Предлог серии за љубителите на книги! (2)

Неодамна решив да споделувам интересни серии кои се засновани на книги или се поврзани со животот и делото на познати писатели/писателки. Првата објава може да ја прочитате тука, а денес одиме понатаму со нови три предлози.

Нормални луѓе“ (Hulu, но ја има и на HBO)

„Нормални луѓе“ е серија која излезе во 2020 година, првично излезе на на BBC и „Хулу“, иако сега ја има и на „ХБО“. Серијата е екранизација на популарната книга „Нормални луѓе“ на Сали Руни, за која исто така пишував на блогот. Одлична книга и сосема одлична екранизација. Се работи за двајца млади луѓе Мариен и Конел, кои иако се движат во различни друштвени кругови, сепак започнуваат една врска, која е полна со прекини, со подеми и падови, но некако е неизоставен дел од животите на двајцата. Дури и кога се со други луѓе, тие остануваат пријатели и поврзани на начин на кој не можат да се поврзат со ниту еден друг. Приказната ни дава увид во животот на двајца млади луѓе, но исто така дава и многу интересен приказ на работите кои нè прават она што сме, за одлуките кои ги носиме, но и за сите работи кои ги чуваме длабоко закопани во нас и кои можат да предизвикаат недоразбирања со другите. Одлична книга и одлична серија! Топла препорака!

Олива Кетриџ“ (HBO)

Уште една одлична екранизација на една многу интересна книга која ја доби Пулицеровата награда во 2009 година и за која исто така имам пишувано на блогот. Се работи за мини-серија од 4 епизоди кои ги опфаќаат главните врски во книгата и кои солидно ја прикажуваат целосната слика која книгата се труди да го направи преку 13 различни раскази. Приказната се врти околу Олива Кетриџ, која често делува како груба и тешка жена, но сепак, како и секогаш, работите никогаш не се такви какви што изгледаат на прв поглед. Убава и многу интересна драма. Сепак ви препорачувам прво да ја прочитате книгата, со оглед на тоа дека серијата има само четири епизоди, голем дел од споредните ликови во расказите се појавуваат многу кратко или се изоставени, а тие се многу значаен дел за полесно да се разбере Олива. Но, навистина квалитетно направен производ.

Приказната на робинката“ (Hulu, но ја има и на HBO)

Оваа серија се заснова на истоимената популарна книга на Маргарет Атвуд, која се случува во едно дистописко општество кое е максимално контролирано и жените постојат само за расплод. Засега се објавени три сезони, а четвртата сè уште не е излезена. Првата сезона ја следи книгата, а следните сезони се развиваат посебно од приказната, односно замислуваат што би се случило откако завршува книгата. Во меѓувреме Атвуд објави еден вид продолжение на книгата, кое се вика „Завети“ и кое се случува 15 години по крајот на првата книга. Оваа серија беше номинирана и доби некои од најпрестижните награди и доколку ви се допаднала книгата, дефинитивно треба да ја погледнете и серијата.

Доколку сте љубител на дистопии, а ја немате прочитано книгата, дефинитивно препорачувам прво да ја прочитате книгата, па потоа да се фокусирате на серијата, иако серијата е навистина одлично направена. Јас долго време се колебав дали воопшто да ја започнам, бидејќи ми беше страв дека ќе ја „искасапат“ книгата, но линијата и атмосферата на приказната се навистина испочитувани, дури и онаму каде што има промени во однос на книгата, се направени во рамки на приказната.

Дополнување и напомена: Првите две сезони ќе ви го задржат вниманието, но во третата сезона приказната добива сосема поинаков тек и има значителен пад во квалитетот.

Leave a comment