Писмо на Умберто Еко до неговиот внук: Не заборавај да го тренираш мозокот!

На 19 февруари 2016 година почина познатиот италијански писател Умберто Еко. Во чест на годишнината од неговата смрт, прочитајте го ова одлично писмо кое тој му го напишал на неговиот внук кој тогаш бил средношколец.

Драго мое внуче,

Не би сакал ова писмо да звучи премногу поучно, да ти зборувам за љубовта кон соседите, татковината, човештвото и слично. Ти ова не би го слушал (веќе си полнолетен, а јас сум престар), затоа што вредносниот систем е толку многу променет, што моите препораки можеби не се ни соодветни. Затоа, сакам да ти дадам само еден совет, кој може да ти биде од корист сега кога користиш „паметни телефони“. Нема да ти кажам да не користиш телефон од страв да не звучам како глупав старец. А и самиот користам мобилен телефон.

Би сакал да разговарам за болестите кои ја погодија твојата генерација и таа пред тебе, која веќе студира на универзитетите. Зборувам за губењето на помнењето. Вистина е дека ако сакате да знаете кој е Карло Велики или каде е Куала Лумпур, само кликнувате на едно копче и веднаш дознавате сè на интернет. Го правите тоа кога ви е потребно, а потоа ја зачувувате таа вест во случај да ви биде потребна за на училиште. Лошата вест е што сфаќањето дека компјутерот во кој било момент може да одговори на вашето прашање, ве одвраќа од идејата дека нешто треба и да запомните.

Овој феномен може да се спореди на следниот начин: со сознанието дека со автобус или автомобил можете секогаш да одите од една улица во друга, одлучувате повеќе да не одите. Но, ако престанете да одите, ќе се претворите во личност која е присилена да се движи во инвалидска количка. О, да, знам дека се занимаваш со спорт и знаеш како да го набилдаш телото, но ајде да се вратиме на мозокот.

Мозокот е како мускулите на нозете. Ако престанеш да вежбаш, ќе стане млитав и ќе се претвориш во идиот. Покрај тоа, сите ризикуваме да развиеме Алцхајмерова болест во староста, а еден од начините како да ја избегнеме оваа неволја е тренирање на помнењето.

Ова е мојот рецепт. Секое утро научи една кратка песничка, како што порано нè приморуваа кога бевме деца. Можеш да направиш и некој натпревар со пријателите. Ако не сакаш поезија, тогаш запомни го играчкиот состав на фудбалскиот тим, но мораш да ги знаеш играчите не само на тимот за кој навиваш, туку и играчите на другите тимови, како и нивниот претходен играчки состав. Натпреварувајте се за тоа кој ќе се сети на насловите на книгите кои сте ги прочитале. Дали твоите пријатели се сеќаваат како се викаа мускетарите од филмот и книгата „Тројцата мускетари“? Ако не сакате да ја читате книгата „Тројцата мускетари“ (тогаш не знаете што губите), играјте слична игра со некоја книга која сте ја прочитале.

Изгледа како игра, тоа и е игра, но ќе видите како ќе ви биде главата исполнета со ликови, приказни и секакви видови спомени.

Запрашајте се зошто компјутерот некогаш се нарекувал електронски мозок. Тоа е затоа што е замислен на основа на нашиот мозок, со тоа што нашиот мозок е далеку помоќен и подобар. Мозокот е компјутер кој е секогаш со вас, неговите можности се прошируваат како резултат на вежбањето, додека вашиот компјутер ја губи брзината по долга употреба и треба да се замени после пар години. А вашиот мозок нема да ве предаде и до 90 години, а на 90 години, ако го вежбате, ќе помните повеќе отколку сега. И тоа бесплатно!

Понатаму, постои историско сеќавање, кое не е поврзано со твојот живот или со она што си го прочитал. Тоа ги чува сите случувања кои се случиле пред твоето раѓање. Денес, кога одите во кино, морате да отидете на почетокот на филмот. Кога филмот почнува, делува како цело време да ве водат за рака, објаснувајќи ви што се случува. Во мое време, во кино можевте да отидете кога сакате, дури и среде филмот. Многу случувања веќе се случиле пред вашето доаѓање и вие моравте брзо да ги „поврзете конците“. Ако филмот ви се допаднал, можете повторно да го гледате. Јас се родив во време кога беше важно да знам и да разберам што се случувало пред мене. Тоа беше неопходно за подобро да ги разберам денешните случувања.

Денес училиштата би требало да ве учат да памтите што се случило пред да се родите, но не гледам дека го прават тоа како што треба. Разни анкети покажуваат дека денешната младина, дури и универзитетската, родена во 1990 година, не знае, а можеби и не сака да знае што се случило во 1980 година, а не пак за она што се случувало пред 50 години.

Земете го предвид фактот дека помнењето можете да го тренирате не само со помош на книги и списанија, туку и со помош на интернетот. Интернетот е корисен и за истражување на историјата, не само за муабетење со друштвото. Како изумреле диносаурусите? Како се викал предокот на бикот? Пред сто години имало повеќе тигри од денес, зошто е тоа така? Кој бил вториот Папа во историјата? Кога е создаден Мики Маус?

Би можел овие прашања бесконечно да ги нижам и сите тие би биле одлични теми за истражување. Сето ова мора да се запомни. Ќе дојде ден и ќе остареш и ако сето ова го дознаеш и запомниш, ќе се чувствуваш како да живееш илјада години.

А твоите пријатели кои не истражуваат, не читаат и не помнат, ќе живеат само еден мал, краток, беден живот.

Извор.

Leave a comment