Жил Верн се смета за еден од татковците на научната фантастика и ги напишал некои од најпознатите авантуристички романи, вклучувајќи ги и неверојатните дела како „Патување до центарот на Земјата“, „20000 милји под морето“, „Пат околу светот за 80 дена“. Освен тоа што бил пионер во нов книжевен жанр, тој исто така пловел низ светот, имал кариера како трговец со акции, се заљубил во неговата братучетка и бил застрелан од својот внук. Во продолжение, еве 15 нешта кои можеби не сте ги знаеле (или сте ги подзаборавиле) за Жил Верн.

Тој пораснал опкружен со бродови
На 8 февруари 1828 година, Пјер и Софи Верн го добиле нивното прво дете, Жил Габриел, во домот на мајката на Софи во Нант, град во западна Франција. Родното место на Верн имало длабоко влијание врз неговото пишување. Во 19 век, Нант бил важен приморски град, кој бил своевидно збиралиште на француски бродоградители и трговци, а семејството на Верн живеело на мало вештачко островче на реката Лоара. Верн го поминал неговото детство гледајќи како бродови пловат долж реката Лоара и си замислувал како би било да се качи на некој од нив. Тој потоа ќе ги вметне овие рани спомени во неговото пишување.
Тој се заљубил во негова братучетка
Верн почнал да пишува поезија на 12 години. Кога бил тинејџер, ја користел поезијата како вентил за неговите наталожени романтични чувства. Тој се заљубил во неговата братучетка Каролин Тронсон, која била малку постара од него. Тој ѝ пишувал и ѝ посветувал поеми, ѝ давал подароци и одел на игранки со неа. Но, таа не му ги возвратила чувствата. Во 1847 година, кога Верн имал 19 години, а Тронсон имала 20, таа се омажила со маж кој бил 20 години постар од неа, а тој останал со скршено срце.
Неговиот татко му вршел притисок да стане адвокат
Иако Верн бил страствен околу пишувањето уште од неговите млади години, неговиот татко силно го поттикнувал да ги следи неговите стапки и да влезе во правничката професија. Наскоро по бракот на Тронсон, таткото на Верн ја искористил депресијата на својот син, убедувајќи го да се пресели во Париз за да студира право. Тој добил диплома по право во 1851 година. Но, во овој период продолжил да пишува и продолжил да се расправа со неговиот татко околу насоката на неговата кариера. Во 1852 година, таткото на Верн му договорил работа во правничка фирма во Нант, но Верн цврсто одлучил дека сака да биде писател.

Жил Верн живеел во Париз во бурни времиња
Времето на Верн во Париз се поклопило со период на интензивна политичка нестабилност. Француската револуција во 1848 година избувнала многу набрзо откако тој се преселил во градот. Иако тој не учествувал директно во овие настани, тој бил среде конфликтот и турбулентните последователни случувања, вклучување го и пучот кој ставил крај на Втората Француска Република. Во декември 1851 година, за време на борбите кои се случиле по пучот, тој ѝ напишал на својата мајка: „Во четвртокот борбите беа интензивни, на крајот на мојата улица, куќи беа соборувани од топови.“
Тој успеал да се држи настрана од политичките немири во текот на тие години, но неговото подоцнежно пишување содржело теми во кои имало несогласувања со властите. Во неговиот краток роман од 1864 година, „Грофот од Шантелин: Приказна за Француската револуција“, Верн пишувал за борбите на обичните Французи и француските благородници за време на Француските револуционерни борби, додека неговиот роман „Лет до Франција“ се навраќа на воените авантури на еден воен капетан во 1792 година.
Тој станал трговец со акции за да ги плаќа сметките
Во мај 1856 година, тој бил кум на свадбата на неговиот најдобар пријател во Амјен, град во северна Франција. За време на свадбената веселба, Верн бил сместен кај семејството на невестата и таму ја запознал сестрата на невестата, Онорина Морел. Тој развил симпатии кон неа, 26-годишна вдовица со две деца, и во јануари 1857 година, со дозвола на нејзиното семејство, тие се венчале.
Но, имало еден голем проблем. Тој пишувал драми за театрите во Париз, но бидувањето драматург не ги плаќало сметките. Нему му биле потребни стабилни примања за да може да се грижи за Морел и нејзините ќерки. Братот на Морел му понудил работа во една брокерска куќа и тој прифатил, откажувајќи се од работата во театарот за да стане трговец со акции на Париската берза. Но, пишувањето никогаш не било далеку од неговиот ум. Тој секое утро се будел рано за да пишува и истражувал неколку часа пред да оди на работа.
Неговите авантуристички романи биле дел од серијал…
Денешните читатели ги гледаат неговите најпознати дела како посебни книги, но неговите авантуристички романи всушност биле дел од серијал. Во раните 60-ти години на 19 век, Верн го запознал Пјер-Жил Хицел, познат издавач и уредник во списание, кој му помогнал да го издаде неговиот прв роман „Пет недели во балон“. Овој роман служел како почеток на „Извонредните патувања“, серија од повеќе од 12 книги напишани од Верн и објавени од Хицел. Повеќето од овие романи, вклучувајќи и познати наслови како „20000 милји под морето“, се појавувале во делови во списанието на Хицел пред да бидат објавени како книга.

… кој му обезбедил стабилни примања и финансиска стабилност
Почнувајќи во 1863 година, Верн се согласил да пишува два тома годишно за Хицел, договор кој му овозможил стабилни примања во наредните децении. Помеѓу 1863 и 1905 година, Верн објавил 54 романи за патувања, авантури, историја, наука и технологија за серијалот „Извонредните патувања“. Тој работел со Хицел на ликовите, структурата и заплетот, сè до смртта на неговиот издавач во 1886 година. Сепак, пишувањето на Верн не било ограничено на овој серијал. Тој во текот на својот живот напишал 65 романи, а некои од нив биле објавени дури по неговата смрт.
Тој добивал инспирација од неговите сопствени пловечки авантури
За време на 60-тите години на 19 век, кариерата на Верн почнала да се развива и тој почнал добро да заработува. Во 1867 година, тој купил мала јахта која ја именувал „Сен Мишел“, по неговиот син Мишел. Кога не бил во Амјен, тој пловел околу Европа. Освен што уживал во мирот и тишината, тој за време на овие патувања пишувал, и токму за време на тие патувања, на својата јахта напишал поголем дел од ракописите за „Пат околу светот за 80 дена“ и 20000 милји под морето“. Со зголемувањето на неговите примања, подоцна тој ја заменил неговата мала јахта со поголем брод кој го именувал „Сен Мишел II“. Неколку години подоцна, тој купил уште еден брод, „Сен Мишел III“, јахта на пареа за која изнајмил екипаж од 10 луѓе за долги патувања до Шкотска и низ Медитеранот.
Тој е еден од најпреведуваните автори во светот…
Тој пишувал на француски јазик, но неговите дела секогаш биле привлечни и за меѓународната јавност. Почнувајќи од 50-ти години на 19 век, па сè до денес, неговите дела се преведени на повеќе од 150 јазици, а тоа го прави втор најпреведуван автор во историјата. Тој е преведен на повеќе јазици и од Вилијам Шекспир, а само делата на Агата Кристи се преведени на повеќе јазици, која и до ден денес го држи овој рекорд.
… но, не се сите преводи точни
Иако Верн пишувал првенствено за возрасни, многу издавачи од англо-саксонскиот свет сметале дека неговата научна фантастика е премногу детинеста и ги рекламирале книгите како книги за деца. Па така, преведувачите ги разводнувале преводите, ги поедноставувале приказните, исфрлале делови кои содржеле сериозни истражувања, правеле сумирање и прераскажување на дијалозите, а во некои делови дури и целосно исфрлале делови кои би можеле да се сметаат за критика на Британската империја. Многу преводи содржат очигледни грешки, како на пример мерки кои не се точно пресметани. Некои книжевни историчари денес жестоко ги критикуваат ужасните преводи на многу од делата на Верн, велејќи дека овие рани преводи на англиски јазици имаат извршено сериозни промени и во заплетот и во тонот на приказната. Дури и денес, овие лоши преводи се достапни за читателите. Но, добро е тоа што поради повторниот интерес за делата на Верн, во последно време излегуваат поточни и поверни преводи на делата на Верн.
/jules-verne-s--1828-1905--study-in-jules-verne-house-museum--amiens--picardy--france-513009903-59cd2ea8519de20012406010.jpg)
Верн имал сериозни здравствени проблеми
Уште од неговите 20-ти години, Верн почнал да се мачи со екстремни болки во стомакот. Тој пишувал за неговите агонизирачки стомачни болки во писма до неговото семејство, но не успеал да добие соодветна дијагноза од докторите. За да си ја олесни болката, почнал да експериментира со различни диети, вклучувајќи една која се состоела само од јајца и млечни производи. Историчарите веруваат дека имал чир или некоја друга поврзана дигестивна болест. Уште пострашно од ова, тој во пет наврати имал фацијална парализа. За време на овие болни напади, едната страна од лицето тотално му била неподвижна.
По првиот напад, докторите го лекувале неговиот фацијален нерв со електрични стимулации, но по пет години тој повторно имал напад и уште неколку после тоа. Неодамна истражувачите заклучиле дека тој имал „Bell’s Palsy”, привремена форма на фацијална парализа на едната страна на лицето, која била предизвикана од оштетен нерв на лицето. Докторите имале претпоставки дека тоа било резултат на ушни инфекции или воспаленија, но никој не знаел точно од што е предизвикано. Понатаму, во 50-тите години на неговиот живот развил дијабетес и неговото здравје уште повеќе се влошило во последната декада од неговиот живот. Тој се мачел со висок кревен притисок, постојани вртоглавици, тинитус и други проблеми, а на крај страдал и од делумно слепило.
Неговиот ментално болен внук го застрелал во ногата…
Во март 1886 година, еден трауматичен инцидент трајно го оштетил Верн. Гастон, внукот на Верн, кој тогаш бил во 20-тите години од животот и кој страдал од ментална болест, одеднаш станал насилен. Писателот еден ден си дошол дома и одеднаш, Гастон двапати го застрелал со пиштол. За среќа, тој преживеал, но вториот куршум ја пробил неговата лева нога.
…што водело до тоа да куца до крајот на неговиот живот
По инцидентот, Гастон бил испратен во душевна болница. Тој не добил специфична дијагноза, но историчарите веруваат дека тој страдал или од параноја или шизофренија. Од друга страна, Верн никогаш целосно не се излечил од нападот. Куршумот сериозно му ја оштетил ногата и неговиот дијабетес го комплицирал процесот на заздравување. Една повторена инфекција предизвикала тој трајно да куца и никогаш не си го повратил нормалниот од.

Неговото творештво влијаело на подемот на нов поджанр „Стимпанк“
Неговото творештво имало сериозно влијание врз „стимпанк“, поджанр на научна фантастика кој е инспириран од индустриската технологија на 19 век. Некои од ликовите на Верн, како и измислените машини за кои пишувал, се имаат појавено во многу познати „стимпанк“ дела. На пример, телевизиската серија „Тајните авантури на Жил Верн“ навлегува во идејата дека Верн навистина ги искусил сите фантастични нешта за кои пишувал, а Капетанот Немо од „20000 милји под морето“ се појавува како лик во стрипот „Лигата на извонредни џентлмени“.
Голем дел од неговите предвидувања излегле неверојатно точни
Некои од технологиите кои тој ги замислил станале реални. Една од машините кои тој ги измислил, Наутилус, електричната подморница во „20000 милји под морето“, се појавила многу години откако тој првпат пишувал за неа. Првиот дел од серијализираната верзија на приказната се појавила во 1869 година, а првите батериски подморници се појавиле во 80-тите години на 19 век. Понатаму, романот „Париз во 20 век“ содржи неколку изненадувачки точни технолошки предвидувања. Напишана во 1863 година, дистопискиот роман замислува технолошки опседнато општество во Париз во 1960 година.
Тој пишувал за висококатници, лифтови, возови, електрични сијалици. Тој бил многу пред своето време. Тој дури пишувал и за група механички сметачи (или како што ние денес ги нарекуваме компјутери), кои би можеле меѓусебно мрежно да комуницираат (Интернет?). Повеќе за неговите предвидувања во оваа книга можете да прочитате во текстот за овој роман кој пред неколку месеци беше објавен на блогот. Прилично импресивно за човек роден во 1828 година.
Но, влијанието на Верн оди и подалеку од научната фантастика, стимпанк или вистинска технологија. Неговото пишување има инспирирано безброј други писатели во различни жанри од поезија до авантура. Како што Реј Бредбери има напишано: „Ние сите, на еден или друг начин, сме деца на Жил Верн“
