна за новото презиме“ и дури потоа оваа книга (за претходните две имам пишувано тука и тука). Книжевниот серијал ги следи животите на главните ликови од нивните детски сè до нивните зрели години, па така морате да читате по ред за целосно да уживате во приказната.

Овој дел на книгата продолжува онаму каде што застанува втората, Елена ја издава својата книга и се соочува со многу нови промени во својот живот, дополнително ја чека и свадбата со нејзиниот вереник и работи напорно да успее во животот. Од друга страна Лила работи во фабрика, напуштена од сите, освен од Енцо. Во поголемиот дел од книгата животите на двете другарки од детството се одвиваат паралелно и тие се отуѓуваат, но сепак некако нивните приказни постојано се испреплетуваат. Покрај тоа, следиме и што се случува со сите други деца, сега веќе возрасни луѓе, од маалото во кое пораснаа тие.

Она што ме фасцинира кај Елена Феранте е така детално да навлегува во приказната, која еве и по три книги, сè уште буди интерес кај читателот. Едноставно сакате да знаете каде ќе завршат ликовите, не само Елена и Лила како главни ликови, туку и сите споредни и маргинални ликови кои одвреме-навреме се појавуваат. Покрај тоа, уште една одлична карактеристика е што Феранте не прави класично добри или класично лоши ликови (иако има и такви).

Речиси сите ликови се повеќедимензионални, на моменти ве нервираат, на моменти се согласувате со нив, на моменти ве изненадуваат. Никој не е светец, сите грешат и прават погрешни одлуки, никој не е цело време успешен, сите се соочуваат со своевидни неуспеси, врските се комплицирани. Книгата е одличен преставник на животот и на сите подеми и падови со кои се соочуваме. Освен тоа дејството опфаќа многу интересен период од историјата на Италија и сите политички превирања кои се случуваат и кои се исто така испреплетени со животите на ликовите, бидејќи е невозможно општествените случувања да немаат влијание на животите на луѓето.

Ти подарувам ѕвезди“ – Џоџо Мојес

Издавачка куќа: Култура
Оцена: 3.5/5
Осврт
: Џоџо Мојес во последниве години е една од најпопуларните писателки чии книги речиси инстантно стануваат бестселери. Оваа книга не беше исклучок. Доколку сакате да прочитате нешто повеќе за вистинската приказна која е инспирација за книгата, тоа можете да го сторите тука.

Оваа книга е фиктивна верзија на приказната за библиотекарките на коњи кои за време на Големата депресија им носеле книги на сиромашните луѓе во Кентаки кои живееле во неппристапни предели. Во книгата има неколку ликови, една Англичанка која се мажи за Американец и е заглавена во брак без љубов и живее со тежок свекор, една независна жена која ја бие лош глас заради нејзиното семејство, и уште неколку локални девојки, секоја различна и секоја со своите сопствени животни предизвици.

Во книгата има од сè по малку и е навистина интересно четиво. Мене особено интересен ми беше делот кога одат и ги доставуваат книгите на семејства кои отпрвин се многу скептични, но потоа со радост ја чекаат секоја следна достава. Има делови кои малку се преразвлечени и кои малку наликуваат на „сапуница“, но во принцип добро ќе ви дојде ако барате книга за да избегате од реалноста.

Мојот личен ФБИ агент“ – Џули Џејмс

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3.5/5
Осврт:
Ова е одлична книга доколку сте уморни од работа или ако сакате да го поминете викендот во уживање и опуштање. Џули Џејмс е позната по овој серијал на книги, во кои секогаш главниот машки лик е агент на ФБИ, а девојката често (иако не секогаш) работи во правосудството.

Ова е таква приказна во која Џек е агент на ФБИ кој се враќа во Чикаго да работи, откако еден случај прави да изгуби самоконтрола, да ја навреди обвинителката која работи на тој случај и поради тоа за казна е префрлен на друго место. Но, потоа се враќа назад и првиот случај на којшто работи е едно убиство, каде по игра на случајноста, повторно се среќава со Камерон Линд, обвинителката која тој ја обвинува дека му го уништила животот.

Камерон Линд во овој случај е само сведок, но излегува дека случајот е многу покомплициран отколку што изгледа на прв поглед и Џек и неговиот партнер мора да ја чуваат и да ја третираат како заштитен сведок. Ова предизвикува многу незадоволство кај двајцата, но хемијата меѓу нив не може да се негира, колку и да сакаат да ја игнорираат.

Интересна и забавна книга, која верувам дека ќе ви го одвлече вниманието од секојдневието и ќе направи да се опуштите барем за миг. А се чита многу брзо, бидејќи Џули Џејмс има лесен стил на пишување, па така страниците брзо ќе летнат.

Leave a comment