На 26 февруари 1802 година се родил Виктор Иго, еден од најголемите книжевници на сите времиња. Во негова чест, денес прочитајте го овој интересен превод на текстот на Сандра Веиќ Шукрешки за порталот „Читај Књигу“.
Виктор Иго можеби е и највлијателната личност на францускиот романтизам доколку го гледаме неговото пишување. Не е реткост уметниците да учествуваат во промените и политиката и не само заради образованието, туку и поради широкиот поглед на работите. Со Иго било така затоа што бил одличен набљудувач на светот околу себе. Иако во светот Иго е познат како автор на два романи, голема е разликата како Французите го доживуваат овој автор. Во татковината е најпознат по своите песни и драми, додека низ светот, прва асоцијација за него е „Богородичната црква во Париз“ и „Клетници“. Дури и оние кои не го прочитале вториов роман, знаат за мјузиклот и филмот, затоа што популарноста на делото е неоспорна и долговечна. Тоа само докажува колку е Иго интересен и релевантен и денес, речиси 136 години по смртта. Можеби треба да речеме дека тоа е срам за цивилизацијата која и натаму дозволува општествени неправди, сиромаштија и глад….

Иго не бил „само“ поет, драматург и писател. За среќа, зачувани се и преку 4000 цртежи кои предизвикуваат восхит. Фактот дека се борел против општествените неправди, дека се борел за укнување на смртната казна, фрла и друго светло на неговото наследство, па денес често неговите аргументи се користат во дебатите околу укинување на смртната казна. Но, има и уште една работа, која ќе ја дознаете денес – како Иго ја спасил најпознатата црква во Париз.
Зачнат речиси во воздух
Виктор Мари Иго е роден на 26 февруари 1802 година, во Безансон, како третиот син на наполеонскиот генерал Јозеф Леополд Сижибер Иго и Софи Требише, по синовите Абел Жозеф и Евгениј. Подоцна Иго рекол дека потекнува од мало племство, но тоа е само салонска приказна – мајка му била Бретонка, а татко му од мало место и немале ни капка сина крв. Но, подобра е приказната како на 914 метри надморска височина е поставено парче камен, недалеку од келтските руини, на кој пишува: „На ова место е зачнат Виктор Иго“. Татко му еднаш кажал дека синот „го направил речиси во воздух“, на еден од највисоките врвови на планината Восгес. Тогаш врвовите припаѓале на бонапартанската Франција и навистина е тешко да се каже дали на тие врвови имало страст меѓу неговите родители, но каменот стои таму и ден денес. Виктор замислувал дека е во прашање друга локација, па руините на келтскиот храм ги заменил со римски храм на љубовта, т.е Восгес со Алпите, а Донон со Мон Блан, кој е повисок и попознат. Малку ја „преработил“ локацијата кога зборувал со својата воодушевена публика.
И двајцата родители имале интересни животи и судбини, па тоа отсекогаш го воодушевувало малиот Виктор. Иговата мајка Софи била трето од седум деца кои останале сирачиња кога им умрела мајката. Софи имала едвај осум години. Нејзиниот татко, дедото на Виктор, поголемиот дел од животот го поминал пловејќи по мориња и океани, заминувајќи од Нант до индиски и африкански острови каде го полнеле бродот со робови и ги пренесувале од еден до друг остров за бродот да не плови празен, а потоа се враќале во Франција натоварени со шеќер. На едно од тие патувања се разболел и умрел, а телото, по бродската церемонија, било фрлено во Индискиот океан. Софи отишла да живее со тетка ѝ, а за малиот Виктор тоа било фасцинантна приказна – коските на дедо му лежеле на дното на океанот.

Јозеф, таткото на Виктор, бил син на трговец со дрва, и дадилка, и иако имал можност да студира, сакал да оди во војска. За војник од тоа време бил неверојатно образован. Кога имал 22 години ја запознал Софи која не била импресионирана од него – имал широко и грубо лице, бил мал, набиен, се фалел со љубовниците и со битки преполни со крв, се нарекол себеси Брут и одлучил да ја „исчисти“ Бретања. Уништил многу села, спроведувал егзекуции и во склад со тогашните обичаи, посвоил едно сираче. Со оглед на тоа дека и најтврдокорниот љубовник мора да се смири, а Софи му се допаднала на Јозеф, тој ѝ пишувал писма и кога неговите трупи продолжиле понатаму, и по долго и исцрпно допишување, таа на крај се сложила заедно со својот брат да го посети упорниот додворувач, иако мислела дека со своите 25 години е престара за брак.
Тој не ја чекал, но неверството на тој што запросил би било преголем скандал за сите, па за да не се врати посрамотена дома, сепак се омажила за него. Семејството растело, на светот пристигнал и Виктор, и често се селеле во зависност од тоа како го прераспоредувале татко му. Можеби тука лежи одговорот зошто Иго не сакал да патува и да не бил избркан од татковината за време на Наполеон III, тој не би се помрднал од Франција. Присилен на прогонство во 1851 година, живеел во Брисел, потоа од 1852 година, три години живеел на островот Џерси, а од 1855 година, па потоа повторно од 1872 година, живеел на магичниот остров Гернзи. Кога стигнало генерално помилување од кралот, прогонството било сопствен избор на Иго, затоа што бил остар критичар на сите аномалии и неправди на власта и општеството, што не одговара на ниту една власт, колку и да е либерална. Но, тоа биле други околности. Лично и интимно заради селидбите во детството, Иго едноставно не бил по патувањата.
Разделбата на родителите
Времето во кое живеел, било во најмала рака бурно. Стотина години пред да се роди паднала Бурбонската династија, па Иго го видел подемот и падот на Првата република и настанувањето на Првото царство, кога Наполеон се прогласил за цар (тогаш имал две години). Потоа, додека растел, на престолот се вратила Бурбонската династија. Во семејството, политички гледано, било многу интересно, затоа што мајка му била католичка ројалистка, а татко му атеистички републиканец, кој го сметал Наполеон за херој. Тоа не е за изненадување затоа што бил високо одликуван офицер во војската на Наполеон и живеел за пушката, таборите, војничкиот начин на живот и секако, Наполеон.
Можеби од инает на нејзиниот развратен сопруг, Софи за љубовник го одбрала генералот Виктор де ла Ори, кого го погубиле во 1812 година поради сомнежи дека војувал против Наполеон. Таткото постојано одел од една кај друга љубовница и тоа без размислување. За него, жената била предмет, а не партнерка. Кога татко му бил именуван за гувернер на една провинција во близина на Наполи и водел три провинции во Шпанија, на Софи ѝ се здосадило селењето, ужасниот војнички живот, а сопругот наклонет кон изневерување ѝ одел на нерви, па во 1803 година привремено се разделиле. Се преселила во Париз кога Виктор имал 16 години, околу периодот на битката кај Ватерло. Мајка му се грижела за образованието на нејзиниот омилен син, а тоа се гледа по раните песни во кои доминираат теми за кралот и верата, но со постојаното менување на политичката атмосфера во Франција, Виктор прво бил католички ројалист, па поборник на републиканството и борец за слободата на мислата.

Заштитата на неговата мајка бил меч со две острици, затоа што премногу го врзала за себе и тој не знаел, ниту можел да ѝ се спротистави. Од таткото добиле војнички тренинг кој Виктор не можел да го поднесе, а кога мајка им одлучила да се пресели, татко му не ѝ дозволил да ги понесе момчињата, туку ги сместил во интернат.
Интернат
Ова многу силно го погодило Виктор, не поради разделбата од мајка му или животот во интернатот, туку поради убавата сосетка во која се заљубил и поради која одлучил да стане славен и независен. Во училиштето бил одличен за книжевност и математика и добил пофалби од француската Академија за песна која ја испратил на натпревар. Добил прва награда на државен натпревар за поезија. Сакал да пишува, а инспирација му бил таткото на романтизмот, Франсоа Рене де Шатобријан. Со него имал многу заеднички работи: двајцата биле за романтизам, политички биле републиканци и двајцата биле прогонети од татковината… Иго цврсто одлучил да биде писател и поет. За разлика од многу други книжевници кои вкусиле сиромаштија и глад, Иго не се мачел многу. Кога мајка му умрела во 1821 година, тој ја одбил финансиската помош од татко му и издржал година дена во сиромаштија, но не сакал негова помош. Поттикнат од желбата да стане независен и богат, напишал и успеал да објави стихозбирка – и тогаш сè се променило.
Прва стихозбирка и веднаш следувале награди и пофалби
Во Франција и денес ги слават неговите стихозбирки „Размислувања“ и „Легенда на вековите“ и го нарекуваат најголемиот француски поет. Французите го сакаат Иго од повеќе различни причини, а една од нив е тоа што со првата стихозбирка бил успешен и зрел поет, не се „барал“ себеси, ниту пак созревал со години, туку она што прво го напишал веќе било извонредно. Првата збирка „Нови оди и разни песни“ излегла кога тој имал само 23 години. Му се восхитувале поради заносот, прекрасните стихови и зрелоста и добил многу пофалби, но и плата од 3000 франци (некои велат 1000) од кралот Луј XVIII. Втората збирка „Оди и балади“ која излегла две години подоцна ќе покаже дека никој не се излажал – Иго навистина бил голем, одличен поет.
:max_bytes(150000):strip_icc()/GettyImages-3331250-283e68ca7523486e97596b0b8622bcad.jpg)
Со славата и финансиската независност, Иго бил чекор поблиску до својот сон. Неговата детска љубов од соседството, Адел Фуше, била единствена жена со која сакал да се ожени, но морал уште малку да причека. Мајка му не ја одобрувала врската, и иако тие тајно се вериле, не можеле да направат свадба. Иго се оженил со Адел дури откако умрела неговата мајка. Семејството на Иго веднаш почнало да расте, а Адел родила пет деца. Првиот син го дочекале со голема радост, па потоа ги преплавила тага кога детето починало во 1823 година.
Една година подоцна се родила ќерката Леополдина, потоа Шарл, Франсоа Виктор и на крај најмладата, Адел. „Татината принцеза“ била Леополдина, чие раѓање се поклопило со издавањето на првиот роман на Иго, „Хан од Исланд“. Три години подоцна го објавил „Биг Жаргал“ (за пријателствто на еден африкански принц и француски офицер за време на револуцијата на Хаити), а од 1829 до 1840 година објавил пет стихозбирки („Ориентални песни“, „Есенски лисја“, „Песните од самракот“, „Внатрешните гласови“, „Зраци и сенки“). Со тие збирки тој ја потврдил и зациментирал својата положба и статус како најдобар лирски поет на сите времиња. Ете зашто е толку популарен во Франција.
Оженет, познат и успешен, т.е финанскиски независен, тој ќе бил неизмерно среќен доколку над него не надвиснала сенка. Во семејството на Иго имало случаи на ментални болести, а неговиот брат Евгениј завршил во санаториум откако на свадбата на Виктор и Адел добил нервен слом (се претпоставува дека и тој бил заљубен во Адел) и Иго постојано се плашел дека и децата ќе ја наследат болеста. Денес се зборува и за тоа каков бил односот на Виктор Иго кон верата. Тој не бил крстен, а кога тој и Адел сакале да се венчаат во црква, тој му пишал на татко му дека е сигурен дека е крстен, но не знае каде, а на тоа татко му одговорил дека го крстиле во Италија, но дека е проблем да се најдат документите. Тој исказ на татко му бил прифатен од свештеникот и така се венчале, иако всушност Иго не бил крстен. Подоцна бил згрозен од богатењето на црквата и рамнодушноста кон сиромашните, тој не паѓал пред олтарите, па затоа и денес се водат расправи околу тоа колку и во што верувал, затоа што ја отфрлал институцијата црква, но не и верата.
Неговиот излет во театарските води
Иго сакал да пишува текстови за драми, сакал да пишува романи, сакал да пишува… Но, не му одело толку лесно со театарот колку што му одело со поезијата. Во 1827 година ја напишал драмата „Кромвел“ која никогаш не била изведена. Таа е многу попозната по предговорот кој го напишал, а се сметала дека е предолга за театар. Но, во воведот Иго ги советува француските писатели да се ослободат од класичниот стил на театарот со што предизвикал војна меѓу поборниците на класицизмот и романтизмот и таа расправа траела со години. Втората драма стигнала до сцената, но само една вечер. Се работело за драма „Еми Робсар“ инспирирана од Валтер Скот, финансирана од неговиот девер. Драмата „Марион Делорм“ прво била забранета и цензурирана затоа што ја критикувала монархијата. Кога конечно ја тргнале забраната и стигнало време за премиера во 1829 година, Иго се надевал дека конечно ќе дојде успех, но залудно. Повторно фијаско!

Следен обид била драмата „Ернани“ и овојпат обидот бил успешен. Велат дека тоа било еден од „најуспешните и најпотресните настани на француската театарска сцена во 19 век“, уште по премиерната изведба кога речиси веднаш почнале да ја викаат „Битката за Ернани“. Денес делото е релативно непознато и се памти како подлога за операта на Верди. Изведбата на претставата предизвикала жестоки расправи помеѓу соперниците во француската култура и општество: класичарите наспроти романтичарите, либералите наспроти конформистите и на крајот, републиканците наспроти ројалистите.
Иго го гледал романтицизмот како концепт кој ќе ја ослободи уметноста од класицизмот, исто како што либерализмот ќе го ослободи народот од страдањата под монархијата и диктатурата и тие ставови се „гледаат“ во оваа претстава. Критиките во сите весници сметале дека драмата е осудена на пропаст, но предвидувањата биле демантирани со секоја наредна изведба пред преполниот театар. Драмата „Кралот се забавува“ била забранета веднаш по премиерата затоа што го исмејувала француското благородништво, но како книга била многу популарна. За 14 дена го напишал текстот за „Лукреција Борџија“ и таа исто така имала успех. Главната улога ја добила поранешната љубовница на Наполеон, госпоѓица Жорж, а една од споредните улоги ѝ била дадена на младата глумица Жулиет Друе, која подоцна ќе стане љубовница на Иго, љубовта на неговиот живот, муза и доживотна партнерка, иако никогаш не се венчале.
Љубовни сплетки и успешни драми
Иго како млад човек го сметал бракот за светост, сепак, иако се оженил со љубовта од детството, не успеал да го сочува бракот. Мајката на Иго сметала дека нејзиниот син треба и може да се ожени во подобро семејство. Адел не копнеела по брак, но сепак се омажила за него, а по нервниот слом на неговиот брат, почнало да се шушка за историја на ментална болест во семејството. Светот секако се менувал и се преиспитувале сите вредности, а се поттикнувала и слобода на умот. Со оглед на тоа дека бракот дотогаш бил исклучиво работен договор, а љубовта немала многу врска со тоа, во тоа време почнало поинаку да се гледа и на бракот. Колку и да бил конзервативен во младоста, Иго со текот на времето се променил и имал неколку афери. Но, секогаш ѝ се враќал на сопругата. Тоа се сметало за нешто нормално. А така било и со него.

Иако се оженил од љубов, љубовта со текот на времето избледела, но не сакал да се раздели од жена му. На крајот, Шарл Аугустин Сен-Був, критичар и добар пријател на Иго, се заљубил во Адел и таа го избрала него и го напуштила Иго, а тој морал да признае пораз. Година дена подоцна ја запознал Жулиет и по едногодишно додворување, таа му станала љубовница. И подоцна тој имал „излети“, но секогаш ѝ се враќал на Жулиет. На почетокот таа била глумица и глумела сè до преставата „Мери Тудор“. Таа ја играла улогата на Џејн Греј, но не ја сметале прикладна за таа улога и само еднаш ја одиграла на сцената. Тоа била нејзината последна улога во театарот и подоцна целосно му се посветила на Виктор, му била секретарка и партнерка во следните 50 години, жртвувајќи ја својата дотогаш успешна кариера заради љубов.
Иго продолжил да пишува драми, па „Анџело“ имала огромен успех, а „Руј Блаз“ имала помал успех, иако денес се смета за една од неговите најдобри драми. „Руј Блаз“ била прикажана во рамки на театарот „Театар на Ренесансата“, кој бил основан од Луј Филип, кој бил обожавател на драмите на Иго. „Биграви“ играла само 33 пати и полека губела публика, затоа што истовремено играла друга престава која привлекувала повеќе публика. Тоа била и последната вистинска драма која ја направил, подоцна ја напишал кратката „Торквемада“, но излегла неколку години по неговата смрт. Иако се откажал од пишување драми, не се откажал од театарот, а есејот за Шекспир бил одлично прифатен.
Документарна приказна и романот кој спаси црква
Првиот роман за возрасни кој го напишал бил објавен во 1829 година. Се работи за романот „Последните денови на човекот осуден на смрт“ и се работи за кратка документарна приказна за еден убиец кој го погубуваат во Франција и кој влијаел на автори како Албер Ками, Чарлс Дикенс и Фјодор Достоевски. Подоцна Иго рекол дека овој роман е претходник на „Клетници“. Во 1831 година е објавена книгата „Богородичната црква во Париз“ и веднаш го освоила светот. Веднаш по објавувањето била преведена на сите светски јазици, а катедралата за која пишувал станала толку интересна, што еден куп туристи доаѓале во Париз само за да го видат тоа архитектонско чудо. Но, не можеле да ја пронајдат. Но, за тоа – потоа. Она што е важно е што поради овој роман се разбудила љубовта кон предренесансните градби кои парижани почнале да ги чуваат и обновуваат. Гаргојлите кои имаат споредна улога во романот, станале симбол на Париз, исто како и црквата. Човекот кој пишувал стоечки, наведнат над масата и така стоел со часови и пишувал, станал омилениот и најпопуларниот писател во тогашниот свет.
„Клетници“ во Парламент
Иго имал намера да напише „голем“ роман за состојбата во земјата во 30-ти години на 19 век, претежно за страдањата и неправдите, и така се родила идејата за романот „Клетници“, кој го завршил по 17 години. Романот „Клетници“ бил објавен во 1862 година и самиот Иго бил убеден дека е одличен. Но, се мислел околу тоа кој да биде издавач. Белгиската издавачка куќа „Лакроа & Вербоеховен“ во тоа време направила необична работа за тоа време – создале маркетинг кампања! Цели шест месеци во весниците го објавувале само првиот том од „Фантина“. Тој се распродал многу брзо и веднаш имал значително влијание на француското општество: Проблемите кои ги опишува во тој дел се нашле на дневниот ред на Народното собрание!
Романот добил неверојатни пофалби и критики, а и до денес, „Клетници“ е најпознатото дело на Виктор Иго, но од првичната идеја до нејзиното објавување прошле 20 години (тој започнал да пишува во 30-ти години на 19 век и ја завршил во 1862 година) колку што и трае дејството во книгата. Во тоа време се шпекулирало дека тој претходно го завршил романот, но чекал 15 години за некој издавач да ја плати сумата која сметал дека треба да ја добие, бидејќи бил уверен дека е ремек-дело. Денешниот издавач на „Клетници“ само од таа книга заработува повеќе од половина милион француски франци за шест години. Романот, од друга страна, не е само приказ на судбините на испреплетените ликови, туку ја истражува природата на доброто и злото, законот и правдата, религијата, романтичната и семејната љубов. Исто така, тука е и историјата на Франција, записот за архитектурата во Париз, тука е и политиката, филозофијата…

Тешко е да се наброи колку телевизиски и филмски екранизации се направени. Мјузиклот на Бродвеј е најдолговечниот по „Фантомот од операта“ и „Мачки“, откако првпат бил прикажан во 1985 година на театарската сцена во Лондон. Познатата слика на Козета е илустрација на Емил Бајард за книгата, и денес ликот на мало девојче кое мете стана симбол на претставата. Колку е успешна приказната, покажуваат и голем број награди „Тони“ и фактот дека е преведена на повеќе од 21 јазик. Ликовите од „Клетници“ денес се дел од светската култура и една од речениците од романот со години го држела рекордот како најдолга реченица во книжевноста, бидејќи има 823 зборови. Сепак, рекордот на крај го срушил Џејмс Џојс – во „Улис“ има подолга реченица која содржи 4000 зборови.
Во Кина, „Клетници“ се смета за веродостоен опис на животот на обичните луѓе, па затоа и се продадени милиони книги, а честопати се прикажуваат и филмските верзии. Еве да речеме дека ликот на Жавер е направен по вистински полицаец, познат затоа што тој бил криминалец во својата младост, за подоцна да застане на страната на законот. Другите ликови? Вистински, напишани според илјадници сираци, проститутки и луѓе од дното на општеството што Иго ги гледал околу себе секој ден и чија судбина го мачела. Затоа тој ѝ се посветил на политиката – да ги смени тие тажни слики за Франција.
Целиот прв тираж на романот, кој ја видел светлината на денот во Париз на 15 мај 1862 година, се распродал за неколку часа. Романот има пет поглавја, т.е делови: „Фантина“, „Козета“, „Мариус“, „Идила на улицата Плум и епопеја на улицата Сен Дени“ и „Жан Валжан“. Се работи за еден од најдолгите романи во историјата на книжевноста.
Реченицата дека „Иго е најмрачниот од сите големи сериозни луѓе“ навистина му одговарала на писателот затоа што во следното дело „Човекот што се смее“ ја критикувал аристократијата. Во исто време пишувале и Флобер и Зола, но Иго не пишувал натуралистички како овие двајца, стил кој станал „нова мода“. Во својот последен роман „93“, Иго пишува за Владеењето на теророт за време на Француската револуција и овој помалку познат роман е многу моќен, иако не добил доволно внимание и признание затоа што Иго веќе не бил „ин“.

„Клетници“ ја одбележала неговата книжевна кариера, а романот што го објавил веднаш потоа, „Работници на морето“ не го опишувал општеството. Читателите биле навикнати да бидат потресени од Иго, но сепак не биле разочарани: Иго го посветил романот на островот Гернзи, каде поминал 15 години со Жулиет во прогонство. Во романот, тој ги опишува битките на човекот со морето и застрашувачките суштества што живеат длабоко во морето. Романот бил објавен во 1866 година и со себе во Париз донел непознати суштества – лигњи. Лигњите биле хит – од јадења и изложби, модни додатоци како на пример капи, забави на кои темите и симболите биле лигњи. Парижаните биле фасцинирани од морското животно, кое дотогаш се сметало за мистериозно, а еден збор од Гернзи од книгата станал француски збор за октопод.
Целосно и неоспорно признание за Виктор Иго, без оглед на пофалбите и заработката, било да стане член на Француската академија. Станувало збор за престиж и се засновало на дебели заслуги и Иго успеал во тоа, но само од третиот обид во 1841 година. Кога првиот пат не го примиле, тој извикал дека Академијата е мртва. Но, пред Иго не стоела само славата, туку и толку омразеното прогонство.
Прогонство
Сè што видел Иго на улиците низ Париз и сите слики на мизерија и сиромаштија го поттикнале да се вклучи во политиката како поддржувач на Републиката, па бил назначен за кралски генеалогист и затоа тој влегол во високите одаи (што го спасило од затвор по тоа патување со неговата љубовница). Тој се залагал за укинување на смртната казна, се борел против социјалните неправди, се залагал за слобода на печатот и – независна Полска. Тој влегол во горниот дом непосредно пред револуцијата и основањето на Втората француска Република. Кога Луј Наполеон, Наполеон III, ја презел власта во 1851 година и усвоил антипарламентарен Устав, Иго го прогласил за предавник на својата татковина, што не ги освоило симпатиите на новиот владетел, па затоа, плашејќи се за својот живот, Иго побегнал од Франција.
Тој побегнал во Брисел, а потоа на еден од Каналските острови кој бил во сопственост на војводата од Нормандија. Отпловил до островот Џерси, а потоа и до островот Гернзи каде живеел во прекрасна куќа Хотевил, сè до 1870 година. (Денес куќата е туристичка атракција, а особено убавата ориентална соба што ја уредил за Жулиет). Во прогонство, тој ги напишал познатите брошури против Бонапарта, „Наполеон Малиот“ и „Историјата на злосторството“, кои биле забранети во Франција, но имале влијание и „дигнале прашина“. Тој во прогонство го завршил романот „Клетници“, како и три збирки поезија.
/victor-hugo-c0a53f41692a45f8bd773b438a426e80.jpg)
Тој ја убедил владата на кралицата Викторија да поштеди шестмина Иранци од смртна казна на која биле осудени поради тероризам. Поради заложбите на Иго, смртната казна била отфрлена од уставите на Португалија и Колумбија. Тој ги разбил Конзервативците со огнен говор против страдањата и сиромаштијата и се залагал за правата на жените и бесплатното образование за децата. Тој се залагал за решавање на проблемот со авторските права, основал здружение на уметници и писатели, што, на крајот, резултирало со Бернската конвенција за авторско право.
Кога Наполеон III во 1859 година ги помилувал сите „предавници“ кои биле политички прогонети во 1859 година, Виктор Иго не се вратил веднаш, затоа што би бил приморан да ги ублажи своите ставови или да престане да објавува критики и мислења за владата и кралот, а тоа било нешто што не сакал да го направи. Дури кога кралот паднал и Третата Република дошла на власт, Иго се вратил во Франција (1876 година) и речиси веднаш бил избран во Сенатот и Народното собрание. Во тоа време преживеал помал мозочен удар и неколку семејни трагедии – ќерката Адел завршила во санаториум (таа починала во 1915 година на 85-годишна возраст), а тој ѝ оставил половина од богатството иако не можел да ја разбере нејзината опсесија со Англичанецот во кој се вљубила и кого го прогонувала.
Адел била единственото дете кое го надживеало, а покрај шизофренија, таа страдала од халуцинации и еротоманија, а сепак пишувала додека била сместена во „лудница“. Сопругата Адел починала во 1868 година, а љубовницата Жулиет починала две години пред Виктор Иго. Иако се заредиле трагедиите, Виктор не паднал во депресија и наместо да жали, тој се борел за политички промени, но безуспешно.
И Иго имал свои демони. Покрај смртта на неговиот првороден син, тој ги надживеал и другите своите деца. Леополдин имала само 19 години кога починала непосредно откако се омажила за Шарл Вакери. На почетокот на септември 1843 година, таа се удавила во Сена кога бродот се превртел и тежок фустан ја повлекол на дното. Обидувајќи се да ја спаси, се удавил и нејзиниот млад сопруг. Виктор бил уништен од нејзината смрт. За несреќата дознал од весник додека бил со својата љубовница на југот на Франција и пиел кафе во некое кафуле. Својата тага и шок подоцна ја опишал во познатата песна „Во Вилкје“, заедно со неколку песни за животот и смртта на неговата ќерка.
Биографите тврдат дека тој никогаш не се опоравил од тој удар. Најпозната песна е „Demain, dès l’aube“ (Утре, во зората) во која тој ја опишува посетата на гробот на неговата сакана ќерка. Синот Франсоа починал на 45 години од аневризма, а Шарл бил психички кревок и починал во 40-тите години од туберкулоза, иако сигурно ќе завршел во санаториум. Иго уживал со своите внуци, децата на Шарл, Жан и Жоржу. Жулиет не е запаметена „само“ како придружничка и љубов на Виктор Иго, таа била овековечена во камен додека служела како модел за една од осумте статуи во „Палатата Конкорд“ што ги симболизираат градовите на Франција. Таа е Стразбур.
Иго го обожавал островот Гернзи затоа што е мешавина од англиска и француска култура, со карпи кои се нурнати во дивиот океан и прекрасна природа. Жулиет отишла во прогонство со својот сакан човек, а на врвот на кулата Викторија и на еден од sидовите стојат нивните иницијали „VH JD“, а зад нивната љубов која траела 50 години, останале илјадници писма. Куќата во која живееле, Хотвил, е заштитена. Содржи мебел што Иго страсно го собирал, тој со себе довлекол сандаци, теписи, огледала, статуетки, но и разни предмети што ги собирал на прошетки низ островот. Наследниците на Иго, Жан, Жон, Маргерит и Франсоа, во 1927 година, ја подариле куќата на градот Париз. Сè во неа е исто како што го оставил Виктор Иго, и како што рекол Шарл Иго, тоа е „песна на неговиот татко во неколку соби“ (кој сака да го посети овој магичен остров, може да ѕирне тука).
Цела Франција го прославила 80-тиот роденден на својот голем писател, поет и политичар Иго. Прославата започнала кога тој ја примил вазната Севр (познатата империјална фабрика за вазни која, според заслуги, им се дава со декрет на заслужните Французи). Два дена подоцна, се одржала парада, една од најголемите досега одржани во Франција. Од улицата каде што живеел (Avenue d’Eylau) преку Елисејските полиња, сè до центарот на градот, имало шестчасовно дефиле кое минувало покрај куќата на Иго додека седел покрај прозорецот. Секој детаљ и секој чекор бил внимателно испланиран и посветен на големиот француски син. Градот решил да ја именува улицата каде што живеел по него, па така, „Avenue d’Eylau“ била преименувана во авенија „Виктор Иго“ и секој што сакал да му напише писмо, го адресирал вака: „До господин Виктор Иго, неговата улица, Париз“, и писмото пристигнувало. Но, еднаш некои ја препознале куќата на писателот, па во 1881 година почнале пред неа да викаат: „Долу Виктор Иго! Долу Жан Валжан! “
Стар и уморен, истоштен од сите трагедии, починал од пневмонија на 83-годишна возраст. Нацијата жалела за писателот и поетот, но исто така и за политичарот кој ги обликувал Третата Република и демократијата во Франција. Повеќе од три милиони луѓе дошле на погребот, од Триумфалната капија (каде што бил положен за оддавање последна почит) до Пантеон имало многу народ. Наспроти неговите желби, тој е погребан во гробницата што ја дели со Александар Дима и Емил Зола, но без свештеник и без крст. Тие го испочитувале тој дел. Денес, повеќето поголеми градови во Франција имаат улица „Виктор Иго“.

Во тестаментот им оставил 50.000 франци на сиромашните. Побарал да биде погребан со сиромашните и одбил постхумни говори. И порака за крај: „Се молам за сите души. Верувам во Бог. “
Оваа необична изјава во неговиот тестамент, како последно нешто што запишал, ги објаснува ставовите на Иго за верата. Како млад човек тој бил католик со голема почит кон црковната хиерархија и авторитет. Потоа се дистанцирал од католиците заради папата и нивната политика и станал противник на верата. Тој станал спиритуален во егзил, подоцна се залагал за рационален деизам, и на прашањето дали е католик, тој рекол дека е „слободоумник број еден“. Тој чувствува длабока антипатија кон Католичката црква затоа што била рамнодушна кон сиромаштијата и неправдата, кои, рака под срце, се косат со учењата што ги проповеда.
Покрај тоа, католичкиот печат 740 пати го нападнал Иго поради неговите книги и тие биле уредно запишани на списокот на забранети книги на Католичката црква. Кога умреле неговите синови, тој побарал да бидат погребани без крст и без свештеник, а истото го побарал и за себе. Тој сметал дека католичката догма е стара и умира, иако никогаш, никогаш не ја нападнал самата институција. Верувал во моќта и потребата за молитва. Накратко, тој верувал, но не и во црквата, се ужаснувал од религиозен фанатизам и предвидел дека христијанството на крајот ќе исчезне, но луѓето сепак ќе веруваат во „Бог, душата и одговорноста“. Затоа што, како што рекол тој, Бог останува.
Помалку познат е талентот за сликарство на Виктор Иго, кој направил повеќе од 4.000 цртежи за време на неговиот живот – прво за забава, а потоа сликањето станувало сè поважно за него, па пред прогонството тој решил да го остави настрана пишувањето и да се посвети на политиката. Цртал повеќе отколку што напишал во периодот од 1848 до 1851 година, претежно само на хартија и во мал обем, со темнокафеаво или црно мастило со малку бело и многу ретко, во боја. Цртежите на Иго денес се сметаат за претходници на надреализмот и апстрактниот експресионизам. Тој користел детски матрици, дамки од мастило, барички и дамки, натпревар од јаглен и повеќе сакал да слика со прсти отколку со моливи или четки.

(еден од цртежите на Иго)
Тој додавал кафе, саѓи, наводно цртал со левата рака и без да гледа во хартијата, дури и за време на спиритуалистички сесии (за да извлече несвесна мисла). Овој бил концепт подоцна бил популаризиран од Фројд. Ниту еден од критичарите или експертите не ги видел цртежите додека тој бил жив, бидејќи се плашел дека ќе го засенат неговото пишување. Но, тој на своите пријатели и на членови на семејството им ги давал цртежите и тоа во вид рачно изработени разгледници што ги испраќал додека бил во егзил. Подоцна, и Ван Гог и Делакроа му се восхитувале и се сложиле дека ако Иго му се посветил на сликарството, а не на книжевноста, тој ќе ги засенел сите сликари од своето време.
На островот Гернзи има статуа на Виктор Иго и секоја година се одржува меѓународен музички фестивал „Виктор Иго“. Градот Париз ги заштити и неговиот дом на Гернзи и Париз и ги претвори во музеи. Куќата во Луксембург во која престојувал во 1871 година во Луксембург е исто така музеј. Тој имал големо влијание и врз музиката, како инспирација. Иго најмногу уживал во Карл Марија фон Вебер и за „Евријанте“ на Вебер чиј хор на ловци го искористил во „Клетници“, тој рекол дека тоа е „можеби е најубавата музика досега напишана“.
https://www.youtube.com/results?search_query=euryanthe%2C+huntsman+chorus
Тој се воодушевувал на Бетовен, но и на Палестрина и Монтеверди, што во тоа време не било вообичаено. Негови пријатели биле Берлиоз и Лист, тој работел со Луј Бертин кој го напишал либретото за операта „Ла Есмералда“ во 1863 година, која е компонирана според ликот од „Богородичната црква во Париз“ и била изведена само пет пати. Денес не е позната, но неодамна започна повторно да се изведува. Повеќе од стотина опери се засноваат на драмите на Иго – „Лукреција Борџија“ на Доницети, „Риголето“ и „Ернани“ од Верди и „Ла Џоконда“ на Пончиели. Да додадеме, има многу театарски претстави, балети и многу музички парчиња што се инспирирани од песните на Иго.
Нема сомнение дека Иго е подеднакво сакан и ценет денес, најпознат во светот по Квазимодо, Козета и Жан, а помалку по неговите песни, иако во Франција и денес ги обожаваат неговите песни. Но, наследството е поголемо, бидејќи борбата за искоренување на сиромаштијата и за подобар и поправеден свет продолжува и денес.
За крај, уште еден интересен податок:
Во времето кога Виктор Иго го напишал романот „Богородичната црква во Париз“, катедралата повеќе не била црква. Со декрет од 1793 година, кралот и кралицата биле погубени, целото црковно земјиште било одземено, а градбите ограбени и одземени. Свештениците биле протерани, статуите уништени и црквите користени како магацини со храна. Наполеон ја завршил револуцијата во 1799 година и ги вратил мисите во црквите, а во Богородичната црква тој дури бил и крунисан за цар, но црквата сè уште била запоставена и заборавена. Наскоро, парижаните ја заборавиле 600-годишната црква, во срцето на градот, бидејќи околу неа растела населба од мали куќи, дива населба полна со ѓубре. И тогаш, во 1831 година, младиот писател го објавил романот „Богородичната црква во Париз“ во кој главната улога ја има црквата со неверојатна архитектура и аквадуктите.
Парижаните кои го разграбале романот се чувствувале засрамено и уште полошо било тоа што странци почнале да доаѓаат во Париз за да ја видат таа црква. Првите книжевни туристи биле многу изненадени кога ја виделе состојбата на главната „хероина“ од нивниот омилен роман, иако убавината била видлива и покрај сето тоа ѓубре. Парижаните дејствувале веднаш – тие напишале петиција за реновирање на зградата, законите биле донесени брзо, парите биле пронајдени и започнала реконструкцијата на црквата, која траела 25 години. По реновирањето, таа блескала во полн сјај и денес е симбол на Париз, гордоста на Париз. А гаргојлите? Тие сè уште гледаат од врвовите на црквата во градот со илјада светла. Благодарејќи на Виктор.
