На 10 февруари 1837 година, еден од најголемите руски книжевници, Александар Пушкин, им подлегнал на раните здобиени од двобојот со својот соперник Данте, кој го навредил Пушкин со неговите отворени додворувања и флертувања со неговата сопруга. На овој ден руската и светската книжевност изгубија голем уметник, но неговите безвременски дела како „Евгениј Онегин“ остануваат дел од светското и руското културно наследство. Во негова чест прочитајте неколку интересни факти кои можеби не сте ги знаеле.

Имал потекло од Етиопија
Семејството на Пушкин потекнувало од стара аристократска лоза. Интересно е тоа што тој исто така имал и етиописки корени, бидејќи неговиот прадедо бил син на африкански принц, кој служел на првиот цар на Русија, Петар Велики. Иако Пушкин никогаш не бил во Африка, во Адис Абаба, главниот град на Етиопија, во негова чест е подигнат споменик на кој пишува „За нашиот поет.“
Имал талент за јазици
Како и многу деца од аристократско потекло, Пушкин бил навикнат да учи јазици уште од мали нозе. Неговите учители биле Французи и тој го зборувал тој јазик уште од детство. Природно, тој бил мајстор на рускиот јазик, што се гледа по неговите дела. Но, освен овие два јазици, тој зборувал вкупно 10 јазици. Неговите лингвистички способности се исто така се гледаат и од библиотеката која ја имал во неговиот стан во Санкт Петерсбург, во кој имал над 4500 книги на 14 јазици.
Тој бил многу близок со неговата дадилка
Арина Родионовна, дадилката на Пушкин, била селанка која со години служела на семејството. Кога Пушкин бил пратен во прогонство, таа решила да ја сподели неговата судбина и патувала со него. Тој поминал многу осамени ноќи со неа, слушајќи ги нејзините приказни и бајки. Тој ѝ посветил многу поеми и неговата дадилка била инспирација за дадилката на Татјана во „Евгениј Онегин“.

Имал лоша навика да се коцка
Пушкин сакал да игра карти, иако не бил баш успешен во тоа. Тој често запаѓал во долгови и потоа набрзина цела ноќ пишувал за да ги отплати долговите. Кога на 37 години умрел како последица на фаталниот дуел, тој зад себе оставил многу долгови. Изненадувачки, царот Николај I, кој со Пушкин имал бурен однос, наредил долгот на поетот да биде отплатен од државни пари.
Тој бил најпродуктивен за време на епидемија на колера
Пред да се ожени, Пушкин заминал на неговиот семеен имот во Болдино за да преземе контрола над земјиште кое му било дадено од татко му за неговиот претстоен брак. Иако посетата требала да биде кратка, Пушкин останал три месеци во селото поради тоа што избувнала колера и бил спроведен карантин. Тие три месеци биле најпродуктивни во неговата цела кариера. Тој таму завршил поголем дел од делата „Евгениј Онегин“ и „Белкиновите приказни“, како и драмите „Мали трагедии“. Покрај тоа, напишал над 30 поеми.
Тој бил женкар
Неговиот изглед не се сметал за особено привлечен. Тој бил низок, околу 166 сантиметри, и немал најубави црти на лицето. Но, и покрај ова, младиот поет знаел како да влезе во срцето на жените и според некои озборувања и пресметки, тој имал над 100 љубовници во текот на животот. Тој почнал да посетува јавни куќи уште на 14 години и не престанал дури и откако се оженил за неговата љубов Наталија (прочитајте повеќе: „Запознајте ја жената која до крајот на животот патела по Пушкин“)
Тој поминал одредено време во прогонство
Тој бил прилично гласен во своите ставови и често ѝ се спротиставувал и ја критикувал власта. Неговите писанија честопати биле цензурирани и конфискувани. Но, неговите епиграми кои го понижиле царот Александар I се сметале за посериозен престап и тој бил осуден да оди во работни логори во Сибир. За среќа, еден негов пријател му помогнал, и наместо тоа, тој отишол на југ, во прогонство, каде што требало да „размисли за своето однесување“. Тој секако не го направил тоа, па бил преместен на помалку удобно прогонство на север, на имотот на неговото семејство, каде бил во целосна изолација.

Тој имал страст за дуели
Низ текот на неговиот живот, тој учествувал во 90 дуели и бил иницијатор на 15 од нив, а едниот од тие дуели, ќе биде неговиот последен дуел. Неговиот живот бил нагло прекинат, откако Жорж Данте фатално го застрелал. Пушкин бил многу сериозен околу својата чест и кога Данте отворено ѝ се додворувал на неговата сопруга, тој немал друг избор освен да го предизвика на дуел. Пушкин бил тој што го испукал првиот куршум, но промашил, што водело кон тоа неговиот соперник да пукне и да му нанесе повреда која ќе се покаже како фатална.
Пушкин основал книжевен журнал
Пушкин бил основачот на журналот „Современик“. Журналот објавувал белетристика и нефикција од најпознатите писатели во тоа време. Како и да е, публикацијата не носела профит и имала тираж од 600 примероци. Последните две изданија пред неговата смрт морал да ги пополни со неговите сопствени дела, бидејќи голем дел од неговите колеги го напуштиле уредништвото. По неговата смрт, журналот бил предаден на поетот и писател Николај Некрасов.
Пушкин му ја дал на Гогољ идејата за „Мртви души“
Николај Гогољ бил познат и истакнат писател и многу добар пријател на Пушкин. Во еден од нивните разговори, Пушкин му кажал на неговиот пријател за некои бегалци во еден град во Молдавија, кои си ставале имиња на мртви луѓе за да избегаат од законот, што водело кон тоа во градот да нема регистрирано ниту една смрт во тек на една цела година. Оваа приказна ја поттикнала идејата за заплетот на „Мртви души“, едно од најпознатите дела на Гогољ.
