Како млад дечко во Ливерпул, музичарот Џон Ленон често се мачел да се поврзе со неговите врсници и постојано барал утеха меѓу страниците на книгите од библиотеката на тетка му. Во едно интервју од 1980 година, направено неколку месеци пред неговата смрт, тој вели: „Кога бев дете, тоа беше страшно, бидејќи не можев да се поврзам со никого. Ниту тетка ми, ниту пријателите, никој не можеше да го види тоа што јас го гледав. Тоа беше многу, многу страшно и единствениот контакт кој го имав беше читањето за Оскар Вајлд или Дилан Томас или Винсент ван Гог – сите тие книги кои тетка ми ги имаше, зборуваа за тоа како тие страдале поради нивните визии. Поради она што го гледале, тие биле мачени од општеството затоа што се труделе да искажат кои се тие.“

За среќа, тој подоцна во животот нашол многу отворени срца и умови со кои може да ја споделува својата визија, почнувајќи со „Дневно завивање“, книга која ја пополнил со стрипови, карикатури и поезија и ја споделил со неговите пријатели во средно училиште. Неговата доживотна љубов кон зборовите нашла многу поширока публика со објавувањето на неговата прва книга „Со негови зборови“ во 1964 година. Се работи за таканаречена „бесмислена книжевност“, и успехот на оваа книга водел кон уште еден договор за книга и тоа уште следната година и целиот овој процес на пишување значително влијаел на неговите песни: „Морав да го одвојам текстописецот Џон Ленон кој пишуваше песни за месниот пазар и не мислев дека тие (текстовите и останатите работи) воопшто имаат некаква длабочина. За да се изразам себеси ги напишав „Шпанец во прогрес“ и „Со негови зборови“, личните приказни кои ги изразуваа моите лични чувства. Тогаш почнав да станувам ЈАС во врска со песните, не ги пишував објективно, туку субјективно.“
Но, тој не планирал да издаде книга: „Никогаш немаше некоја вистинска помисла за пишување книга. Тоа беше нешто што се случи. Ако не бев дел од Битлси немаше ни да помислам да ги издадам тие работи. Ќе се влечев наоколу без скршен денар во џеб и само ќе пишував и ќе го фрлам напишаното. Можеби ќе бев бит-поет.“ Тој навистина ги сакал писателите од бит-генерацијата, дури има и шпекулации дека една од причината за спелувањето на името „Битлс“ (Beatles наместо Beetles) е токму тоа. Како и Боб Дилан, тој се дружел со Алан Гинсберг, кој го сметал Ленон „за особено интересен во англиската минстрелна традиција.“ Вилијам С. Буроуз се појавува на омотот на албумот „Sgt Pepper”, a тој ги споменува Гинсберг и Боб Дилан во „Give Peace a Chance”.
Освен авторите од бит-генерацијата, Ленон сакал стрипови и класици, како што можете да видите од листата подолу, составена од некои од неговите омилени книги.
„Бино“ (Стрип)
„Роналд Сирл“ (илустрации)
„Малите жени“ – Луиза Меј Алкот
„Интересните факти на природната историја“ – Франсус Т. Бакланд
„Алиса во Земјата на чудата“ и „Низ огледалото“ – Луис Карол
„Џабервоки“ – Луис Карол
„Праведниот Вилијам“ – Ричмал Кромптон
„Завивање“ – Ален Гинсберг
„Храбар нов свет“ – Олдос Хаксли
„Бдеењето на Финеган“ – Џејмс Џојс
„На пат“ – Џек Керуак

„Психоделично искуство: Прирачник базиран на Тибетската книга на мртвите“ од Тимоти Лири
„Грејпфрут“ – Јоко Оно
„1984“ – Џорџ Орвел
„Животинска фарма“ – Џорџ Орвел
„Комплетна збирка за приказни и поеми“ – Едгар Алан По
„Роден под лоша ѕвезда“ – Тони Палмер и Ралф Стедмен
„41 година во Индија“ – Филд Маршал Лорд Робертс
„Собрани дела“ – Џонатан Свифт
„Собрани дела“ – Алфред Лорд Тенисон
„Под Милквуд“ – Дилан Томас
„Јас сум исто така едно ТИ“ – Џеј Томпсон
„Пишувања и цртања“ – Џејмс Турбер
„Собрани дела“ – Оскар Вајлд
