На 9 февруари 1881 година починал Фјодор Достоевски, еден од најголемите умови на сите времиња, човекот кој ни ги подари „Злосторство и казна“, „Идиот“, „Бесови“, „Браќата Карамазови“ и уште многу други прекрасни книги. Секој што прочитал книга од Достоевски може да забележи дека се работи за неверојатно интересна личност. Неговите книги имаат уникатен начин да навлезат во животите на неговите ликови и истовремено го поттикнуваат читателот да научи нешто за животот. Во чест на годишнината од неговата смрт, денес прочитајте неколку интересни факти за овој неверојатен човек.
(Heritage Images/Getty Images)
Првиот роман го издал на 25 години
Достоевски имал добар почеток, затоа што доаѓал од добро семејство и во неговата младост бил добил добро образование. Тој не учел за да биде писател, тој одел во Институт за воено инженерство, иако тоа не му легнало. Тој се свртел кон книжевност уште пред да се откаже од неговата инженерска позиција, прво преку преведување на француски дела на руски јазик. Во 1845 година, кога имал 25 години, тој го напуштил преведувањето за поголема авантура – пишување белетристика. Неговиот прв роман се викал „Сиромашен народ“ и често се опишува како првиот руски „социјален роман“.
Во 1864 година напишал дело кое се смета за еден од првите егзистенцијални романи
Откако Сорен Кјеркегор ги напишал текстовите кои ја обликувале основата на егзистенцијалната филозофија, не му требало долго на Достоевски да го напише она што многумина го нарекуваат првиот егзистенцијален роман – „Белешки од подземјето“. Основната идеја на филозофијата е дека поединците ја формираат основата на филозофското размислување и секој поединец е одговорен да му даде смисла на животот. Денес знаеме многу такви романи како „Процес“, „Странецот“, „Чекајќи го Годо“, но Достоевски го започнал ова во 1864 година со „Белешки од подземјето“.
Еднаш бил осуден на смрт
Во 40-ти години на 19 век, тој бил дел од книжевен круг, чија цел биле социјални реформи. Тие читале забранети книги и дискутирале потенцијални општествени промени, како на пример, отфрлање на цензурата и кметството, во време кога овие идеи биле особено страшни за луѓето кои ја имале моќта, имајќи ја предвид политичката ситуација во Европа. Кога биле фатени, веднаш биле испратени во добро чуван затвор и потоа биле осудени на смрт. Токму пред да биде изведено стрелањето, пристигнал курир со порака од Царот. Наместо да го изгуби животот, Достоевски бил испратен на Сибир за да одлежи казна од 8 години во камп за тешка работа. Повеќе за оваа случка може да прочитате во текстот за писмото на Достоевски откако му бил поштеден животот.

Неговите родители ја поддржувале и негувале неговата љубов кон книжевноста
Родителите на Достоевски биле богати и за нив образованието на нивните деца бил највисок приоритет. Тој имал дадилка која почнала да му чита стари приказни и бајки кога имал само три години, а потоа неговата мајка ја користела Библијата за да го научи да чита и пишува кога имал четири години. Неговата долговечна посветеност кон книжевноста произлегла од основата која неговите родители ја изградиле кога бил дете, која содржела не само учење на големите руски писатели како Александар Пушкин, кој се смета за таткото на руската книжевност, но и меѓународни икони како Сервантес, Гете и Хомер.
Тој бил епилептичар
Иако неговиот ум работел подобро и попосветено од другите, тоа не бил случај со неговото тело. Неговата болест прво почнала да се појавува додека бил во училиште, а потоа на 18 години, во 1839 година, одвреме-навреме почнале да се случуваат неговите епилептични напади. За време на неговиот прогон во Сибир, неговите напади се влошиле и иако по неговото враќање требало да служи војска, тој набрзо бил ослободен од оваа обврска заради неговото кревко здравје. Тој успеал да води нормален живот, но кон крајот на неговиот живот, неговата болест почнала сè повеќе да му пречи и да го совладува и серија од други компликации придонеле кон тоа да почине на 9 февруари 1881 година, на свои 59 години.
Тој бил голема инспирација за голем број на писатели
Исто како што и самиот Достоевски бил инспириран од книжевните џинови пред него, со текот на времето и тој самиот ќе стане книжевен џин кој ќе инспирира огромен број писатели. Франц Кафка го нарекувал „крвно поврзана роднина“, и многу се забележителни влијанијата на Достоевски во неговите дела. Мајсторите на прозата како Ернест Хемингвеј и Џејмс Џојс го сметале за еден од нивните големи идоли, а други како Ниче и дури и Фројд, повеќе го ценеле за начинот на кој тој навидум без напор успевал да ги вметне длабоките и мрачни нишки на човековата психологија во неговите приказни.

Царот Александар II го замолил да ги подучува неговите синови
Во подоцнежните години од неговиот живот, славата на Достоевски била нашироко распространета, а неговите дела биле ценети и во Русија, како и во остатокот од Европа. Тој често патувал во Западна Европа, особено во еден германски град каде што одел на бања заради неговата болест. Кога се вратил во Русија по едно од овие патувања, царот Александар II го повикал да чита извадоци од едно од неговите следни дела и кога бил задоволен од презентацијата, го замолил да ги подучува неговите два сина. Ова, било главното вмрежување и воспоставена врска на Достоевски и значително го зголемило бројот на славни и важни луѓе кои тој можел да ги нарече пријатели.
Тој бил почесен член на комитетот на Книжевното здружение на меѓународни уметници
Како што се влошувало неговото здравје, неговата слава продолжувала да расте. Во 1879 година, година која ја одбележала трагедијата на смртта на неговиот син Аљоша, тој добил и голем број почести, вклучувајќи и неговото вклучување во почесниот комитет на Книжевното здружение на меѓународни уметници. Ова го ставило во иста група со Виктор Иго, Лав Толстој, Ралф Валдо Емерсон, Хенри Лонгфелоу и Алфред Тенисон, меѓу останатите. Ова здружение било основано претходната година од Виктор Игор и постои до ден денес, со главна цел да се заштитат правата на писателите и други уметници.
Тој имал неколку важни љубовни врски
Достоевски двапати се женел (вториот пат се оженил по смртта на неговата прва жена во 1864 година), но тоа не ги ограничувало неговите љубовни врски. Неговата прва голема љубовна врска се случила уште пред да се ожени, со жена за која не бил баш сигурен и која потоа ја одбила неговата понуда за брак. Наредните две се случиле додека бил женет со неговата прва жена: едната била актерка во комедии, а другата била жена која ја сакал и покрај тоа што сметал дека имала голем егоизам. Неговите афери прекинале откако ја запознал неговата втора жена, Ана Григоријевна Сниткина, која работела како стенографка на неговиот роман „Коцкарот“. Таа се омажила за него кога имала 21 и починала кога имала 35 години, но по смртта на Достоевски никогаш повторно не се премажила. Повеќе за големите љубови на Достоевски можете да прочитате тука.
Тој бил фасциниран од православното христијанство
Освен човечката психологија, уште една од интересите на Достоевски била религијата, особено руската Православна црква. Тој пораснал длабоко религиозен и православен, но потоа неговата верба почнала да се менува откако дошол во допир со елементи на Црквата кои не му се допаѓале, како на пример свештениците кои биле на кампот во Сибир. Тој останал посветен кон Христос како личност, иако формата на системот на верување се променила. Иако го истражува ова во многу од неговите книги, тој никогаш директно не ги искажува неговите фундаментални верувања на темата, па со тоа оставил простор книжевните истражувачи и до ден денес да дебатираат на темата.

